feature

Брестовац повика тројца сенатори, Македонија спремна за повик за СП

Селекторот на нашите најдобри ракометари, Данило Брестовац, ги повика Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Никола Маркоски да се вклучат во подготовките откако ќе го поминат задолжителното тестирање за ковид-19.
Крилото, Гоце Георгиевски, кој го прележа вирусот, нема да се врати во селекцијата бидејќи е надвор од посакуваниот ритам. Избраниците на Брестовац на 10 јануари ќе го одиграат и вториот контролен меч со Чиле во Скопје.
Ние се надеваме дека некоја селекција пред се Чешка која има проблеми со заразени ракометари ќе се откаже и дека ќе и го отвори патот на Македонија да замине на Мундијалот во Египет.


Поранешниот стан на Бендтнер се продава за ЧЕТИРИ фунти!

Поранешниот стан на Свен Горан Ериксон и Никлас Бендтнер се појави во огласник и се продава за само четири фунти!
Редовната цена му е околу 550 илјади евра, но причината за вака ниска цена е лотаријата поради која станот се најде на пазарот. Тој ќе биде главна награда на извлекувањето за кое тикетот чини точно четири фунти.
Овој стан го користеше Ериксон додека беше селектор на Англија, додека Бендтнер додека играше за Нотингем Форест една сезона.
Станот е сместен во Нотингем на реката Трент, а има две двокреветни спални соби, модерна кујна и два тоалети. Она што секако привлекува внимание е тоа што има заеднички базен, џакузи и теретана, како и подземен паркинг. На рекламата за станот е истакнато и дека има неверојатен поглед од балконот.
Еве како тој изгледа.

https://www.facebook.com/watch/?v=2796251060629632


Бекам го отпушти тренерот на Интер Мајами, доведува легенда на Јунајтед?

Американскиот фудбалски прволигаш Интер Мајами, чиј сопственик е Дејвид Бекам, му врачи отказ на уругвајскиот стручњак Диего Алонсо.
Мајами во својата прва МЛС сезона заврши на 10. место во Источната конференција и не успеа да се пласира во првото коло од доигрувањето.
„Беше ова тешка година и доста тешка одлука за сите нас, но веруваме дека тоа е вистинскиот чекор за клубот. Нашите очекувања се големи.“ – изјави Жорге Мас, еден од косопствениците на клубот.
Британските медиуми јавуваат дека најголем кандидат за испразнетото место на клупата е селекторот на англиската женска репрезентација, Фил Невил.
Поранешниот соиграч на Бекам веќе најави дека ќе ја напушти репрезентацијата кога во јули годинава ќе истече неговиот договор.


Семејството Малдини има 1000 натпревари за Милан

Семејството Малдини со неверојатен рекорд во Милан, три генерации играчи се посветени на црвено-црната боја, а со настапот на Даниел Малдини против Јувентус, запишана е бројка од 1.000 натпревари. Даниел Малдини кој има 19 години, е син на Паоло Малдини, а тој на Чезаре, сите тројца досега имаат вкупна бројка од 1000 настапи во дресот на Милан, ретка традиција во светот на фудбалот. Паоло Малдини во периодот од 1984. до 2009. година, одигра 647 натпревари, Чезаре од 1954. до 1966 година одигра 347 меча. Она што е интересно е дека тие беа дефанзивци, додека Даниел е напаѓач.


Јунајтед плати 40 милиони евра за талентот на Аталанта

Трансферот на 18-годишниот фудбалер беше договорен уште во октомври минатата година за сума од 21 милион евра плус 20 милиони евра во бонуси. Аталанта бараше Диало да остане кај нив до крајот на сезоната, но таквата идеја не беше одобрена од Манчестер јунајтед, а и фудбалерот сакаше што побрзо да се пресели на Олд Трафорд. Манчестер јунајтед сега потврди дека сите формалности се завршени и тој наскоро ќе биде кај нив. „Манчестер јунајтед со задоволство потврдува дека доаѓањето на Амад Диало од Аталанта е финализирано. Тој потпиша договор со крајот на јуни 2025 година со опција за уште една сезона. Договорот меѓу клубовите беше постигнат на 5 октомври 2020 година, а комплетирањето на трансферот се случи откако играчот ги помина медицинските тестови и беа договрени личните услови“, се вели во соопштението на Јунајтед.


Зидан во изолација, нема да ја води екипата против Осасуна

Зинедин Зидан имал контакт со човек кој имал коронавирус и од таа причина е во изолација и не го водел вчерашниот тренинг на Реал Мадрид. Тој е во перфектна состојба но според протоколот мора да биде во изолација и во меѓувреме да направи ПСР тест. Доколку биде негативен, Ла Лига потоа ќе одлучи дали ќе му даде зелено светло на Зидан да го води тимот на гостувањето кај Осасуна, или ќе биде потребно уште некој ден да остане во изолација.


Лампард „виси“, Шевченко најсериозен кандидат да го наследи

Менаџерското столче на Френк Лампард во Челси се тресе, без оглед што клупската легенда ужива голема доверба кај сопственикот Роман Абрамовиќ. „Сините“ периодов не играат на потребното ниво и се наоѓаат во слободен пад на табелата. Полека се зголемуваат шпекулациите за отказ на Лампард, а со тоа се појавуваат информации за негов потенцијален заменик на „Стемфорд Бриџ“. Најсериозни кандидати се Томас Тухел и Масимилијано Алегри, кои се слободни агенти, а деновиве се поврзува и селектор на Украина, Андриј Шевченко. Украинецот не брилираше во дресот на Челси но остави голема трага со професионализмот и одличната работа која ја извршува во националната селекција. Шевченко сигурно ќе им биде голема конкуренција на Тухел и Алегри, во случај Лампард да добие отказ.


Французинот Вестерман потпиша за Барселона

Барселона ги засили своите редови со 28-годишниот плејмејкер, Лео Вестерман. Вестерман се договори со каталонците и ќе го носи овој дрес до 30 јуни 2022 година. Неговата задача ќе биде да помогне во организацијата на нападите со оглед на тоа што во изминатиов период голем товар падна врз Калнеитис со оглед на тоа што клубот одлучи да не смета на Ертел со кого имаше и една непријатна епизода во Истанбул. Квалитетите на Лео многу добро му се познати на тренерот Шарунас Јасикевичиус со оглед на тоа што двајцата соработуваа во Жалгирис во сезоните 2016/17 и 2018/19. Французинот има одиграно 139 мечеви во Евролигата за Партизан, Лимож, Жалгирис, ЦСКА Москва и Фенербахче со просек од 6,6 поени.


Едно од најголемите промашувања на Реал се враќа на фудбалот

Ројстон Дренте, поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, потпиша договор со шпанскиот третолигаш Расинг Мурсија.
Пред 13 години, во 2007. година, Дренте како талентиран 20-годишен фудбалер за 14 милиони евра пристигна од Феенорд во Реал и на дебито постигна подогок од 40 метри. Тогаш, ретко кој веруваше дека ќе биде едно од најголемите промашувања на мадридскиот клуб.
Беше склон на инциденти, повеќе време поминуваше на забави и на насловни страни на таблоидите отколку на терен, па набрзо падна во заборав. За Реал одигра 46 натпревари, две сезони беше на позајмици во Херкулес и Евертон, а Мадрид го напушти во 2012. година.
Потоа, играше за Аланија, Рединг, Шефилд, Кајсери, Банијаш. Во ниту еден од овие клубови не се задржа подолго од една година. Пред две години, направи пауза од фудбалот и се посвети на својата музичка кариера.
Минатата сезона настапуваше во третата холандска лига, а сега како 33-годишен се обидува да се врати на фудбалот.


Џошуа: Се ближи крајот на мојата кариера

Британскиот боксер Ентони Џошуа изјави дека се ближи крајот на неговата кариера и оцени дека му остануваат најмногу уште пет години пред да се повлече.
Откако дебитираше како професионалец во 2013. година, Џошуа е двоен светски шампион во тешка категорија, во 2019. година во реваншот против Енди Руис ја освои титулата во ВБА, ИБФ и ВБО верзија, а ги одбрани минатиот месец со нокаут против Кубрат Пулев.
„Ова не е почеток на мојата кариера, се ближам кон крајот. Не сум некој кој живее во моментот и мисли дека се ќе биде како што е сега. Секогаш планирам за иднината и знам дека одам кон крајот на кариерата. Останаа уште пет години, тоа е практично олимписки циклус.“ – изјави Џошуа.
„Имам олимписки циклус и уште малку повеќе, па кога ќе ги гледате наредните Олимписки игри, тогаш ќе се приближам кон крајот на кариерата и на сцена ќе дојде наредната генерација.“ – изјави 31-годишниот боксер.
Оваа година се очекува големата борба против Тајсон Фјури.