feature

Рома носи засилување од Премиер лигата

Екипата на Рома чиј тренер е Жозе Мурињо, сака да го доведе десниот бек на премиерлигашот Норвич, Макс Аронс.

Рома е спремна да достави понуда за доведување на Аронс на позајмица во јануари со опција за откуп од 19 милиони евра, и се претпоставува дека Норвич би дал позитивен одговор за реализација на ваков трансфер.

21-годишниот фудбалер во последните месеци беше поврзуван со заминување во голем број на екипи, меѓу кои се споменуваа, Арсенал, Манчестер Јунајтед, Баерн Минхен и други.


Џуд Белингем поради дадена изјава заработи казна од 40 илјади евра

Англичанецот во дресот на Борусија Дортмунд, Џуд Белингем поради изјава која ја даде во врска со судењето после дерби натпреварот од Бундеслигата против екипата на Баерн Минхен, беше казнет од германскиот фудбалски сојуз со паричен износ од 40 илјади евра.

Младиот Белингем ја искоментира одлуката на судијата Феликс Цвајер кој во финишот на средбата досуди пенал во корист на гостите од Минхен и натпреварот заврши со нивна победа од 2:3.

„Што може да очекувате од судија кој претходно беше суспендиран поради вмешаност во местење на натпревари, а сега ја дели правдата на најголемото германско дерби“, искоментира Белингем.


Роберт Левандовски: Не сакам празни зборови

Напаѓачот на минхенски Баерн, Роберт Левандовски, во интервју за телевизиски канал од Полска , даде свој коментар и мислење за изјавата на Лионел Меси. Аргентинецот при добивањето на наградата „Златна топка“ по рекорден седми пат, изјави дека Левандовски заслужи да ја добие наградата во 2020 година.

„Не можам да негирам дека се чувствувам тажен што не ја освоив „Златната топка“ оваа година. Да се ​​биде толку блиску, да се натпреварувам со Меси, за кого имам голема почит за неговите игри и достигнувања. Самиот факт што се натпреварував со него ми покажува до кое ниво успеав да стигнам. Не сум особен оптимист дека можам да ја добијам наградата за 2020 година и би сакал изјавата од голем играч како Меси да беше искрена и смела, а не само празни зборови“, истакна Левандовски.


Милан тргнува по дефанзивецот на Челзи, Кристенсен

Според медиумите во Италија, Екипата на Милан и нејзиниот прв оперативец, Паоло Малдини, ќе се обидат во јануари да го доведат Андреас Кристенсен од Челзи.

Од Милан очекуваат дека евентуалното пристигнување на Кристенсен во тимот од „Сан Сиро“ ќе биде одличен трансфер и поради фактот дека тој би бил идеална замена за повредениот Симон Кјаер кој ќе отсуствува подолг период.

Челзи во моментот води тешки преговори со данскиот репрезентативец за продолжување на неговиот договор кој истекува во јуни 2022 година, и доколку не се пронајде заеднички јазик, тој веќе од јануари ќе може да преговара со други заинтересирани клубови.  


Манчестер јунајтед носи засилување од Астон Вила

Манчестер Јунајтед е заинтересиран за фудбалерот на Астон Вила, Џон МекГин.

“Црвените ѓаволи” под раководство на новиот тренер Ралф Рангник се очекува да бидат активни на фудбалскиот пазар во јануари во потрага по засилување во средината на теренот, бидејќи е неизвесна иднината на Пол Погба кој најавува напуштање на екипата. 

Според англискиот весник „Сан“,постои можност Астон Вила да ја прифати понудата за МекГин но таа би требало да изнесува повеќе од 50 милиони фунти, затоа што репрезентативецот на Шкотска има актуелен договор со клубот од Бирмингем уште три и пол години.

27-годишниот играч од средината на теренот, во досегашната сезона за Астон Вила има постигнато 3 гола на 13 натпревари.


Жоао Феликс изрази желба за напуштање на Атлетико Мадрид

Португалскиот напаѓач во редовите на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс изразил незадоволство од неговиот статус кај тренерот Диего Симеоне, кој се помалку се определува за негово воведување во првиот тим на екипата , па затоа најавил напуштање на клубот. 

22-годишниот Феликс, веќе го информирал својот менаџмент за својата желба и побарал од нив да ги разгледаат опциите за негово заминување во друг клуб за време на јануарскиот трансфер период.

Жоао Феликс е член на Атлетико Мадрид од 2019, каде пристигна како огромно засилување од Бенфика за неверојатни 126 милиони евра.


Арсенал гледа ново засилување во Доминик Калверт-Левин

Екипата на Арсенал ќе се насочи кон доведување на напаѓачот од Евертон, Доминик Калверт-Левин.

Репрезентативецот на Англија беше доведуван во врска со премин во Арсенал и во текот на летото но од разни причини трансферот не се реализира.

Тренерот на тимот од Лондон, во центарфорот на Евертон гледа идеална замена за Александар Лаказет кој е во последната година од договорот и се очекува да го напушти клубот во јуни.

Од Евертон стигнуваат информации дека за евентуална продажба на Калверт-Левин тие ќе одредат цена од 60 милиони фунти.

24-годишниот напаѓач ја отвори сезонава во одлична форма но набрзо заработи повреда од која сеуште се опоравува.


Гвардиола демантира дека го сака Дани Олмо во Сити

Тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ги негира шпекулациите дека „граѓаните“ преговараат со напаѓачот, Дани Олмо.

„Не, не сме во преговори со Олмо. Тој е фантастичен играч и сегашен член на Лајпциг“, изјави шпанскиот стратег.

Олмо има договор со германскиот состав до летото во 2024 година. Тој во претходната година го напушти Динамо Загреб и 22 милиони евра се пресели во Бундеслигата. Неговата трансферна сума на пазарот се движи околу педесет милиони евра.


Ливерпул го посакува Фабиан Руиз од Наполи

Медиумите од Англија ја пренесуваат веста дека Ливерпул сака да го види во своите редови, играчот на Наполи, Фабиан Руиз.

Наводно, игрите на Руиз веќе подолг период се следени од тренерот Јирген Клоп и големи се шансите во јануари, Ливерпул да испрати официјална понуда за играчот која би изнесувала околу 45 милиони евра.

Договорот на 25-годишниот репрезентативец на Шпанија со Наполи е со важност до јуни 2023 година.

Голем интерес за Фабиан Руиз освен Ливерпул, покажуваат и најдобрите шпански екипи, Реал Мадрид и Барселона.


Рамзи ќе биде првото зимско засилување за Њукасл

Арон Рамзи пристигна во Јувентус како големо засилување, но не ги оправда во целост очекувањата во Торино.

Рамзи е еден од најплатените фудбалери во тимот, па Јувентус сака да се ослободи од неговата висока плата.

„Газета дело Спорт“ пренесува дека Велшанецот е на излезни врати и веќе во јануари може да си замине од Јувентус.

За Рамзи интерес покажуваат неколку клубови од Премиер лигата, но најконкретен е Њукасл, кој веќе започнал преговори со неговиот агент.