feature

Одземено домаќинството на Русија за Светското првенство во одбојка

Светската одбојкарска федерација, соопшти дека овогодинешното Светско првенство во одбојка за мажи нема да се игра во Русија, и во наредниов период ќе се бара нов домаќин за организација на истото.

„Поради воената инвазија на Русија врз Украина, федерацијата е сериозно загрижена за безбедноста на граѓаните на Украина. Управниот одбор дојде до заклучок дека поради војната во Украина, нема да биде можно одржување на Светското првенство во Русија. Затоа е одлучено да се одземе домаќинството на Русија за првенството кое требаше да се одржи во август и септември 2022 година. За одлуката се известени Одбојкарскиот сојуз на Русија како и организациониот комитет на првенството. Светската федерација ќе бара нов домаќин каде сите земји учеснички на првенството и навивачите би се чувствувале безбедни.


Лапорта повторно се надева дека Дембеле ќе остане во Барселона

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта на прес-конференција објави дека се надева дека Усман Дембеле ќе остане во тимот по крајот на сезоната.

Дембеле знае за нашата понуда и дека отсекогаш сме сакале тој да остане тука. Се надевам дека ќе размислува за тоа до крајот на сезоната“, изјави Лапорта.

И тренерот на екипата, Чави Ернандез, даде свое мислење за Дембеле по убедливата победа од 4:0 над Атлетик Билбао.

“Во фудбалот не можете да сметате дека нешто е невозможно. Погледнете, Дембеле претходно не играше, но сега игра и го прави тоа одлично. Но продолжувањето на неговиот договор не зависи од мене. Тоа е нешто што зависи од клубот и играчот“, изјави Чави.


Русија и Белорусија суспендирани од европскиот ракомет

Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека ги суспендирала репрезентациите на Русија и Белорусија, како и руските и белоруските клубови кои се натпреваруваат во европските ракометни натпреварувања.

Со оглед на воената ситуација во Украина и препораките на Меѓународниот олимписки комитет, Извршниот комитет на Европската ракометна федерација вечерва одржа вонреден состанок.

13 членови ги донесоа следните одлуки:

-Репрезентациите на Русија и Белорусија, како и руските и белоруските клубови кои се натпреваруваат во европските ракометни натпреварувања веднаш се суспендирани. Ова важи до понатамошно известување и се однесува на сите тековни натпреварувања на клупско и репрезентативно ниво.

Судиите и официјалните лица од Русија и Белорусија нема да бидат номинирани за идните натпревари до дополнително известување. Предавачи и членови на комисиите од Русија и Белорусија нема да бидат поканети на идните состаноци и активности.


Џеси Марш е нов тренер на Лидс Јунајтед

Американецот Џеси Марш е наследникот на Марсело Биелса на тренерската позиција во Лидс.

„Лидс може да го соопшти назначувањето на Џеси Марш, за нов главен тренер на екипата. 48-годишниот стратег потпиша договор до јуни 2025 година, и негов прв натпревар ќе биде против премиерлигашот Лестер“, стои во соопштението на клубот.

Џеси Марш претходно работеше во бундеслигашот РБ Лајпциг, но остана без тренерски ангажман откако во декември минатата година доби отказ поради лошите резултати на тимот.


Путин остана без црниот појас во теквондо

Светската теквондо федерација повикуваќи се на своето мото „Мирот е подрагоцен од победата“, му го одзеде на Владимир Путин црниот појас. Поради моменталната воена акција во Украина тие велат дека„ бруталните напади на невини животи ги прекршуваат вредностите на почит и толеранција што ги негува овој спорт“.Ова следува два дена откако Меѓународната џудо федерација кажа дека го суспендира статусот на Путин како нејзин почесен претседател и амбасадор.


ПСВ Ајндховен сака да го врати Мемфис Депај

Мемфис Депај во летниот трансфер период веројатно ќе го напушти составот на Барселона. За неговите услуги од претходно се заинтересирани: Јувентус, Наполи, ПСЖ и според денешните пишувања во медиумите, неговиот поранешен клуб ПСВ Ајнтховен.

Наводно, холандскиот состав сака да го врати 28-годишниот напаѓач кој ги бранеше боите на клубот од 2011 до 2015 година.

Депај кој има 24 настапи и 9 голови во сите натпреварувања за Барса,  по доаѓањето на Чави го загуби стартното место на „Камп Ноу” и веројатно ќе побара трансфер.


Спалети: Овој Наполи има квалитет и карактер за титула

Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети одговори на критичарите на тимот по победата од 2-1 над Лацио во натпревар од 27. коло на италијанскиот шампионат.

„Небесносините“ се на врвот на табелата со 57 бодови, исто колку и вториот Милан.

„Тимот одигра добар фудбал во второто полувреме. Голот на Педро го врати Лацио во мечот, но пред тоа имавме неколку можности да го зголемиме водството. Мислам дека генерално ја заслуживме победата. Ова им го потенцирам на сите кои се жалеа дека овој тим нема карактер. Сакам да слушнам што ќе кажат сега. Наполи дефинитивно има карактер. Тимот има потенцијал и го покажа денеска. Лацио игра добар фудбал, но мислам дека не е погрешно да се каже дека ја заслуживме победата. Имаме добар тим и тимот го прави тоа што треба“, изјави Спалети.


Два премиерлигаши го сакаат Габигол

Англиските фудбалски состави Брајтон и Вест Хем, може да влезат во битка за потписот на напаѓачот на Фламенго, Габриел Барбоса.

Според медиумите , двата клуба се насочија кон 25-годишниот Бразилец. Габигол имаше исклучителна сезона за Фламенго. На 42 натпревари постигна 29 гола.

25-годишниот Бразилец продолжи со добрите игри и во новото првенство откако на 5 мечеви постигна 4 голови. Според проценките, негиовата трансферна вредност е околу 25-30 милиони евра.


Промовиран новиот Ф1 болид на Алфа Ромео

Формула 1 тимот на Алфа Ромео ОРЛЕН, го откри новиот дизајн на болидот за сезоната 2022.

Новото „лице“ на болидот С42 е промовирано после официјалните тестирања во Барселона кои тимот ги имаше изминатата недела.

 Двајцата возачи на Алфа Ромео, Валтери Ботас и Гвању Жу, очекуваат брзо прилагодување на болидот и остварување на добри резултати во претстојната сезона.

Првиот викенд во календарот на Формула 1 на програмата е од 18. до 20. март кога ќе се вози трката за Големата награда на Бахреин.


ФИФА ќе ја исфрли Русија од сите фудбалски натпреварувања

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ќе ја отстрани Русија од сите натпреварувања под нејзино покровителство до понатамошно известување, објави Ројтерс.

Тоа значи дека на репрезентацијата од оваа земја нема да и биде дозволено учество во плеј-офот за пласман на СП во Катар 2022 година.

Според информациите, ФИФА е во напредни разговори со европската централа УЕФА за ова прашање и одлуката може да биде донесена денеска. Според прелиминарниот распоред, Русија треба да игра против Полска во бараж натпреварите на 24 март, но полската федерација во саботата соопшти дека категорично одбива да игра на овој натпревар.

Подоцна ја поддржаа Шведска, Чешка, Албанија и Велика Британија, кои исто така одбија да играат против Русија.