feature

Швајцарецот Зомер ќе го замени Нојер во Баерн

Јан Зомер е спремен да ја напушти Борусија Мехенгладбах и кариерата да ја продолжи во Баерн Минхен.

Се очекува токму Зомер да биде замената за Мануел Ноер, кој се повреди и ќе го пропушти остатокот од сезоната. Баварците се во потрага по негова замена, а изборот паднал токму на Зомер, кој има големо искуство во Бундеслигата. Договорот на Зомер со Борусија исто така истекува во јуни 2023 година, па може за симболична сума да го напушти клубот во јануари.

Тој со години е еден од најдобрите голмани во Бундеслигата, а бранеше одлично и за Швајцарија на Мундијалот.


Нема одмор за Мбапе – веднаш се врати на тренинзите со ПСЖ

Напаѓачот на Париз Сен Жермен и репрезентативец на Франција, Килијан Мбапе, не зеде одмор после завршетокот на Мундијалот во Катар, и веднаш се врати на тренинзите со екипата.

24-годишниот Мбапе, со репрезентацијата на Франција доживеа пораз во финалето од Аргентина, но сепак беше стрелец на хет-трик на овај дуел.

Еден ден откако француската селекција го напушти Катар, Мбапе се врати во тренинг центарот на Париз Сен Жермен, и ги започна подготовките за продолжението на сезоната во Лига 1.


Роналдо до крајот на годината станува член на Ал Наср

Шпанска Марка пренесува дека клубот од Саудиска Арабија, Ал Наср, очекува дека Кристијано Роналдо до крајот на 2022.година ќе потпише две и пол годишен договор со екипата.

Роналдо се наоѓа во Дубаи и е подготвен да отпатува за Ријад, каде до крајот на декември би можел да потпише договор вреден 200 милиони евра по сезона.

Преговорите помеѓу Роналдо и Ал Наср започнаа после заминувањето на Португалецот од Манчестер Јунајтед, но истите беа прекинати поради одржувањето на СП во Катар каде Роналдо настапуваше за Португалија.

Во Саудиска Арабија доаѓањето на Роналдо се смета за државен проект, кој се очекува да ја стави оваа земја на светската фудбалска мапа.


Јошко Гвардиол е едно од откритијата на последното Светско првенство во Катар.

До Лајпциг стигнаа две понуди за Јошко Гвардиол

Младиот и суперталентиран стопер од Хрватска беше еден од најзаслужните за освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство, па не е ни чудо што многу клубови се сериозно заинтересирани да го доведат. Лајпциг ќе се мачи да го задржи по серијата добри игри.

Како што од утрово пренесуваат островските медиуми, Челзи е тој што сака да го доведе. „Сан“ пренесува дека двократниот шампион на Европа е подготвен да плати 51,5 милиони евра за неговото доаѓање.

Клубот од Лондон го следи од ова лето, но ќе има силна конкуренција од Шпанија, бидејќи го посакува и актуелниот европски првак Реал Мадрид. Шпанците оваа есен неколку пати испраќаа скаути на натпреварите на Лајпциг. Сепак, понудата на Челзи е далеку под бараните 80 милиони евра, додека сеуште не е познато колку се подготвени да понудат челниците на „кралскиот клуб“ од Мадрид.


Манчестер Јунајтед ги продолжи договорите со четири првотимци

Англиските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед го продолжи договорот со четворица фудбалери на првиот тим.

Своите договори со клубот од Олд Трафорд ги продолжија Маркус Рашфорд, Лук Шо, Диего Дало и Фред.

Договорите на овие фудбалери им истекуваа во јуни 2023 година. Договорот на крајот од сезоната му истекува и на голманот Давид де Хеа, меѓутоа преговорите за негово продолжување се во тек, бидејќи двете страни се договараат за висината на неговата плата. Голманот во моментот заработува 375 илјади фунти неделно.


ПСЖ и Галтие му дадоа одмор на Меси до средината на јануари

Лионел Меси најверојатно нема да игра за ПСЖ до средината на јануари.

Според весникот „Ле Паризиен“, по победата на Аргентина на Светското првенство во 2022 година, напаѓачот добил 10 дена за одмор.

Меси ќе тренира на индивидуална основа и најверојатно нема да игра за ПСЖ до средината на јануари. Се чека и клупска потврда.


Иско најави заминување од Севиља уште во јануари

Шпанскиот фудбалер, Иско, ќе си замине од Севилја и тоа по само неколку месеци откако двете страни потпишаа договор до 2024 година.

Медиумите на Пиринеите објавија дека Иско неодамна имал расправија со спортскиот директор, Мончи и дека по само 10 минути го напуштил тренингот.

Играчот дојде во Севилја како слободен агент од Реал Мадрид.  Тој со „белите“ за девет години освои се што можеше. Според одредени шпекулации, за неговиот потпис се заинтеерсирани Бетис и Рома.


Лазаров ги собра репрезентативците пред Мундијалот во Полска и Шведска

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров денеска во хотелот „Александар Палас“ ја има прват апрозивка на ракометарите повикани за настап на Светското првенство кое од 11 јануари следната година ќе се одржи во Шведска и Полска.

Македонија е во група со Норвешка (13 јануари), Холандија (15  јануари) и Аргентина (17 јануари), а предводникот на нашиот најдобар национален тим во рамките на подготовките на располагање ќе има 23 имиња.

Според планот нашите момци денес заминуваат во Маврово каде е предвидено да одиграат два пријателски натпревари против Црна Гора.

Пред Нова година ќе се вратат во Скопје, а на трети јануари ќе се одигра мечот на деценијата, по што следниот ден заминуваат во Хрватска каде ќе бидат дел од „Кроација Купот“.


Емилијано Мартинез продолжува со провокациите кон Мбапе

Голманот на репрезентацијата на Аргентина, Емилијано Мартинез, продолжува со неспортското однесување при прославата на титулата на својата земја на Мундијалот во Катар.

После контроверзниот гест при добивањето на трофејот за најдобар голман, како и после барањето на минута молчење за Мбапе во соблекувалната на Аргетнина, голманот Мартинез после враќањето во Буенос Аирес, продолжи со провокациите кон Мбапе.

На 24.роденден на француската звезда, Мартинез беше забележан од камерите како држи кукла-бебе со ликот на Мбапе.

Мартинез му ја замери на Мбапе изјавата дека Бразил и Аргентина не го имаат подигнато нивото на играта на големите натпреварувања.


Еурофарм Пелистер 2 ја прекина соработката со Дејан Кукулоски

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер 2, на спогодбен начин ја прекина соработката со ракометарот Дејан Кукулоски. 

24-годишниот Кукулоски имаше договор со клубот од Битола до јуни 2023 година, но двете страни се одлучија да стават крај на неговиот престој во клубот.

Дејан Кукулоски пристигна во Битола во 2020 година, и настапуваше за Еурофарм Пелистер. Оваа сезона ја мина во дресот на Еурофарм Пелистер 2 со кого обезбеди пласман во плеј-оф разигрувањето. Нов клуб на ракометарот ќе биде екипата на Брно од Чешка.