feature

Бензема го израмни рекордот на Роберто Карлос во ЛШ

Карим Бензема го предводеше Реал Мадрид со капитенската лента на првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Ливерпул (3-1) но иако не постигна гол, тој повторно беше меѓу најдобрите во тимот на Зинедин Зидан. Тоа беше натпревар број 108 за Французинот со тимот на Реал во Лигата на шампионите. Зад себе го остави Роберто Карлос, кој има 107 натпревари за Реал во Лигата на шампионите, а пред него се само Икер Касилјас (150), Раул (130) и Серхио Рамос (128). Зинедин Зидан го имаше својот натпревар број 50 на чело на кралскиот клуб во Лигата на шампионите. 31 од нив завршија со победа, а подобар учинок има само Јуп Хејнкес – 32 победи од неговите први 50 натпревари како тренер на Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Стрелецот на двата гола против Ливерпул – Винисиус Жуниор е вториот најмлад играч на Реал Мадрид со погодок во елиминациските натпревари од ЛШ. Бразилецот има 20 години и 268 дена, а рекордот го држи легендата Раул, кој погоди против Јувентус во 1996 година, кога имаше 18 години и 253 дена.


Пау Торес е замената за Рамос во Реал Мадрид

Реал Мадрид е сериозно заинтересиран за централниот дефанзивец на Вилјареал, Пау Торес, пренесуваат шпанските медиуми.
Примарна цел на „кралевите“ на лето ќе биде засилување на одбраната, без разлика дали Рамос ќе остане на „Сантиаго Бернабеу“.
24-годишниот Торес е шпански репрезентативец и еден од најдобрите дефанзивци во Примера, па ќе биде примарна трансфер цел на Реал Мадрид.
Откупната клаузула на играчот на „жолтата подморница“ е 50 милиони евра, но Реал ќе се обиде да ја намали таа цена преку преговори.


Жуниор Фирпо ја напушта Барса и се сели во Милан

Милан е силно заинтересиран за левиот бек на Барселона, Жуниор Фирпо, пренесуваат италијанските медиуми. „Росонерите“ бараат алтернатива за Тео Хернандес и веруваат дека Фирпо ќе биде одлично решение. Милан веќе испратил понуда до Барселона и го сака играчот на позајмица со право на откуп. Барселона е спремна да ја прифати понудата, но бара 20 милиони евра за откуп, додека Милан нуди 16 милиони. „Скај Италија“ тврди дека двете страни можат да стигнат до договор во наредните недели.


Девет фудбалери на трансфер листата на Тухел

Томас Тухел веднаш откако дојде бележи добри резултати, но спрема голема реконструкција на тимот за следната сезона.
Неодамна имаше голем инцидент помеѓу Рудигер и Кепа на тренинг, но наводно тоа не е единствен, бидејќи во лоши односи се Аспиликуета и Џејмс.
Англиските медиуми пренесуваат дека Тухел донел одлука да направи големи промени меѓу кои Рудигер, Абрахам, Емерсон Палмери, Томори, Жоржињо и Кепа Аризабелага.
Нема да има место во тимот и за фудбалерите кои ќе се вратат од позајмица како Батчуаи, Баркли и Лофтус-Чик.


Симовски го објави поширокиот список за двомечот против Романија

Селекторот на женската ракометна репрезентација, Симе Симовски, го објави поширокиот список со 35 ракометарки за бараж дуелот со Романија за пласман на Мундијалот во Шпанија.
Симовски додаде неколку нови имиња во однос на списокот кој го објави во пресрет на квалификацискиот турнир на кој Македонија победи и обезбеди пласман во баражот.
Првиот натпревар сениорките ќе го одиграат во Букурешт, Романија на 17 април во 17:00 часот, а реванш натпреварот за пласман на СП е закажан на 21 април во 17:45 часот во СЦ Јане Сандански.


Јончевски е наследникот на Србиновски во Гостивар

Екипата на Гостивар претрпе неочекуван пораз од вториот тим на МЗТ Скопје, меч кој се покажа како последен на клупата за тренерот Марјан Србиновски.
Србиновски и клубот одлучија да се разделат, па „сино-белите“ веднаш се активираа на пазарот во потрага по нов предводник, а изборот падна врз Александар Јончевски.
Јончевски до неодамна го водеше составот на Кожув со кого ја прекина соработката поради концепциски разлики.
Ова за Алек ќе биде прв предизвик во Гостивар, а договорот е со важност до крајот на оваа сезона со опција истиот да може да биде продолжен ако двете страни се задоволни од резултатите и соработката.
Гостивар со учинок 10-9 е на 5 место на табелата.


Касано: Знаев дека Манџукиќ не може да му помогне на Милан

Антонио Касано кој еден дел од кариерата помина во Милан очекувал доведувањето на Марио Манџукиќ во јануари да биде погрешен потег.
На „Сан Сиро“ се надеваа дека искусниот хрватски напаѓач во тандем со Златан Ибрахимовиќ ќе биде клучна алка во освојувањето на скудетото, но долгото неиграње оставило трага.
„Манџукиќ е единствена мана на Милан. Им кажав дека тој нема да им помогне, мораа да доведат сигурен и здрав напаѓач кој ќе постигнува голови кога ќе го нема Ибрахимовиќ. Каиседо според мене беше идеална опција за Милан. Вака кога го нема Ибра Пиоли мора да ги прекомандува Леао и Ребиќ на местото класичен центарфор што е позиција која не им одговара“, изјави Касано.
Од доаѓањето на „Сан Сиро“ Манџукиќ одигра пет натпревари и се уште не се запишал во листата на стрелци.


Рабио на трансфер листа, Јуве го продава Французинот

Првите луѓе на Јувентус размислуваат да го продадат играчот од средниот ред , Адријан Рабио, кој не ги исполни очекувањата. Медиумите тврдат дека неговата мајка, која му е агент задолжен за трансфери, започнала преговори со Манчестер Јунајтед иако има одредени најави дека за неговите услуги се заинтересирани и екипи од Франција. Италијанците пишуваат дека трансферната вредност на Рабио е околу 40 милиони евра.


Милан нема да го откупи Марио Манџукиќ

Напаѓачот на фудбалскиот состав Милан, Марио Манџукиќ , најверојатно ќе си замине од редовите на „росонерите“ бидејќи не ги исполни очекувањата на челниците на тимот, објавија денеска медиумите на „Чизмата“.
Хрватот кој требаше да биде големо засилување за екипата од Милано, главно се соочуваше со повреди и одигра само 76 минути во Серија А.
Во исто време, миланезите најавија дека ќе ја продолжaт соработката со Златан Ибрахимовиќ, кој по подолг период дури успеа да се врати и во селекцијата на Шведска.


Тотенхем размислува да му врачи отказ на Мурињо

Медиумите во Англија започнаа шпекулации околу иднината на Жозе Мурињо на клупата на Тотенхем. Според нив, фудбалерите не можат да го толерираат Португалецот поради неговите коментари и критики упатени кон нив. Во тој контекст се разгледува и можноста Мурињо да добие отказ иако до неодамна се тврдеше дека Тотенхем ќе треба да му плати обештетување од околу 30 милиони фунти. Сега „Дејли меил“, пишува дека во договорот на менаџерот има клаузула која му овозможува на клубот да ја избегне големата сума и да плати многу помала отштета. Имено во клаузулата стои дека Тотенхем мора да обезбеди место во евро-куповите за наредната сезона. Доколку тоа не се случи, тогаш „спарси“ без проблеми ќе можат да го раскинат договорот со „специјалниот“.