feature

Конте: УЕФА беше неправедна кон Тотенхем

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, го сподели своето мислење за доделувањето службен пораз на тимот во натпреварот против Рен (0-3) во 6. коло од групната фаза на Конференциската лига.

„Оваа одлука е неправедна. Целиот свет знае дека се соочуваме со толку голем проблем како што е Ковид. Не игравме по наша вина, туку затоа што имавме многу играчи со позитивни тестови, а владата реши да ги прекине нашите тренинзи и да го затвори тренинг центарот. Да бидам искрен, одлуката што ја донесе УЕФА е неверојатна за мене, клубот и нашите навивачи. Ова е дефинитивно неправедно. Ќе се бориме против оваа одлука. Сакаме да се бориме за учество на турнир на фудбалски терен, а не на суд“, истакна Конте за британските медиуми.

Претходно УЕФА пресуди дека натпреварот Рен – Тотенхем не се одиграл по вина на Британците и тие добија службен пораз од 0-3.

Така Рен со 14 бода стана победник во групата Г и се пласираше во плеј-офот од Конференциската лига. Тотенхем со седум бода заврши на третото место во групата и не се пласираше во следната фаза.


Уапсен легендарниот Жан Алези

Поранешниот Формула 1 возач Жан Алези е приведен вчера, објавија француските медиуми.

Причина за апсењето е експлозија во архитектонска работилница во Авињон, родниот град на Алези. Истрагата утврдила дека експлозивната направа ја поставило непознато лице, чиј автомобил бил снимен од надворешна надзорна камера. По проверка на бројките, стана јасно дека сопственик на автомобилот е Хозе Алези, братот на Жан. Прво бил повикан на распит, по што самиот Жан пристигнал во полициската станица за да објасни дека го користел автомобилот.

За одбележување е дека работилницата во која се случила експлозијата е во сопственост на сопругот на сестрата на Алези, кој сега е во процес на развод.

Според поранешен Ф1 пилот, инцидентот бил резултат на неумесна шега.


Томовски: Лошиот настап на минатото Светско првенство да ни биде поука за подобри игри на претстојното Европско првенство

Македонската ракометна репрезентација, денеска и официјално ги започна подготовките пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Пред заминувањето за Маврово каде ќе се одработи првиот дел од подготовките, свое видување за нивниот настап даде и голманот Мартин Томовски.

„Сакаме да извлечеме поука од лошите партии на Светското првенство во Египет и да покажеме дека вредиме. Направивме добра анализа и со нова енергија и нов селектор ќе заминеме на Европското првенство, за кое верувам дека ќе биде позитивно.Ќе бидеме посветени и ќе работиме максимално. Нашите ривали во групата се доста квалитетни и ни се познати од порано. Како фаворит би ја издвоил Данска, но тешки противници ќе бидат и Словенците. Верувам дека со добри подготовки ќе прикажеме квалитетни ракометни партии“, изјави Томовски.


Лацио бара 75 милиони евра за заминување на Милинковиќ-Савиќ

Сергеј Милинковиќ-Савиќ е во конфликт со тренерот Маурицио Сари, па Лацио е спремен да го продаде уште во зимскиот преоден рок.

Наводно, Милинковиќ-Савиќ е во тивка војна со Сари, а тренерот на „орлите“ сметал дека ароганцијата на Србинот не може да ја толерира и побарал од раководсвото да биде продаден.

Лацио веќе ја одредил цената и за неговата слобода бара 75 милиони евра, а три европски гиганти покажуваат силен интерес за него.

Главни кандидати за неговиот потпис се Јувентус, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, кои подолго време се заинтересирани за Србинот.


Наполи ја засилува одбраната со Лукас Дињ од Евертон?

Екипата на Наполи, ќе се обиде оваа зима да се засили со играч на левата бековска позиција. Тренерот Лучиано Спалети верува дека еден од можните кандидати кои би можел одлично да одговори на неговите тактички замисли е Лукас Дињ од Евертон.

Францускиот репрезентативец веќе неколку сезони е стандарден првотимец во тимот на Евертон, но во последно време тренерот Рафа Бенитез не му дава доволно шанси за настап, па затоа не е исклучена можноста тој веќе во јануари да ги напушти популарните „Карамели“ и да се пресели во Серија А.

Оваа сезона се очекува екипата на Наполи да води неизвесна борба за шампионската титула во италијанското првенство, каде во моментот се наоѓа на втората позиција.


Ливерпул покажува интерес за Рајан Аит-Нури

Според информациите кои доаѓаат од Англија, фудбалскиот клуб Ливерпул се поврзува со трансфер на левиот бек од екипата на  Вулверхемптон, Рајан Аит-Нури.

Тимот од „Енфилд“ не единствениот кој покажува интерес за доведување на младиот француски репрезентативец. Меѓу останатите кандидати за потписот на Аит-Нури се споменуваат и екипите на Манчестер Сити и Реал Мадрид.

За евентуална продажба на 20-годишниот Нури, популарните„Волци“ би барале близу 25 милиони евра.


Џо Гомез од Ливерпул интересен за Реал Мадрид

Гигантот од Шпанија, екипата на Реал Мадрид  би можела да го доведе дефанзивецот на Ливерпул, Џо Гомез.

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, трага по играч кој ќе ја засили одбранбената линија на тимот, а едно од имињата кои се најдоа на неговата листа е и 24-годишниот повремен англиски репрезентативец.

Џо Гомез оваа сезона го мачат доста проблеми со повредите, па така во дресот на „црвените“ целосно одигра само три натпревари.

Меѓу другите опции за засилување на одбраната на „кралевите“, се споменуваат и Рудигер од Челзи, Кунде од Севиља и играчот на Вуљареал, Пау Торес.


Биелса пред отказ од Лидс Јунајтед

Марсело Биелса нема уште долго да остане на клупата на Лидс Јунајтед.

Раководството на клубот одлучи да се раздели со менаџерот најдоцна по завршувањето на сезоната, кога истекува договорот на тренерот. Биелса го презеде тимот во летото 2018 година додека беше во Чемпионшип. Аргентинецот успеа да го однесе клубот во елитата и минатата сезона го смести на деветтото место на табелата.

Во моментов, сепак, клубот од Јоркшир е блиску до зоната за испаѓање со само три победи од 18 натпревари досега. Можно е менаџерот да добие отказ по негативна серија на следните неколку средби на Лидс.


Африканскиот Куп на нации ќе се одржи според планираното

Претседателот на Африканската фудбалска конфедерација ја потврди информацијата дека овогодинешниот Куп на нации ќе се одржи на планираниот термин, односно од 9 јануари до 6 февруари во Камерун. 

Поради зголемениот број на заразени фудбалери со Омикрон сојот на коронавирусот, имаше шпекулации дека турнирот би можел да се одложи, но претседателот на федерацијата изјавува дека иако пандемијата е голем предизвик за сите, тие како организатори ќе мора да се носат со сите искушенија.

Многу европски клубови потајно се надеваа дека Африканскиот куп нема да се одржи, бидејќи во спротивно ќе останат без важни играчи во периодот на траење на турнирот.


Пелегрини доби нов договор на кормилото на Бетис

Мануел Пелегрини го продолжи договорот со клубот, објави официјалниот сајт на екипата од Андалузија.

Новиот договор на 68-годишниот тренер со Бетис е до 2025 година. Чилеанецот беше на чело на Бетис од 2020 година. Во првата сезона под водство на Пелегрини, тимот заврши на 6-то место во Примера.

Во текот на својата тренерска кариера, Пелегрини беше главен тренер на Манчестер Сити, Реал Мадрид, Малага, Вест Хем Јунајтед, Виљареал, Ривер Плата и други тимови.

Во актуелното шпанското првенство, по 18 одиграни кола, Бетис е на 3. место на табелата со 33 бода, зад водечкиот Реал Мадрид со 43 бода и Севиља која е на второто место.