feature

Проблеми во Манчестер Јунајтед – Марсијал го демантира тренерот Рангник

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Антони Марсијал ги демантираше тврдењата на тренерот Ралф Рангник кој претходно кажа дека играчот одбил да биде во составот на екипата за дуелот со Астон Вила.

Французинот преку социјалните мрежи се обрати до навивачите и им порача:

„Никогаш не сум одбил ниту пак ќе одбијам да настапам за тимот на Манчестер Јунајтед. Во екипата сум седум години и досега никогаш не сум покажал непочитување кон клубот и кон навивачите“, истакна Марсијал.

Изминатиов период имаше голем број на информации дека Антони Марсијал поради незадоволството од малата минутажа во екипата тој изразил желба за напуштање на клубот овој месец.


Арсенал блиску до трансфер на Душан Влаховиќ

Според пишувањата во италијанските медиуми, екипата на Арсенал е спремна да испрати официјална понуда за напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ.

Наводно во понудата би бил вклучен играчот Лукас Тореира кој би преминал во трајна сопственост на Фиорентина плус обврска Арсенал да искешира уште 50 милиони фунти.

Останува да се почека одговорот на Фиорентина доколку оваа понуда стане официјална.


Кутињо: Ми недостасуваше Премиер лигата

Бразилецот Филипе Кутињо имаше одлично деби за својот нов клуб Астон Вила каде пред неколку денови пристигна како позајмен играч од Барселона. Тој асистираше и успеа да постигне гол во ремито со Манчестер Јунајтед на домашен терен, иако влезе во игра како резерва.

„Ми недостасуваа вакви натпревари и Премиер лигата. Многу сум среќен што сум тука со моите нови соиграчи. Ова беше мојот прв натпревар за Астон Вила и сакам да работам на подобрување на мојата форма. Имаше многу подеми и падови за мене во последните години. Сепак, тие се веќе минато и јас сум фокусиран на целите на клубот и тренерот Џерард. Сакам да им помогнам на моите соиграчи и на клубот“, изјави Кутињо по натпреварот.


Евертон го отпушти тренерот Рафаел Бенитез

Фудбалскиот клуб Евертон ја прекина соработката со тренерот Рафа Бенитез.

Оваа вест клубот од Ливерпул ја соопшти преку официјално соопштение во кое се вели:

„Клубот може да потврди дека ја прекина соработката со тренерот на првата екипа Рафаел Бенитез. Бенитез пристигна во Евертон во јуни 2021 година и ќе го напушти клубот веднаш. Информации во врска со поставување на нов тренер ќе бидат објавени во наредниот период“, порачаа од Евертон во краткото соопштение.

Шпанскиот тренер во Евертон стигна како замена за Карло Анчелоти, но од самиот старт не беше добро примен од страна на навивачите, и поразот од Норвич во Премиер лигата беше доволен за негов отказ.

Бенитез го остава Евертон на 15.место од табелата на само 6 бода над зоната за испаѓање од лигата.


Укината визата на Ѓоковиќ, Србинот нема да настапи на Австралија Опен

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ноќеска го загуби спорот пред Федералниот суд на Австралија, со што и официјално влезната виза му е добиена и сега, што поскоро, мора да ја напушти земјата, соопштено е утринава по неколкучасовната судска расправа.

Одлуката на судскиот совет била едногласна, а во текот на денот или утре таа детално ќе биде образложена.

Ѓоковиќ дефинитивно нема да ја брани титулата на Австралија опен, а голема е веројатноста поради тоа да го загуби првото место на АТП листата.


Лазаров: Играчите потфрлија на теренот

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров изрази огромно незадоволство после поразот од Црна Гора со која нашиот тим ги загуби шансите за пласман во втората фаза од Европското првенство.

Според Лазаров, огромниот број на технички грешки беа одлучувачки фактор за поразот од Црна Гора.„Поголемиот дел од средбата не знаевме што правиме на теренот. Се враќавме, бевме блиску, но наместо да се посветиме на нашата одбрана, ние цел натпревар бркавме разлика. Евидентно е дека треба да учиме уште многу, да тренираме, да работиме. Не можеме да ги преброиме грешките. Бев немоќен, што и да направам, како и да реагирам, како да се случуваше на филм. Не смеат така да играат играчи кои се натпреваруваат во Бундеслигата, во Лигата на шампионите. Стратегијата некогаш не е битна или си играч или не си. Ја загубивме главата на теренот, сакавме да победиме брзоплето, на македонски начин“, изјави Лазаров.


Анчелоти: Горд сум на стилот, не може секој да игра како Реал

Реал Мадрид се подготвува за финалето на Суперkупот на Шпанија каде за ривал ќе го има Атлетик Билбао кој воедно го брани овој трофеј.

Средбата се игра утре во Саудиска Арабија, а во пресрет на истата тренерот Карло Анчелоти одговори на критиките дека неговата екипа игра на контри што беше видливо на полуфиналната пресметка против Барселона.

„Горд сум што можам да кажам дека Реал Мадрид може да игра на контри, бидејќи не е лесно тоа да се направи. Нашите контри против Барселона, на пример, не беа долги топки. Напротив  беа многу додавања. Имавме дури шест играчи во нивното поле кога го постигнавме победничкиот гол.

-Некој може да каже дека стоиме назад и се браниме, но постигнавме повеќе голови од кој било друг во Ла Лига во оваа сезона. Не постои совршен начин за играње. Ги почитувам сите стилови на игра“, рече Анчелоти.


Барса ги менува плановите, Чави го сака Икарди на „Камп Ноу“

Мауро Икарди не е задоволен од својот статус во ПСЖ и сака да ја промени средината во зимскиот преоден рок.

Икарди не добива голема минутажа во Париз поради големата конкуренција и побарал трансфер, а таквата ситуација сака да ја искористи Барселона.

Тренерот Чави Хернандез сака нов напаѓач, смета дека Лук де Јонг не е доволно добар, а верува дека Икарди одлично ќе се вклопи бидејќи потекнува токму од школата на Барселона.

Барселона ќе се обиде да го донесе Аргентинецот на позајмица, а токму тоа може да биде проблем бидејќи ПСЖ сака трајно да се ослободи од Икарди.


Марченко: Останатите тенисери се плашат да го поддржат Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ ја чека разврската по новото укинување на визата од Министерот за емиграција на Австралија. Случајот сега е префрлен во Сојузниот суд на Австралија, а Ѓоковиќ вечерва од 22 часот по средноевропско време, сабота наутро по локално време во Мелбурн, ќе оди да дава исказ пред имиграционите власти.

Мислењата се поделени за случајот во светот на тенисот, а украинскиот тенисер Илја Марченко, вели дека другите тенисери се плашат да го поддржат Ѓоковиќ.

„Правилата се исти за сите, а потоа губат на сопствениот суд. Тука не запираат, па наоаѓаат причина за повторно да му ја поништат визата. Како да зборуваме за исти правила за сите? Заборавив, наскоро се ближат избори во Австралија. Држи се, Новак. Останатите тенисери се во страв да не им ја укинат визата, па затоа не го поддржуваат Ѓоковиќ“, кажа Марченко.


Депај ја менува Барселона за Јувентус

Холандскиот напаѓач во редовите на Барселона, Мемфис Депај, би можел да го напушти клубот овој месец и да премине во Јувентус.

Според информациите од Торино, тренерот на „црно-белите“ Алегри, веќе побарал од раководството да му обезбеди замена за повредениот Федерико Киеза кој најверојатно ќе ја пропушти целата сезона.

27-годишниот Депај пристигна во Барселона како слободен играч од Лион и на почетокот од својот престој на „Камп Ноу“ прикажуваше одлични партии, меѓутоа после повредата која го оддалечи од теренот тој го загуби статусот на првотимец во тимот на тренерот Чави.