feature

Словенија и Унгарија ќе ја менуваат Русија како организатор на СП во хокеј на мраз

Унгарија и Словенија поднесоа заедничка кандидатура за домаќини на Светското првенство во 2023 година, кое првично требаше да се одржи во Санкт Петербург, соопшти Меѓународната федерација за хокеј на мраз.

Кон крајот на април и беше одземено правото на Русија да биде домаќин на Светското првенство догодина кое беше закажано за терминот од 5-21 мај. Унгарија и Словенија никогаш не биле домаќини на Светското првенство во хокеј на мраз во највисоката дивизија.

Нивната заедничка кандидатура доаѓа откако двете земји добија право на настап во елитната дивизија во 2023 година.


Холандски Апелдорн домаќин на следниот Европски шампионат во атлетика во сала

Европската атлетска асоцијација реши домаќин на  континенталниот шампионат во сала што ќе одржи во 2025 година да биде холандскиот град Апелдорн.

Ова е трет пат Холандија да биде организатор на Европско првенство во сала откако претходно најдобрите европски атлетичари за медали се бореа во Ротердам и Хаг, а последниот шампионат поминаа 32 години.

Инаку следното Европско првенство кое е на програмата следната година ќе се одржи во Истанбул.


Лаутаро Мартинез изразил желба да остане во Интер

Аргентинскиот напаѓач во дресот на Интер, Лаутаро Мартинез, не планира да го напушти тимот ова лето, но клубот во моментов не може да му даде гаранции дека тој сигурно ќе остане, пишуваат италијанските медиуми. 

Според информациите, Мартинез нема да инсистира на трансфер, но раководството на Интер не ја исклучува можноста да го продаде Аргентинецот доколку добие примамлива финансиска понуда за него.

24-годишниот напаѓач е важен дел од тимот на Интер, и оваа сезона постигна 19 гола на 33 натпревари во Серија А.


Тен Хаг ќе го засилува Манчестер Јунајтед со играч на Ајакс

Манчестер Јунајтед би можел да се засили со дефанзивниот играч за врска од Ајакс, Едсон Алварез. 

Актуелниот тренер на Ајакс, Ерик тен Хаг од следната сезона ја презема тренерската функција во Јунајтед, и со неговото доаѓање во клубот би можел да го донесе и Мексиканецот Алварез.

24-годишниот фудбалер, пристигна во Ајакс во 2019 година и ужива голема доверба кај тренерот Тен Хаг.


Верати: Штета што не се бориме за повеќе трофеи

Играчот за врска на Париз Сен Жермен, Марко Верати открива дека неговите соиграчи од тимот се разочарани од фактот што не играат за повеќе трофеи во моментот.

ПСЖ веќе ја обезбеди шампионската титула во Франција, но клубот имаше поголеми амбиции за борба за повеќе трофеи.

Францускиот тим испадна од Лигата на шампионите и Купот на Франција и последните натпревари ги одигрува без натпреварувачко значење.

„Постои одредено незадоволство. Се ближиме до крајот на сезоната и по секој натпревар се чувствуваме помалку разочарани. Мислам дека можевме да освоиме многу повеќе со тимот што го имаме“, изјави Верати.


Бекам: Се надевам дека Роналдо ќе остане во Јунајтед

Легендарниот фудбалер, Дејвид Бекам, се осврна на ситуацијата во Манчестер Јунајтед и за иднината на Кристијано Роналдо кој пред сезоната се врати кај „црвените ѓаволи“ но, не успеа да ги однесе до  врвни резултати.

„Се надевам дека ќе остане во Јунајтед. Сите знаеме што значи Кристијано за фановите. Ова беше тешка сезона со многу подеми и падови. Бев на „Олд Трафорд“ и стадионот беше полн, секое место беше пополнето. Тоа значи дека фановите се уште веруваат во тимот“, вели Бекам.


Гвардиола: Во Англија сите навиваат за Ливерпул

Манчестер Сити оствари висока победа над тимот на Њукасл совладувајќи ги со резултат 5:0 во натпревар од Премиер лигата. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола даде осврт и на битката за титулата со Ливерпул.

„Сите во оваа земја го поддржуваат Ливерпул, дури и медиумите. Секако, тоа е така затоа што клубот има неверојатна историја на европските турнири. Но, не во Премиер лигата, бидејќи во последните 30 години имаат само една титула. Но, ова не е проблем. Ситуацијата е таква каква што е. Можно е на крајот да решава и гол-разликата, ако ние загубиме натпревар, а Ливерпул победува до крајот. Тие се способни да постигнат многу голови на само еден натпревар, бидејќи има голема класа меѓу напаѓачите“, истакнува Гвардиола.


Челзи размислува да го врати Тами Абрахам

Тами Абрахам направи вистински потег со трансферот во Рома затоа што ја игра сезоната на кариерата.

Сезонава Абрахам во дресот на Рома постигна 25 гола во сите натпреварувања и со тоа веднаш го привлече интересот на бројни клубови.

Меѓутоа Рома нема лесно да ги откаже и им порача на заинтересираните клубови дека за Абрахам ќе мора да платат 120 милиони евра.

Меѓутоа, италијанските медиуми откриваат дека во договорот на напаѓачот постои клаузула со која Челзи ќе може да го врати на „Стенфорд Бриџ“ за 80 милоини евра.

Со оглед на одличната сезона и фактот дека Лукаку ќе го напушти клубот, Челзи сериозно размислува да ја активира клаузулата.


Халанд оваа недела потпишува за Манчестер Сити

Познатиот новинар на Атлетик, Дејвид Орнштајн, објави дека ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд ќе ја продолжи кариерата во Манчестер Сити, а договорот се очекува да биде објавен оваа недела.

Халанд ги договорил личните услови со Сити, на кого сега му останува само да ги информираат „жолто-црните“ дека ќе ја активираат откупната клаузула во висина од 75 милиони евра.

21-годишниот фудбалер пристигна во Дортмунд во 2020 година од Салцбург, а за него беа платени 20 милиони евра.

Во последниве месеци Норвежанецот беше поврзуван со трансфер во Реал Мадрид, Барселона и Баерн Минхен.


Роналдо ќе се консултира со Фергусон за својата иднина

Ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо имал серија лични состаноци со Сер Алекс Фергусон за да разговара за својата иднина. Во моментов двајцата живеат на имоти во Чешир, кои се наоѓаат еден до друг, а според „Мирор“, Роналдо често го посетува својот ментор.

Не е тајна дека тие двајца отсекогаш биле блиски, а легендарниот Шкотланѓанец имаше клучна улога во враќањето на Кристијано на „Олд Траофрд“ пред една година. Изданието тврди дека Фергусон се уште се обидува да го задржи својот миленик барем во текот на следната кампања.

И покрај тоа што сезоната е вистинска катастрофа за „црвените ѓаволи“, Роналдо повторно ги одржува добро познатите стандарди, бидејќи досега има 24 гола за Манчестер Јунајтед.

Шпекулациите за неговата иднина траат со месеци, но самиот играч во јавноста на ниту еден начин не ја коментирал оваа тема.