feature

Конор Мекрегор заинтересиран за купување на Челзи?

Рускиот милијардер и сопственик на Челзи, Роман Абрамович, веќе донесе одлука за продажба на клубот, поради притисоците и рестрикциите врз руските бизнисмени после нападот на Русија врз Украина.

Продажната цена која се споменува изнесува околу 3 милијарди фунти и засега инерес за купување имаат изразено неколку светски финансиски конзорциуми.

Како изненадување се појави и веста дека популарниот поранешен УФЦ борец, Конор Мекрегор има желба да стане сопственик на Челзи. Тој преку пост на социјалните мрежи објави дека сака да ја истражи опцијата за купување на клубот.


Рибери претрпел полесни повреди при сообраќајна незгода во Салерно

Франк Рибери синоќа доживеа сообраќајна несреќа, пишува италијански „Кориере дело спорт“. Искусниот 38-годишен Французин во три часот по полноќ бил сопатник во автомобил, кој удрил во столб за јавно осветлување. Со полесни повреди бил пренесен во болница во Батипаља, по што бил пуштен дома.

Полицијата била на лице место, а за несреќата пријави и клубот на Рибери, Салернитана.

„Франк Рибери, кој не го возел автомобилот, има полесни повреди на главата. Превентивно, ќе мирува во следните неколку дена“, соопштија од клубот во кој Рибери пристигна минатата година како слободен играч.

Поранешниот француски репрезентативец најдобрата година во кариерата ја мина во Баерн Минхен, каде во 2007 година пристигна од Марсеј и остана 12 години.

Пред да потпише за сегашниот клуб, тој две години го носеше дресот на Фиорентина.

Тој оваа сезона забележа 16 настапи за Салернитана, која е на последното место во Серија „А“ со 15 бодови.


Верстапен ќе заработува 48 милиони евра по сезона

Според најновите информации, тимот на Ред Бул сака да го задржи Макс Верстапен во своите редови до крајот на кариерата. 

Поради тоа на Верстапен му е понуден договор со кој ќе заработува 48 милиони евра по сезона. 

Актуелниот светски првак веќе беше на разговори во седиштето на тимот во Англија, и практично се завршени сите детали околу новиот договор и се очекува тој да биде официјално потврден во најскоро време. 

Со потписот Верстапен ќе стане најскапо платениот возач во Формула 1 натпреварувањето.


Марсело: Ако јас се прашувам би ја завршил кариерата во Мадрид

Реал Мадрид е на добар пат оваа сезона да ја освои титулата во домашното првенство, а на лето се очекува реконструкција на екипата, како и заминување на неколку фудбалери, меѓу кои е и Марсело.

Бразилецот помина многу години во „кралскиот клуб“, па 33-годишниот играч има желба да ја заврши кариерата на „Сантијаго Бернабеу“.

„Мирен сум, ова е мој клуб. Сакам да ја завршам кариерата во екипата, но не е сè до мене. Има и други луѓе кои ќе влијаат на одлуката. Нема привилегии за никого. Чест ми е да сум еден од капитените на клубот“, вели Марсело. Дефанзивецот пристигна во Мадрид во 2007 година и сè уште го памети денот кога потпиша за „кралевите“.

„Пристигнав со мојот агент за да се запознаам со Мадрид. Моите работи сè уште беа во Флуминезе. Ѝ кажав на девојка ми дека го видов Бекам…“, открива Бразилецот.


Фјури размислува за пензија по дуелот со Дилијан Вајт

Светскиот шампион во тешка категорија, Тајсон Фјури, планира да стави крај на професионалната боксерска кариера по мечот против Дилијан Вајт.

Пресметката меѓу двајцата е закажана за 23 април на стадионот „Вембли“. 33-годишниот Британец вели дека тоа ќе му биде последното влегување во рингот.

„Имам 150 милиони долари на мојата банкарска сметка, сè уште сум млад, здрав, ќе купам огромна јахта некаде во странство. Се откажувам, завршив“, објави Фјури.


Балотели: Јас сум на исто ниво како Меси и Роналдо

Италијанскиот голгетер, Марио Балотели, кој сега е член на турскиот клуб Адана Демирспор, е убеден дека во однос на фудбалското знаење тој е на ист ранг со Лионел Меси и Кристијано Роналдо. 

„100 проценти сум убеден дека ги поседувам истите фудбалски квалитети како Меси и Роналдо. Меѓутоа пропуштив доста прилики во кариерата. Меси и Роналдо се повеќекратни освојувачи на Златната топка и е многу глупаво да се споредувам во тој сегмент,но ако гледаме од чисто фудбалски агол, јас сум на нивно ниво“, изјави Балотели.

Како најголема грешка во кариерата, Италијанецот го истакнува напуштањето на Манчестер Сити каде играше од 2010 до 2013 година.

Балотели има одлична сезона во дресот на Адана Демирспор. Тој на 24 натпревари има постигнато 11 гола.


Реал нуди богатство за Кунде од Севиља

Приоритет на Реал Мадрид во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен дефанзивец, пренесуваат шпанските медиуми.

Прва мета е дефанзивецот на Севиља и француски репрезентативец Жил Кунде. 23-годишниот стопер игра фантастично и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Минатото лето беше блиску до трансфер во Челзи, но сега Реал сериозно се вклучи во трката за Французинот.

Францускиот репрезентативец има договор со шпанскиот клуб до 2024 година во кој има откупна клаузула од 80 милиони евра.


Адеми ќе биде подготвен за дуелот против Италија

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Аријан Адеми, по се изгледа дека ќе биде фит за бараж мечот за пласман на СП во Катар против Италија, закажан за 24 март во Палермо.

Адеми, кој настапува за Динамо Загреб, заработи повреда на натпревар од хрватското првенство против екипата на Локомотива, поради што не играше на реваншот со Севиља во рамките на Лига Европа.

Според информациите од Хрватска, Адеми би требало да биде спремен за дербито со Хајдук кој се игра на 12 март, па така реално е да се очекува дека ќе биде на располагање и на селекторот Милевски за дуелот против Италија во Палермо.


Германецот Вајгл ќе биде замената за Кеси во Милан

Милан бара засилувања за средниот ред, што ќе биде приоритет во летниот преоден рок. Франк Кеси готово сигурно ќе замине како слободен агент, па „росонерите“ се во потрага по негова замена. Германски „Билд“ пренесува дека Милан е силно заинтересиран за играчот за врска на Бенфика, Јулијан Вајгл.

26-годишниот Германец игра одлично во Бенфика и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Вајгл сака да направи чекор напред во кариерата, а Милан веќе стапил во контакт со неговиот агент.

„Росонерите“ се спремни да испратат понуда од 20 милиони евра, а се верува дека таа сума ќе ги задоволи апетитите на Бенфика.


Лос Анџелес Галакси ќе биде новиот клуб на Серхи Роберто

Серхи Роберто, кој одамна го загуби местото во Барселона, донел одлука да си замине по завршувањето на сезоната и да се пресели во САД во екипата на Лос Анџелес Галакси.

30-годишниот каталонски тинејџер не се согласува да потпише нов договор со помала плата и затоа ќе го напушти „Камп Ноу“.

Роберто долго време е повреден и нема играно од октомври. Тој моментално се опоравува и тренира одвоено од другите.