feature

Меси: Бензема имаше одлична сезона, фаворит е за „Златната топка“

Напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси, кој за првпат по 2005 година не се најде на списокот на кандидати за „Златната топка“, смета дека Карим Бензема од Реал Мадрид ја заслужил наградата.

„Мислам дека нема да има никаков сомнеж оваа година. Карим Бензема имаше одлична сезона“, изјави Меси за Football Espana.

Аргентинскиот репрезентативец седум пати ја освојуваше „Златната топка“ и моментално е најдобар играч во светот во изборот на „Франс Фудбал“.

Триесет и четиригодишниот Бензема минатата сезона навистина блесна во сите натпреварувања и со Кралскиот клуб го освои шампионатот и шпанскиот Суперкуп, Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА.

Французинот во сезоната 2021/2022 на 46 натпревари постигна 44 гола и забележа 15 асистенции.


Ивановски не го заврши маратонот на Европското првенство во Минхен

Нашиот најдобар тркач на долги патеки, Дарио Ивановски, денеска не успеа да ја заврши машката маратонска трка на европското првенство во Минхен. Тој се појави како дел од 79-те пријавени учесници на маратонот, но се откажа некаде по половина од истрчаната трка.

Ивановски беше единствениот македонски атлетичар кој обезбеди настап на ова ЕП кое ќе трае до крајот на оваа недела.


Фројлер петнаесетто засилување на Нотингем Форест

Новајлијата во англиската екипа, Нотингем Форест го договори своето 15-то засилување во овој преоден рок.

Клубот од Премиер лигата го купи играчот од средниот ред на Аталанта, Ремо Фројлер. Условите на договорот не се откриени.

Според инсајдерот Фабрицио Романо, за трансферот биле исплатени 9 милиони евра плус бонуси.


Клоп за Нуњез: Ќе го оставам да преспие па ќе му објаснам некои работи

Екипата на Ливерпул одигра само нерешено 1:1 на домашен терен со екипата на Кристал Палас, во второто коло од Премиер лигата. Кристал Палас поведе на натпреварот со одличен контра напад преку Заха, а Ливерпул изедначи со голот на Луис Дијаз.

Новиот напаѓач на Ливерпул, Дарвин Нуњез заработи црвен картон на средбата, после непромислениот удар кон противничкиот фудбалер од обраната.

„Не можам да одрекнам дека тоа беше за чист црвен картон. Се разбира дека тоа не е однесување какво би требало да биде. Ќе го оставам Дарвин да ја преспие ноќта, а потоа ќе имам разговор со него“, истакнува Клоп, кој сепак на крајот е задоволен од резултатот со оглед на целокупните настани на средбата.


Фјури до 26 август треба да ја потврди пензијата

Претседателот на ВБЦ (Светскиот боксерски совет) Маурицио Сулејман соопшти дека асоцијацијата му дала на шампионот на ВБЦ во тешка категорија, Тајсон Фјури 10 дена писмено да го потврди својот крај на кариерата.   

„Разговаравме со неговиот промотор. На Фјури му дадовме 10 дена. До 26 август мора да ни испрати писмена потврда за својата конечна одлука. Дури потоа можеме да почнеме да го решаваме прашањето за шампионскиот појас“, изјави Сулејман во интервју за „Изкиердазо“. 

Фјури во последната борба го нокаутираше Дилијан Вајт (28-3) во шестата рунда. Борбата се одржа на 24 април во Лондон, Велика Британија. После тоа Британецот објави крај на кариерата како борец. Фјури во текот на својата кариера има 32 победи и еден нерешен резултат.


Обамејанг одбива да ја напушти Барселона

Според последните информации од медиумите блиски до Барселона, напаѓачот Пјер-Емерик Обамејанг кој е трансфер мета на лондонски Челзи, ја одбил варијантата да го напшти Камп Ноу и да замине на Стенфорд Бриџ.
Тренерот на Челзи, Тухел, последниве денови често изјавува дека би сакал да го види Обамејанг во својата екипа, бидејќи му се добро познати квалитетите на фудбалерот со кого соработуваше во Борусија Дортмунд.

Меѓутоа Обамејанг не планира скорешно заминување од Барселона и се надева дека ќе избори место како стандарден играч во екипата предводена од Чави.


Баерн и Телеком Германија потпишаа финансиски „дебел“ договор

Баерн Минхен е без конкуренцијата во Бундеслигата, а за Баварците нема зима и на финансиски план.

Баерн го продолжи договорот со својот главен спонзор до 2027 година и така ќе добијат нови 250 милиони евра, односно по 50 милиони годишно.

Германскиот „Телеком“ и Баерн имаат дводецениска соработка и се очекуваше дека нема да има проблеми за продолжување на договорот, посебно затоа што Баерн во изминатата деценија нема конкуренција во Германија, а освоија и две европски титули во 2013 и 2020 година.

Оваа сезона Баерн веќе освои еден трофеј, германскиот Суперкуп. Бундеслигата ја започна со две победи во првите два натпревари.


„Шумарите“ потпишаа со Емануел Денис

Нигерискиот напаѓач од екипата на Ватфорд, Емануел Денис, треба да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, откако потпиша договор со Нотингем Форест.

24-годишниот фудбалер му се приклучи на Ватфорд од белгискиот Бриж во 2021 година и минатата сезона забележа вкупно 35 настапи во сите натпреварувања, постигнувајќи десет гола.


„Металците“ го задржаа Војдан Стојановски и следната сезона

МЗТ Скопје Аеродром денес и официјално потврди дека Војдан Стојановски (34 год, 194 см) го продолжи договорот и во следните две сезони ќе остане член на македонскиот кошаркарски шампион.

Војдан имаше повеќе сериозни понуди надвор од странство, пред сѐ од Франција, но кај него победи желбата да се биде предводник на МЗТ Скопје во новата сезона и во АБА лигата.

Тој е единаесеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Дамјан Робев, Андреј Андоноски, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.


Тен Хаг ги казни фудбалерите со трчање на 13,8 километри

Тренерот на Манчестер Јунајтед Ерик тен Хаг реши да ги казни фудбалерите со вонреден тренинг после поразот во второто коло на Премиер лигата од Брентфорд со 4:0, пренесува Скај Спортс.

Тимот на Јунајтед на стартот од новата сезона во Премиер лигата претрпе два порази од Брајтон и Брентфорд. Според објавите во медиумите, Тен Хаг одлучил да го укине предвидениот слободен ден на фудбалерите, и ги казни играчите со тоа што ги натера да истрчаат 13,8 километри. Само за потсетување, фудбалерите на Брентфорд за 13,8 километри колективно повеќе претрчаа од играчите на Манчестер Јунајтед на нивниот меѓусебен дуел.

Нареден натпревар на Манчестер Јунајтед е големото дерби против Ливерпул на 22.август.