feature

Манчестер Сити се договори со Лидс за ангажман на Калвин Филипс

Фудбалерот на Лидс и репрезентативец на Англија, Калвин Филипс ќе стане нов член на шампионот Манчестер Сити, пренесува британскиот „Атлетик“.

Според договорот популарните „граѓани“ за трансферот на Филипс ќе издвојат 52,2 милиони евра, од кои 49 милиони се фиксна исплата а остатокот ќе биди исплатен во бонуси.

За играчот за врска на Лидс освен Сити, интерес покажуваа и Арсенал, Манчестер Јунајтед и Њукасл. 

Филипс целата своја професионална кариера ја помина во Лидс. За репрезентацијата на Англија има одиграно 23 натпревари.


Брендон Дејвис е нов кошаркар на Олимпија од Милано

Искусниот американски центар Брендон Дејвис потпиша двегодишен договор со кошаркарскиот клуб Олимпија од Милано.

„Многу сум возбуден поради моето пристигнување овде и фактот дека ќе играм за шампионот на Италија. Едвај чекам да почнам со работа во клубот“, порача Дејвис.

Американецот во Милано пристигна од Барселона каде настапуваше претходните три години.

Дејвис претходно има настапувано за Жалгирис, Монако, Варезе, Шалон, Бруклин и во родната Филаделфија.


Окан Бурук нов тренер на Галатасарај

Поранешниот турски фудбалски репрезентативец, Окан Бурук, го презеде кормилото на гигантот Галатасарај и потпиша договор на две години, соопшти екипата од Истанбул.

Тој во 2020 година го предводеше Башакшехир до првата шампионска титула во домашното првенство.

Бурук за селекцијата на Турција настапи на 56 натпревари а во Галатасарај помина 12 години.


Нема дерби дуели во првото коло од новата Серија А

Денес беше објавен распоредот за новата сезона во Серија А која започнува на 14 август. Шампионот Милан одбраната на Скудетото ќе ја започне на Сан Сиро против Удинезе.

Интер првиот меч ќе го игра на гостински терен кај Лече а Наполи кај Верона. Јувентус на стартот ќе го пречека Сасуоло додека Рома ќе гостува кај Салернитана.

На другите терени во 1 коло ќе играат: Фиорентина – Кремонезе, Лацио – Болоња, Монца – Торино, Специја – Емполи и Сампдорија – Аталанта


Лев верува во Геце: Ајнтрахт ќе го врати во репрезентацијата

Трансферот во Ајнтрахт може да му помогне на Марио Геце да се врати во германската репрезентација, смета поранешниот тренер на Бундестимот, Јоаким Лев.

Пред неколку дена 30-годишниот Геце се врати во Бундеслигата откако последните две сезони ги мина во холандски ПСВ Ајндховен. Играчот од средниот ред, кој го постигна голот со кој Германија ја освои светската фудбалска титула во 2014 година, нема играно за својата земја од 2017 година, кога Лев се уште беше на кормилото на тимот.

„Повторно ќе игра во Лигата на шампионите, повторно ќе биде во центарот на вниманието во Бундеслигата и ќе сака да учествува на Светското првенство. Ги има сите квалитети да го направи тоа. Се разбира, не очекувам Марио веднаш да биде повикан во националниот тим. Но, среќен сум за него и за Ајнтрахт. Марио е одличен играч, голем професионалец и мислам дека ќе биде одличен за тимот на претстојните големи натпревари.“, изјави Лев за Скај Германија.


Луис Суарез има желба да остане во Ла Лига

Медиумите ширум светот минатата недела ја објавија сензационалната вест за можниот трансфер на Луис Суарез во аргентинската Ривер Плата, но по се изгледа дека од големата најава ова лето нема да има ништо.

Искусниот напаѓач реши да не оди во Ривер бидејќи не сака да игра под толкав притисок на возраст од 35 години, бидејќи го знае менталитетот и барањата на јужноамериканските фудбалски фанови. 

На Суарез договорот со Атлетико Мадрид му истекува за една недела, и засега приоритет му е да остане во шпанската Примера. Наводно за него интерес покажале три клуба. Тоа се Севиља, Виљареал и Реал Сосиедад.


ПСЖ од доаѓањето на Меси оствари приходи од 700 милиони евра

Претседателот на Париз Сен Жермен Насер ал Келаифи, изјави дека клубот од Париз оствари приходи од 700 милиони евра после пристигнувањето на Лионел Меси во редовите на францускиот шампион.

35-годишниот аргентински фудбалер минатата година за 110 милиони евра направи трансфер од Барселона во Париз Сен Жермен, потпишувајќи тригодишен договор.

Ал Келаифи изјави дека ПСЖ за помалку од една година направи профит од 700 милиони евра, и дека доаѓањето на Меси му донесе на клубот десет нови спонзорски договори.

Челниците на ПСЖ информираат дека минатата сезона за првпат во својата историја клубот продаде повеќе од милион дресови, од кои најголемиот дел се со името на Меси.

Исто така од клубот информираат дека ги соборија рекордите за побарување на влезници за домашните натпревари на ПСЖ, и дека од пристигнувањето на Меси, клубот доби нови 15 милиони следбеници на социјалните мрежи.


Роналдо предупредува дека ќе го напушти Манчестер Јунајтед доколку клубот не доведе засилувања

Британскиот „Дејли мејл“ пренесува дека ѕвездата на Манчестер Јунајтед Кристијано Роналдо ги предупредил челниците на клубот дека ќе го напушти Олд Трафорд доколку екипата не донесе играчи како засилувања во летниот преоден рок.

Ливерпул го донесе Дарвин Нуњез, Сити го ангажира Ерлинг Халанд, а постојат шпекулации дека Јунајтед ќе ги купува Френки де Јонг и Ентони, но засега нема ништо од тоа. Португалскиот напаѓач изјавил дека е фрустриран од недостатокјот на амбиции на клубот по прашањето на трансферите.

37-годишниот Роналдо минатата сезона на 39 натпревари за Јунајтед постигна 24 погодоци.


Ентони од Ајакс пред трансфер во Премиер лигата

Фудбалерот на Ајакс, Ентони, има желба во текот на летниот трансфер период да ги напушти „копјаниците“ и да се пресели во редовите на Манчестер Јунајтед, објавија денеска дел од медиумите во Англија.

22-годишниот Бразилец сака повторно да работи под диригентската палка на тренерот,  Ерик тен Хаг, кој од 1 јуни седна на кормилото на тимот од „Олд Трафорд“.

Трансферната вредност на Ентони е околу 35 милиони евра што не треба да биде проблем за премиер-лигашот.


Банкеро прв пик на драфот, го избраа „магичните“ од Орландо

Орландо Меџик го избра Паоло Банкеро за број 1 на годинешниот драфт на Националната кошаркарска асоцијација (НБА). Церемонијата се одржа во Центарот Баркли, домот на Бруклин Нетс.

Орландо последен пат доби можност да го избере најдобриот млад играч кој ќе дојде во НБА во 2004 година. Тогаш магичните го зедоа центарот Двајт Хауард. Минатата сезона тимот од Флорида го имаше вториот најлош учинок од сите 30 екипи во НБА – 22 победи и 60 порази.

Под број 2, Оклахома Сити го избра 20-годишниот центар Чет Холмгрен, а трет на драфтот беше Џабари Смит (19) кој ќе игра за Хјустон.

19-годишниот Банкеро минатата сезона одигра 39 натпревари за Универзитетот Дјук во колеџот и имаше просек од 17,2 поени и 7,8 скока по натпревар. Има и 41 украдена топка и 36 блока.