feature

Мундијалот во Катар ќе почне еден ден порано

ФИФА и домаќинот на Светското фудбалско првенство Катар ќе направат промена во распоредот на натпревари на првенството. Домаќинот инсистира да биде задржана традицијата и тие да бидат тимот кој ќе го отвори првенството, па нивниот меч со Еквадор кој е планиран да се одигра од 17 часот на 21 ноември, ќе биде префрлен еден ден порано?!

Во моментов воведниот натпревар на шампионатот треба да го одиграат Сенегал и Холандија, кој е закажан за 21 ноември во 11:00 часот.

Ако се точни информациите, натпреварот меѓу земјата домаќин и јужноамериканците најверојатно ќе биде презакажан за 20 ноември во 20 часот. Тоа ќе се одрази и на програмата на сега веќе вториот ден на првенството, каде нема да има натпревар од 11 часот, а трите натпревари да започнат во 14 часот, односно 17 часот и 20:00 часот.


Варан сака да го напушти Манчестер

Според информациите од Англија, фудбалерот од одбраната на Манчестер Јунајтед, Французинот Рафаел Варан наводно сакал да го напушти клубот и побарал трансфер доколку пристигне добра понуда за него.

Варан пристигна во клубот од Олд Трафорд минатото лето за сума од 40 милиони евра. Тој на првиот натпревар од новата сезона против Брајтон беше на клупата за резервни играчи, а Јунајтед на домашен терен загуби со 2:1.

29-годишниот фудбалер бил разочаран од одлуката на тренерот да го изостави од првиот тим, и се надева дека би било подобро да заигра за друг клуб. Неговиот договор со Јунајтед истекува во јуни 2025 година.


Серена Вилијамс најави крај на кариерата после УС Опен

Американската тенисерка Серена Вилијамс најави крај на својата играчка кариера после завршувањето на УС Опен, кој ќе се одржува во Њујорк од 29.август до 11.септември.

40-годишната тенисерка преку пост на Инстаграм порача дека е дојден моментот во животот кога мора да се тргне во друг правец. Во иднина ќе открива други работи освен тенисот и ќе остварува поинакви цели.

Американката во својата кариера освои 23 гренд слем титули, а од турнири има заработка од 94,5 милиони долари.

Серена Вилијамс во моментот е на турнирот во Торонто каде ја запиша својата прва победа после 430 дена.


Нигеријците со порака до Јанис: Сети се кога заедно ги победивме Грците

Ѕвездата на НБА лигашот Милвоки, Нигериецот со грчки пасош Јанис Адетокумбо привлече големо внимание во јавноста во Нигерија. 

Јанис кој во последните неколку години е меѓу најдобрите кошаркари на светот и е двоен носител на МВП признанието во НБА во моментов со своите тројца браќа е на подготовки со кошаркарската репрезентација на Грција пред продолжението на Мундијалските квалификации и настапот на Европскиот шампионат.

Тој на својот профил на „Твитер“ објави фотографија во дресот на грчката репрезентација заедно со тројцата браќа. На твитот на Јанис реагираше официјалниот профил на репрезентацијата на Нигерија, со видео од 2012 година.


Амаду Онана е нов играч на Евертон

Фудбалскиот клуб Евертон соопшти дека ново засилување во екипата е белгискиот играч Амаду Онана.

Онана кој е играч од средината на теренот во Евертон пристигна од Лил за 33,5 милиони фунти, а со клубот потпиша петгодишен договор.

За тимот на Лил одигра 42 натпревари, а професионалната кариера ја започна во германскиот Хофенхајм.


Болоња ја одби понудата на Јунајтед за Арнаутовиќ

Фудбалскиот состав на Болоња ја одби понудата од Манчестер Јунајтед за напаѓачот, Марко Арнаутовиќ, потврди директорот на италијанците, Марко Ди Вајо.

„Црвените ѓаволи“се обиделе за 8 милиони евра да дојдат до потписот на 33-годишниот австриски репрезентативец кој треба да одработи уште една сезона од договорот.

„Не е се во парите. Марко има непроценлива вредност за нас“, изјави Ди Вајо.


Енис Барди е на чекор од трансфер во Трабзонспор

Медиумите во Турција ја пренесуваат веста дека македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди е во финални преговори за трансфер во турскиот шампион Трабзонспор.

Според информациите Барди треба да биде силно засилување за тимот пред стартот во Лигата на шампионите и одбраната на титулата во првенството на Турција.

Барди веќе ги договорил личните услови со клубот, и сега само се очекува потврда на деталите за трансферот помеѓу Трабзонспор и Леванте.


Тимо Вернер се врати во Лајпциг

Напаѓачот Тимо Вернер и официјално е играч на Лајпциг каде се врати после поминати две сезони во Челзи, потврдуваат од германскиот клуб.

Вернер со екипата на Лајпциг потпиша договор до 2026 година, и ќе го носи дресот со број 11.

26-годишниот германски репрезентативец последниве две години не успеа да се докаже во Челзи. Тој за лондонскиот клуб одигра 89 натпревари и постигна 32 гола. Најголем успех со Челзи му е освојувањето на трофејот во Лигата на шампиони во 2021 година.


Маријано Диаз пак одби да си замине до Реал

Напаѓачот на Реал Мадрид, Маријано Диаз донел цврста одлука дека сака да ја дочека последната година од договорот со Лос Бланкос, пренесува весникот „Марка“.

Фудбалерот беше донесен на Сантијаго Бернабеу од Лион во 2018 година како индиректна замена за Кристијано Роналдо и дури го доби бројот 7.

Сепак, оттогаш, Диаз нема ниту една сезона во која ја мина границата од 2.000 минути, а најзапаметен чин во дресот на Мадрид беше неговиот гол на Ел Класико во 2020 година.

Сепак, тој го чини Реал 4,3 милиони евра годишно за Лос Бланкос или вкупно 21,5 милиони евра за времетраењето на неговиот договор.


Бернардо Силва очекува трансфер во Барселона

Каталонските медиуми ја пренесуваат веста дека репрезентативецот на Португалија и член на Манчестер Сити, Бернардо Силва, е на чекор до потпис со Барселона.

Според информациите фудбалерот веќе избрал куќа во Барселона, и дека ги дефинирал личните услови со клубот. 

Силва се очекува да потпише четиригодишен договор со каталонците, а според најавата, понудата која се подготвува до Сити ќе изнесува 80 милиони евра.