Милан, Ливерпул и Лестер се заинтересирани за италијанскиот репрезентативец Доменико Берарди. Милан сака да ја засили десната крилна позиција, а најголема желба на тренерот Пиоли е токму Доменико Берарди.
Берарди одигра уште една одлична сезона, постигна 17 голови, а покажува добри партии и на Европското првенство.
Меѓутоа, на „росонерите“ нема да им биде лесно да ја победат конкуренцијата бидејќи интерес за Италијанецот покажуваат уште Ливерпул и Лестер.
Сасуоло е спремен да го пушти, но за неговата слобода бара 40 милиони евра.
Само десет фудбалери во иста година освоиле ЛШ и Европско првенство
29-годишниот играч за врска на Италија и Челзи, Жоржињо го запиша своето име во историјата со тоа што стана еден од ретките играчи што постигнал едно несекојдневно статистичко достигнување, објави УЕФА на Твитер .
Според изворот, Жоржињо станал само десетти фудбалер кој во една сезона успеа да го освои Европското првенство и Лигата на шампионите. Минатата сезона за Челзи, Жоржињо учествуваше на 43 средби во сите натпреварувања, на кои постигна осум гола и две асистенции.
На Европскиот шампионат, тој одигра седум натпревари без да биде постигне гол или асистенција, но беше важен фактор во играта на својата репрезентација. Токму тој беше стрелец на решавачкиот пенал во дуелот со Шпанија во полуфиналето.
Леброн Џејмс објасни кога и каде ќе ја заврши кариерата
Леброн Џејмс веќе неколку години тврди дека неговиот сон е да заигра на ист НБА натпревар заедно со неговиот син Брони, независно дали во ист, или противнички дрес. За тоа ќе мора да почека уште барем три години, додека неговиот син не стекне право да се пријави на драфт.
Сега, промовирајќи го новото продолжение на филмот Спејс Џем, Леброн проговори поконкретно за своите амбиции за тоа каде и кога ќе ја заврши НБА кариерата, која трае веќе 18 години.
„Навистина се надевам дека кариерата ќе ја завршам во Лејкерс, дали за четири, пет, шест или седум години.“ – рече 36-годишниот Џејмс.
„Се надевам дека уште долго ќе можам да играм. Одлично ми е во Лос Анџелес, мојата фамилија го сака градот. Да се игра за оваа историска франшиза е нешто што никогаш не можев да замислам дека може да се случи.“
Леброн минатата година потпиша нов двегодишен договор со Лејкерси, до летото 2023. година. Тогаш, тој ќе има 38 години и 20 НБА сезони зад себе. Рекордер е Винс Картер со 22 сезони, а ако се земе предвид физичката подготовка на Леброн, нема причина кариерата да ја продолжи и понатаму и да го чека својот син доволно да порасне и напредува, па да му се приклучи во НБА.
Иако Брони не е „чудо“ од кошаркар каков веќе во средно училиште беше неговиот татко, америчките скаути го сметаат за еден од 15-те најталентирани играчи на својата генерација.
Бало Торе од Монако на прагот на Милан
Италијанските медиуми пренесуваат дека Милан е блиску до договор за трансфер на Бало Туре од Монако.
Станува збор 24-годишен лев бек кој одигра одлична сезона со Монако и на 30 натпревари запиша пет асистенции. Милан е во потрага по лев бек кој ќе биде алтернатива за Тео Хернандес, а скаутите на „росонерите“ имаат високо мислење за Бало Туре.
Двата клуба се во напреднати преговори и се очекува во наредните денови да постигнат договор за трансфер тежок шест милиони евра.
Ибрахимовиќ испрати посебна честитка до Донарума за европската титула
Златан Ибрахимовиќ го пропушти Европското првенство поради повреда, а неговата Шведска го заврши настапот на турнирот во осминафиналето со пораз од Украина. Напаѓачот на Милан по завршувањето на ЕУРО се огласи на Инстаграм, каде испрати честитка до Италија, а посебно до голманот на италијанската репрезентација и поранешен соиграч, Џанлуиџи Донарума.
„Не е лошо да се игра во Серија А, мојот втор дом. Честитки Италија.“ – порача Ибрахимовиќ, а потоа се осврна на Донарума, кој како фудбалер порасна во Милан, а од наредната сезона ќе игра за Париз Сен Жермен.
„Година дена со мене и сфати. Нема на што.“ – напиша Ибра.
Тоа беше пораката на Швеѓанецот со фотографија на Донарума како го држи трофејот во раце.
Англиските навивачи со петиција да се повтори финалето!
Англиските навивачи покренаа петиции со кои бараат да се повтори финалето од Европското првенство помеѓу Англија и Италија, а како причина за своите барања го наведуваат според нив лошо досудениот момент во кој Киелини со влечење го запре Букајо Сака.
Во прашање е ситуацијата од 96. минута од натпреварот во која Сака беше во контранапад покрај десната аут-линија. Киелини, во моментот кога Сака го претрча, со двете раце го повлече од зад грб и англискиот фудбалер се сруши на земја.
Италијанскиот стопер за тој старт доби жолт картон, но помеѓу англиските навивачи владее мислење дека беше „преблаго“ казнет и требаше да биде исклучен. Таквите навивачи бараат повторување на натпреварот.
Покренати се поголем број на петиции, а според наводите на англиските медиуми, одзивот не е баш сјаен.
Борусија ја одреди цената за Халанд
Томас Тухел сака сериозно да го засили тимот на европскиот шампион и побара од управата на Челзи ова лето да му го донесе Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, пишува Мирор.
Германски Билд реагираше на оваа вест со објаснување дека нема да има ништо од тој трансфер годинава.
Халанд има договорна клаузула според која може да замине за 75 милиони евра, но само во летото 2022. година. За следната сезона, Борусија сериозно смета на него и бара дури 175 милиони за предвремена разделба со Норвешкиот напаѓач.
Затоа, трансферот ова лето не е реален, но доколку се реализира, тој ќе биде втор по големина на сите времиња. Рекордер е сепак Нејмар, кој од Барселона премина во ПСЖ за 222 милиони евра.
Бајиќ: Да ја подмладиме репрезентацијата и да се вратиме на големи натпреварувања
Новиот селектор Драган Бајиќ официјално ја презеде македонската сениорска репрезентација, како наследник на Александар Тодоров.
Претходните денови тој тренираше со неколку потенцијални репрезентативци кои треба да бидат потпора на поискусните, но оние кои го носеа товарот претходните години, започнаа неделава.
На првиот тренинг, Бајиќ објасни што очекува од македонската репрезентација во следниот период.
„Се надевам дека ќе можеме да ги повториме резултатите од некоја не толку далечна иднина. Се што правевме од почетокот на моето преземање е со таа цел и јас од него не планирам да се откажам.
Сакам репрезентацијата да се подмлади, да направиме некој план и пат за во иднина за да успееме да се вратиме на големите натпреварувања. Од моето назначување, се обидов да ги следам сите кандидати за националниот тим, разговарав со сите нив и избрав некои момци на кои сега можам да сметам.
Ќе бидат тука 16 кошаркари кои ќе ги користиме во тренажниот процес и сите ќе конкурираат за репрезентацијата. Просечната возраст изнесува околу 24 години и мислам дека тоа треба да биде патот за иднината“- рече Бајиќ пред првиот собир на сениорите во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Колку заработи Италија со освојувањето на ЕУРО?
Според пишувањата на италијанските медиуми, Италијанскиот фудбалски сојуз заработи 28,5 милиони евра откако Италија го освои Европското фудбалско првенство, а играчите добија премија од по 250 илјади евра.
Калчомеркато пишува дека во случај на пораз, секој играч би добил по 200 илјади евра, 150 илјади доколку беа елиминирани во полуфиналето, а 80 илјади во случај на елиминација во четвртфиналето.
Од сите Европски првенства досега, Италија заработила околу 100 милиони евра, повеќе од било која друга репрезентација во историјата на фудбалот.
Манчини: Доминиравме и заслуживме да се радуваме среде Лондон
Роберто Манчини го предводеше својот тим до втората европска титула во историјата на Италија. Неговата селекција го доби финалето на Евро 2020 против Англија на „Вембли“ на пенали.
Италијанците примија гол на стартот на натпреварот, но тренерот верува дека после тоа неговиот тим доминираше на натпреварот. Низ солзи во очите, тој рече дека сега секој во неговата татковина може да слави.
„Момците добро се снајдоа. Примивме ран гол и тоа ни ја отежна работата, но од тој момент доминиравме. Моите играчи се фантастични, не знам што друго можам да кажам. Ова беше важен успех за сите луѓе во нашата земја“, рече Манчини.
Ова беше 34-ти последователен натпревар без пораз за Италија под водство на овој селектор, а последен пат беа поразени од Португалија во 2018 година.
„Среќен сум што играме добро и победуваме. Верувам дека сите слават токму сега. Среќни сме и само тоа е важно. Се чинеше неверојатно дури и да се размислува за тоа, но момчињата беа неверојатни. Немам зборови, тие се одличен тим. Не беше лесен натпревар, всушност беше доста тежок, но сепак доминиравме. Потребна ви е и малку среќа со пеналите. Затоа малку ми е жал за Англија. Нашиот тим порасна многу, но сепак можеме да напредуваме. Среќен сум за сите Италијанци, немам зборови“, заврши Манчини.