feature

Мата објави дека заминува од „Олд Трафорд“ ова лето

Хуан Мата не е во прв план во редовите на Манчестер Јунајтед и тоа само му ја олесни одлуката да го напушти клубот на лето.

Од поодамна Мата не е сериозните планови на Јунајтед, оваа и минатата сезона ретко го гледавме во Премиер лигата, скоро и да е заборавен. Сега Мата сака да замине од Јунајтед и верува дека на друго место може уште некоја година да игра квалитетен фудбал.

Пред се тој ја разгледува опцијата за враќање во Шпанија каде што претходно помина 11 години носејќи го дресот на Валенсија, потоа се пресели во Челзи од каде што во јанаури 2014 дојде во Манчестер Јунајтед.

Оваа сезона не одигра ниту еден натпревар во Премиер лигата. Два пати влегуваше во Лигата на шампионите, а запиша по еден настап во ФА Купот и Карабао Купот.


Дуплантис собори светски рекорд на митингот во Белград

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис денеска на митингот во Белград го собори светскиот рекорд во скок со стап. Дуплантис прескокна височина од 6,19 метри и со тоа го надмина сопствениот рекорд, најдобар на сите времиња. Тоа го направи во третата серија со помош на поддршката од публиката во белградската „Старк арена“.

Швеѓанецот има само 22 години, во кариерата освои олимписко злато во 2021 година, светско сребро (2019) и европско злато (2018) на отворено. Минатата година на континенталниот шампионат во сала исто така се закити со титулата шампион.


Шенгелија ја напушти ЦСКА Москва и ќе игра за Виртус Болоња

Кошаркарот од Грузија, Торнике Шенгелија, е нов играч на Виртус од Болоња. Тој се одлучи на овој трансфер откако ја напушти екипата на ЦСКА Москва поради воениот напад над Украина. 

Искусниот Шенгелија со сигурност ќе му помогне на екипата од Италија како во домашното првенство така и во кошаркарскиот Евро Куп.

Грузиецот има богата кошаркарска кариера со искуство од играње во европски екипи како и настапи за тимови од НБА лигата.


Заврши сезоната за Мекени, Американецот се враќа дури во септември

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри потврди дека сезоната за американскиот играч за врска Вестон Мекени е завршена. Како што е познато, 23-годишниот играч од средниот ред заработи скршеница на ногата во осминафиналето од Лигата на шампионите против Виљареал.

„Вестон ќе се врати да игра следната сезона. За него оваа е завршена“, изјави Алегри по победата од 1-0 над Специја.


Рашфорд поради незадоволство го напушта Манчестер Јунајтед?

Познатиот фудбалски новинар, Фабрицио Романо, ја пренесува информацијата дека играчот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, размислува за напуштање на клубот.

Како главна причина за неговото евентуално заминување од „Олд Трафорд“ се споменува неговото незадоволство од минутажата во првиот тим предводен од тренерот Рангник.

Договорот на 24-годишниот англиски репрезентативец со Јунајтед истекува во летото 2023 година, а како заинтересирани клубови за негов ангажман се споменуваат шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона. Сепак пред да ја донесе конечната одлука, се очекува Рашфорд да причека и да види кој ќе биде нов тренер на „црвените ѓаволи“.


Клоп најави заминување од Ливерпул во 2024 година

Јирген Клоп нема намера да остане на клупата на „црвените“ по истекот на неговиот договор.

Договорот на германскиот стручњак истекува во јуни 2024 година, а како што стојат работите тој засега нема намера да го продолжи. Иако последниве години стана синоним за успесите на клубот од „Енфилд“, мали се шансите да остане и потоа.

„Планот е да останам до летото 2024 година, а потоа, благодарам многу“, изјави Клоп.

Меѓутоа, под посебни околности ја отвори вратата за да се премисли.

„Само ако имам ниво на енергија да продолжам. Го сакам тоа што го работам, но неколку пати реков дека има и други работи во светот освен што постојано размислувам за многу вешти, згодни, фантастично убави фудбалери! Сега сум полн со енергија, но мораме да се погрижиме да остане така“, вели Јирген.


Доминик Тим повторно го одложи своето враќање на тениските терени

Некогашниот трет тенисер во светот, Доминик Тим, повторно го одложи своето враќање на терените, и нема да игра на мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.

Австрискиот тенисер, кој беше освојувач на Индијан Велс во 2019 година, сеуште не е доволно подготвен после операцијата од минатата година.

„Тренирав добро последниве неколку недели. Зглобот на раката е во ред, но сепак се одлучив да не учествувам на турнирите во Мајами и Индијан Велс. Се надевам дека мојот кам-бек ќе го имам на турнир со земјена подлога, бидејќи тоа е подлогата на која се чувствувам најдобро. Би сакал да играм во Америка, и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро“, изјави 28-годишниот Тим.


Де Брујне раситни „педесетка“ со двата гола против Јунајтед

Кевин де Брујне стана четвртиот Белгиец со 50 голови во Премиер лигата. Играчот од средниот ред на Манчестер сити беше двоен стрелец вечерва во дерби-триумфот со Манчестер јунајтед (4-1).   

Неговиот прв гол беше 50-ти во Премиер лигата, вториот – 51-ви. Покрај погодоците во 5. и 28. минута, Де Брујне беше и асистент при третиот гол на Сити што го постигна Ријад Марез во 68. минута. Марез се запиша уште еднаш во листата на стрелците во 90+2. минута. За Јунајтед погоди Џејдон Санчо во 22. минута. Манчестер сити со 69 бодови е лидер на табелата пред Ливерпул кој има 63 и натпревар помалку.


Нојер се враќа на голот на Баерн

Капитенот на Баерн Минхен, голманот Мануел Нојер ќе биде стартер во реванш натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите против РБ Салцбург, објави тренерот на Баварците, Јулијан Нагелсман.

Нојер пред околу еден месец имаше операција на коленото, а неодамна ги продолжи тренинзите со соиграчите од Баерн.

„Ако не се случи нешто неочекувано на последниот тренинг, Нојер ќе биде стартер на дуелот со РБ Салцбург“, изјави Нагелсман за Скај Германија.

Баерн Минхен игра против РБ Салцбург во вторник, а првиот натпревар заврши нерешено 1:1.


Јокиќ го израмни рекордот на Чембрлен

Центарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ, забележа 46 поени, 12 скока, 11 асистенции, 3 украдени топки и 4 блокади на синоќешниот меч против Њу Орлеанс и стана само вториот играч во историјата на НБА, по Вилт Чембрлен, кој забележал трипл-дабл од 45 поени со 70% шут од поле (16 од 22 од поле).

Во четвртата четвртина и продолжението Јокиќ постигна вкупно 30 поени. По 64 натпревари, Денвер е шести во западната конференција со 38 победи и 26 порази, а Јокиќ и оваа година е главен претендент за признанието МВП на сеозната.