feature

Варан: Натпреварите во Премиер лигата се со посилен интензитет од оние во Ла Лига

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рафаел Варан, во интервју за шпанските медиуми, даде мислење околу разликата во играњето во шпанската Ла Лига и англиската Премиер лига.

„Се чувствувам подобро и стекнав континуитет во играта, за разлика од стартот на сезоната, кога имав некои проблеми во настапите. Подобри ми оди и комуникацијата со англискиот јазик што многу ми значи во контактот со соиграчите. Според мене најголемата разлика меѓу Премиер лигата и Ла Лига е во интензитетот на натпреварите. Во Англија притисокот од противничките екипи е многу посилен и поизразен, додека во Шпанија дуелите се посмирени и физички послаби“, истакнува Варан.


Чави: Барселона е во налет

Тренерот на Барселона, Чави се надева дека неговиот тим ќе се искачи на табелата и ќе се вмеша  во битката за што повисок пласман во преостанатите натпревари до крајот на сезоната во шпанската Ла Лига.

Каталонците остварија убедлива победа од 4-0 над Атлетик Билбао и сега се наоѓаат на четвртото место од лигашката табела, со само еден бод зад третопласираниот Бетис.

„Очекував ваква победа бидејќи гледам како тренираат момците. Тимот е подобар, ние добиваме на брзина. Одигравме цврсто, самоуверено во одбраната, добро притискавме кога ја загубивме топката. Среќен сум и за поддршката од публиката. Борбата за титулата? Не исклучувам ништо, но Реал е многу силна екипа. одиме чекор по чекор на табелата, сега сме четврти, и целта е наскоро да го заземеме третото место“, изјави Чави.


Ибрахимовиќ: Не се откажувам додека не освојам трофеј со Милан

Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, поради повреда веќе подолго време е надвор од теренот и не е во можност да им помогне на своите соиграчи од тимот.

Но,популарниот Ибра и покрај сите проблеми во оваа сезона, истакнува дека не планира да застане и очекува дека ќе потпише нов договор со росонерите.

„Мојот живот, мојата иднина е фудбалот. Навистина сум разочаран што во моментов неможам да настапувам и да бидам во тимот кој игра во се подобра форма. Посакувам да се вратам на теренот што е можно побрзо и да им помогнам на моите соиграчи. Нема да се откажам додека не освојам трофеј со овој Милан, порачува Златан.


Пресврт во Челзи: Роман Абрамович сепак останува сопственик

Роман Абрамович, сепак, ќе остане сопственик на Челзи.

Според новинарот Фабрицио Романо, Абрамович ќе биде сопственик на Челзи и покрај најавата за заминување од Лондон. Директорот Марина Грановскаја и Петр Чех ќе се справат со сите аспекти од работата на клубот, вклучително и потпишување на нови договори, трансфери и слично, додека трае кризата во Украина.

Абрамович го предаде управувањето на Челзи на добротворната фондација со цел да го заштити клубот, неговото раководство, но и играчите.


Алиоски со емотивна порака за Марсело Биелса

Македонскиот фудбалски репрезентативец Езѓан Алиоски кој од оваа сезона настапува за Ал –Ахли во Саудијска Арабија, испрати порака преку социјалните мрежи кон својот поранешен тренер од Лидс Јунајтед, Марсело Биелса.

Биелса и официјално заработи отказ од страна на раководството на Лидс, поради лошите резултати на тимот во последните неколку кола од Премиер лигата.

Нашиот Алиоски додека настапуваше во екипата на Лидс, беше еден од најстандарните поединци во тимот на Биелса и во тој период успеа да постигне видлив напредок во својата игра.

Како благодарност и почит за односот и работата на Марсело Биелса, Алиоски ја напиша следнава порака кон својот поранешен тренер: „Засекогаш ќе бидам благодарен за тоа што го направи за мене! Беше чест да се работи со тебе и да се учи од тебе! Ти благодарам Марсело Биелса“.

https://twitter.com/ezgjanalioski/status/1497947065925705730?s=20&t=Jr-CKymoXh3C8kLopb2uRA



Чави ќе тргне по Калиду Кулибали од Наполи

Барселона е заинтересирана за дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали.

Според новинарот на каталонското радио, Рикар Торкемада, главниот тренер на Барса, Чави, сака да го види Кулибали во тимот.

Договорот на играчот со Наполи истекува во летото 2023 година. Барселона ќе може да го ангажира само доколку наполитанскиот клуб е подготвен да го продаде играчот по цена прифатлива за Каталонците.


Александар Петровиќ по една деценија се врати на клупата на МЗТ Скопје

Откако пред неколку дена ја раскинаа соработката со тренерот Дарко Радуловиќ, од екипата на МЗТ СКопје Аеродром денес го објавија името на новиот тренер кој ќе го предводи тимот во наредниот период.

„Еден од најпрепознатливите тренери поврзани со МЗТ Скопје Аеродром во првата деценија од 21. век, Александар Петровиќ, се враќа на клупата на нашиот клуб, откако од денеска и официјално е нов предводник на плаво-белата чета.

Тој доаѓа на местото на Дарко Радуловиќ, со кого беше прекината соработката по неуспехот во финалето од Купот на Македонија пред една недела. За Петровиќ ова ќе биде трето преземање на нашиот клуб, со оглед што претходно седеше на клупата на актуелниот шампион во периодот помеѓу 2001 и 2007 односно 2009 и 2011 година. Има работено уште и во Пелистер, Карпош Соколи и Куманово, а во „Јане Сандански“ се враќа од местото шеф на стручниот штаб на Академија ФМП, каде што работеше изминативе две сезони.

Петровиќ е и поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија и секако еден од тие кои беа со МЗТ Скопје во најтешкиот период на клубот, а без кои немаше да следува ниту деценијата со осум освоени титули (една сезона немаше шампион)“ се вели во информацијата објавена на веб-страната на МЗТ Скопје Аеродром.


Биелса сменет, Џеси Марш нов менаџер на Лидс

Поранешниот тренер на РБ Лајпциг, Џеси Марш, наскоро може да седне на клупата на наглискиот премиерлигаш Лидс Ј. Според информациите во Англија, актуелниот тренер на Лидс, Марсело Биелса ќе добие отказ.

Англискиот клуб му понудил на Марш двегодишен договор. 48-годишниот Американец замина од РБ Лајпциг во декември и засега е без ангажман.

По 26 натпревари, Лидс е на  16. место на табелата  во Премиер лигата, а загуби четири натпревари по ред со вкупна гол-разлика 2:17.


Нов малер за Дејвис, ѕвездата на Лејкерси еден месец надвор од терените

Една од првите ѕвезди на ЛА Лејкерс, Ентони Дејвис, најверојатно ќе пропушти уште 4-5 недели поради истегнувањето на десниот зглоб.

По петочниот пораз од ЛА Клиперс, Лејкерси имаат скор од 27 победи и  32 порази и се најдоа на 9-тото место во Западната конференција.

Дејвис се повреди во првото полувреме на мечот со Јута минатата среда.


Манчестер Јунајтед тргнува по Хари Кејн

Германскиот весник „Билд“ тврди дека Манчестер Јунајтед ова лето подготвува понуда за напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн.

„Црвените ѓаволи“ се решени да доведат напаѓач од светска класа и последните информации се дека ќе направат огромни напори за ангажман на англискиот репрезентативец.

28-годишниот Хари Кејн и порано се поврзуваше со трансфер на Олд Трафорд. Сепак изминатото лето тој беше многу блиску до премин во градските ривали на Јунајтед, тимот на Манчестер Сити, но до тоа не дојде бидејќи претседателот на Тотенхем, Даниел Леви не се согласи со негова продажба.