feature

Роналдо: Да имав памет како Меси и Кристијано, ќе постигнев дупло повеќе голови во кариерата

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо откри кој играч според него е најдобар актуелен напаѓач во светот.

„Најдобар напаѓач на светот денес? Според мене тоа е Карим Бензема. Левандовски е блиску до него, а Халанд ќе биде на врвот во наредните години. Разликата е во тоа што Норвежанецот ја нема техниката на останатите двајца“.

Роналдо меѓу другото проговори и за кариерите на Лионел Меси и Кристијано Роналдо : „Да имав мозок во главата колку тие двајца, ќе постигнев двојно повеќе голови во мојата кариера,“ порача Роналдо.


Лампард го сака Ешли Кол во стручниот штаб на Евертон

Франк Лампард кој од вчера го презеде кормилото на фудбалскиот состав Евертон има намера да го ангажира во стручниот штаб неговиот поранешен соиграч од Челзи, Ешли Кол, најавија медиумите во Англија.

Легендарниот лев бек моментално работи во Академијата на „сините“ и  паралелно како тренер на младата селекција на Англија.

Кол доколку ја прифати понудата ќе им се придружи на: Џо Едвардс,  Пол Клемент,  Крис Џонс,  Данкан Фергусон и тренерот на голманите Алан Кели.


Премиерлигашите потрошија 295 милиони фунти оваа зима

Клубовите во англиската Премиер лига потрошија четири пати повеќе во изминатиот месец споредено со јануари во 2021 година.

Тука во преден план се наметна тимот на Њукасл кој има нови богати сопственици. Според проценките, екипите од Островот  потрошиле вкупно 295 милиони фунти за трансфери што е многу повеќе од минатогодишнте 70 милиони, но, далеку од 430-те милиони од зимата во 2018 година.

Интересно е дека Манчестер Јунајтед, не потроши ниту денар за нови играчи, но, профитираше од трансферите на Ентони Марсијал и Дони ван де Бек.


Масовно тестирање и карантин во Пекинг поради Олимписките игри

Неколку области во Пекинг се ставени под карантин откако беа регистрирани 20 случаи на коронавирус во еден ден, што е најголем број од јуни 2020 година.

Жителите на Пекинг масовно се испраќаат на тестирање. „Локдаунот“ е воведен во областа околу еден од хотелите каде што престојуваат новинарите. На оваа улица има постојана редица од локалното население за тестирање.

Олимпијадата во Пекинг официјално се отвора на 4 февруари, а првите натпревари започнуваат два дена претходно.

Во кинеската престолнина се воведени строги безбедносни мерки, маски мора да се носат дури и на улица.


Кулушевски: Во Тотенхем пристигнав поради Конте

Новото засилување во тимот на Тотенхем, Дејан Кулушевски вели дека научил многу во Италија, играјќи за Аталанта, Парма и Јувентус. 

Тој призна дека се преселил во тимот од Лондон поради Антонио Конте. „Со нетрпение очекувам да играм под водство на тренерот. Го познавам од неговиот престој во Интер. Тој е победник и тоа е нешто кон што и самиот се стремам да бидам “, изјави поранешниот играч на Јувентус.

Шведскиот репрезентативец кој е со македонски корени ќе остане на позајмица во Тотенхем до јуни 2023 година, за што клубот издвои 10 милиони евра.

„Среќен сум што сум овде. Важно е да се забавувате кога играте. Се преселив во Аталанта од Бергамо на 15 години, беше забавно но и тешко. Имав две интензивни години во Јувентус со двајца различни тренери. Таму научив многу, играјќи со некои од најдобрите светски фудбалери. Беше големо искуство, но Премиер лигата е најдобра во светот“, изјави Кулушевски во своето прво интервју по потпишувањето за Тотенхем.


Борусија Дортмунд фаворит за потписот на Никлас Зуле

Дефанзивецот Никлас Зуле, кој на лето ќе го напушти Баерн, може да остане во германската Бундеслига.

26-годишниот фудбалер може да се пресели во Борусија Дортмунд како слободен играч. Извршниот директор на Баерн, Оливер Кан, минатиот месец потврди дека клубот не можел да се договори за нов договор со Зуле.

Претставниците на Борусија разговараат со дефанзивецот и има голема веројатност да постигнат договор. Борусија Дортмунд беше заинтересирана за него уште во 2016 година, кога играчот играше за Хофенхајм.


Федерер првпат по две децении испадна од ТОП 20 на АТП листата

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е на 30. место на АТП листата. Федерер оваа недела падна за дури 13 позиции и од 17. место сега е на 30. позиција.

За прв пат по 21 година Федерер испадна од Топ 20. Поминаа две децении откако Федерер беше надвор од Топ 20.

Последен пат кога тоа се случи беше на 8 јануари 2001 година, а следната недела ќе испадне од Топ 30.

Тоа ќе биде првпат да излезе од Топ 30 по 22 години


Војдан се врати во МЗТ Скопје, шампионот доби големо засилување

Големо засилување за МЗТ Скопје – потпишаа со Војдан Стојановски!

Војдан Стојановски во МЗТ Скопје ќе настапува заедно со неговиот брат Дамјан и во клубот очекуваат да биде еден од клучните играчи во одбраната на титулата во домашното првенство, но промоција во јадранската лига преку АБА2 лигата.

За Војдан Стојановски ова ќе биде враќање во македонската клупска кошарка по повеќе од една деценија, со оглед што интернационалната авантура ја почна во 2011 година, кога замина за Украина.

Од тогашниот настап за Черкасеи мавпи, македонскиот репрезентацивец настапуваше за Доњецк, Алба Берлин, Андора, Реал Бетис, Бујукчекмече, Олденбург, По Ортез и Гравелин. Кариерата ја почна во Вардар, а има играно уште и за АМА-СП, Напредак Крушевац и за Фени Индустри.

Договорот на Војдан е до крајот на сезоната, со можност за евентуално понатамошно продолжување на соработката ако двете страни најдат заеднички јазик по одигрувањето на последниот меч.


Владимир Димитровски потпиша за исландски Гриндавик

Во последниот ден од преодниот рок македонскиот фудбалер Владимир Димитровски направи трансфер во Исланд.

Овој трансфер привлекува внимание затоа што е реткост македонски фудбалери да прават трансфери во оваа земја. 33-годишниот Димитровски ќе настапува за тимот на Гриндавик.

Димитровски беше слободен агент и веќе одигра два натпревари за овој клуб во подготвителниот период.

Претходниот ангажман го имаше во Грузија каде што го носеше дресот на Телави, а во кариерата играше уште за Докса, Керкира, Кроација Сесвете, Теплице, Карабах…Во Македонија настапуваше за Работнички, Вардар, Металург и Цементарница 55.


Официјално: Деле Али е нов играч на Евертон

Играчот од средниот ред на Тотенхем, Деле Али, и официјално е нов играч на Евертон. 

Репрезентативецот на Англија потпиша 2,5 годишен договор  со „карамелите“ од Ливерпул. Целиот трансфер доцнеше поради проблеми со обработката на податоците, но на крајот беше исполнета желбата на новиот тренер на Евертон, Френк Лампард.

„Исклучително сум среќен што потпишав за клуб кој има богата историја и многу навивачи. Едвај чекам да дебитирам за мојот нов тим. Возбуден сум што ќе можам да работам под водство на Френк Лампард“, изјави Али после потписот на договорот.