feature

Голден Стејт Вориорс се пласираа во големото НБА финале

Екипата на Голден Стејт Вориорс се вратија во финалето на НБА лигата. Тимот славеше победа над Далас Маверикс во петтиот натпревар на домашен терен со резултат 120-110, и оствари вкупен скор од 4-1 во финалето на Западната конференција.

За популарните „Воини“, ова ќе биде шесто НБА финале во последните осум години, каде за противник ќе го очекуваат подобриот од дуелот помеѓу Мајами и Бостон.


Кошаркарот Весели во преговори со Барселона

Членот на кошаркаскиот клуб Фенербахче, Јан Весели, наскоро би можел да ја промени средината, и да заигра за Барселона.

30-годишниот Чешки кошаркар, наводно е во напредни преговори со каталонскиот клуб, меѓутоа се очекува и Фенербахче да направи дополнителни напори за да го задржи во своите редови.

Весели е член на Фенербахче од 2014 година, и со клубот ја освои европската титула во 2017 година. Неговиот актуелен договор со клубот е до крајот на оваа сезона.


Баерн сака да го украде Гави од Барселона

Баерн Минхен го следи напредокот на преговорите за продолжување на договорот помеѓу Барселона и Гави.

Германскиот клуб е подготвен да ја искористи оваа ситуација и да ја активира откупната клаузула од 50 милиони евра за 17-годишниот фудбалер, објави „Мундо Депортиво“. Според изворот, Ливерпул и ПСЖ се исто така подготвени да потпишат со Гави, кој има уште една година од договорот со Барселона.

Гави минатата сезона дебитираше за првиот тим на Барселона, а на теренот беше на 46 натпревари (2 гола, 6 асистенции). Гави доби повик и во репрезентацијата на Шпанија, за која успеа да одигра шест натпревари.


Салах сигурно останува на Енфилд и наредната сезона

Мохамед Салах даде изјава во која вели дека сосема е сигурно дека тој ќе биде во Ливерпул и наредната сезона, и дека тоа нема да зависи од фактот дали тој ќе потпише нов договор со клубот.

Актуелниот договор на Египјанецот истекува во јули 2023 година, и играчот очигледно има намера да го одработи до крај. Салах пред новинарите повторно не даде конкретен одговор околу евентуалниот нов договор:

„Не сакам да разговарам за тоа во моментов. Само сакам да го видам нашиот капитен Хендерсон како го подигнува трофејот во ЛШ. Не размислувам за својот договор сега бидејќи не сакам да бидам себичен и сакам да се фокусирам на финалето со Реал Мадрид“, изјави Салах.


Хари Кејн преговара за нов договор со Тотенхем

Најголемата ѕвезда на Тотенхем, напаѓачот Хари Кејн наскоро започнува преговори со претседателот на клубот Даниел Леви, околу потпишување на нов договор.

Иако капитенот на екипата минатото лето изрази голема желба за трансфер во Манчестер Сити, до таква реализација не дојде најповеќе поради Леви кој не отстапи од барањето на високото обештетување од 120 милиони евра.

Неодамна тимот на Сити се засили со доведување на Ерлинг Халанд и го реши прашањето околу нов напаѓач, а Кејн и Тотенхем имаа одлична сезона па се пласираа во Лигата на шампиони.


Фрејзер Фостер пред потпис со Тотенхем

Тренерот на фудбалерите на Тотенхем, Антонио Конте, веројатно ќе успее да дојде до потписот на голманот на Саутемптон, Фрејзер Фостер, кој и во текот на зимата се потенцираше како можно засилување за „Спарси“.

Англискиот тим сака по секоја цена да обезбеди резервна опција за Уго Лорис кој останува како прв избор за гол-линијата.

Сегашниот резервен чувар на мрежата на англискиот состав, Пјерлујџи Голини, кој играше како позајмен од Аталанта, веројатно ќе се врати во Италија.


Лапорта: Фудбалерите на ПСЖ се робови на парите

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта е незадоволен од трансфер политиката на Пари Сен Жермен. Клубот веќе им ги украде на Шпанците Нејмар и Лионел Меси, а деновиве му зададе удар на Реал Мадрид во случајот со Килијан Мбапе.

„Фудбалерите кои отидоа таму со долгорочни договори се согласуваат да станат робови. За пари“, изјави претседателот на Барса.

„Нејмар е таков – има договор за уште 4-5 години – додаде Лапорта. „Кој не го сака овде? Тој е исклучителен, но сите овие играчи како него, кои еден ден би сакале да се вратат во Барса, мора да го сторат тоа како слободни играчи“.

„Истото важи и за Меси. Сите сакавме тој да ја заврши спортската кариера кај нас. Но, тоа беше невозможно поради правилата на финансискиот фер-плеј и поради понудата на ПСЖ до него. Зад овој клуб стои цела земја (Катар) и таму имаат многу пари“, додаде Лапорта.


Њукасл го носи Пакета од Лион

Откако Њукасл доби нови сопственици на чело со саудијскиот принц Мохамед бин Салман, клубот потроши 100 милиони евра и успеа да ја оствари целта на изминатата сезона и после очајниот старт обезбеди опстанок во Премиер лигата.

Клубот во јануари направи одличен потег со ангажманот на Бруно Гимараеш од Лион, па сега црно-белите сакаат да доведат уште еден фудбалер од истиот клуб. 

Англиските медиуми пренесуваат дека тимот ќе биде засилен со Бразилецот Лукас Пакета. За реализација на овој трансфер од Њукасл се подготвени да издвојат 59 милиони евра.


Сменет првиот човек на кошаркарската Евролига

На состанокот одржан од 11 акционери на Евролигата, беше изгласана промената на извршниот директор на лигата Бертомеу, кој ја извршуваше оваа функција 22 години.

За неговата смена гласаа ЦСКА, Олимпија од Милано, Жалгирис, Макаби, Олимпијакос и Панатинаикос. Шпанските клубови со помош на турските Фенербахче и Ефес не успеаја во намерата да го продолжат неговиот мандат за уште една година.

Бертомеу сепак ќе остане во Евролигата, но ќе добие статус на надворешен соработник поради своето големо искуство. Најголем кандидат за нов извршен директор е легендата на српската кошарка Дејан Бодирога.


Де Геа добива нов договор на „Олд Трафорд“

Англискиот тим Манчестер Јунајтед наскоро може да го објави потписот на новиот договор со голманот Давид де Геа.

Информациите кои ги објавија англиските медиуми велат дека, нов договор со 31-годишниот шпански голман ќе биде потпишан со траење до 2025 година. Актуелниот договор на Де Геа истекува на крајот на следната сезона.

Во сезоната 2021/22, Де Геа прими 66 гола на 46 натпревари во сите натпреварувања и ја зачува мрежата на 10 натпревари. Шпанецот игра за Манчестер Јунајтед од 2011 година. Манчестер Јунајтед минатата сезона заврши на шестото место со 58 бодови и следната сезона ќе играат во Лига Европа.