feature

Спортскиот директор на Милан се сели во Јувентус

Јувентус сака да го донесе во клубот спортскиот директор на Милан, Фредерик Масара, пренесува „Газета дело Спорт“.

Јувентус се наоѓа во тежок период откако целото раководство си поднесе оставка поради финансиски малверзации. Откако беше избран нов претседател сега приоритет е да биде комплетирано раководството со нов спортски директор.

Во моментов тренерот Макс Алегри е единствен задолжен за спортскиот сектор, но наскоро треба да биде назначен нов спортски директор. Најголема желба е директорот на Милан, Фредерик Масара, кој беше избран за најдобар директор во Серија А и кој има голема улога во успесите на „росонерите“.

Меѓутоа, Масара има договор со Милан до јуни 2024 година и италијанскиот шампион не сака да го пушти.


Два премиерлигаши нудат богатство за Орелиен Чуамени

Шпанските медиуми пишуваат дека Реал Мадрид би можел да прифати понуди за францускиот репрезентативец Орелиен Чуамени ова лето, откако играчот не успеа да се избори за редовен првотимски статус оваа сезона. Арсенал и Ливерпул се споменуваат како најзаинтересирани за 23-годишната екс-ѕвезда на Монако, која минатото лето пристигна во Мадрид.

Чуамени се пресели во Мадрид за 100 милиони евра од Монако, откако од трката за него извисија Ливерпул и Арсенал, кои сега го враќаат интересот за Французинот.

Младиот играч за врска во последните неколку месеци почесто се појавува од клупата. Англичаните првично имаат понуди од по 90 милиони евра за Чуамени, но не е сигурно дали Реал навистина ќе се одлучи за негова продажба.


Само подвиг во ЛШ ќе го спаси Симоне Инзаги од отказ

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги ќе има само уште три натпревари да си ја спаси работата, пишува „Газета дело спорт“.

„Нероаѕурите“ го забележаа третиот последователен пораз во Серија А откако синоќа со 1-0 беа поразени дома од Фиорентина.

По поразот, иднината на Инзаги е сериозно ставена под знак прашалник. За Интер следуваат тешки пресметки со Јувентус во Купот на Италија, со Салернитана во Серија А и со Бенфика во 1/4-финалето на Лигата на шампионите.

„Има само еден спас за Инзаги, а тоа е Лигата на шампиони. Потенцијален триумф може да ги „искупи грешките“. Финалето не е незамисливо и ваквото достигнување можеби ќе биде лек за длабоката горчина која сега ги вознемирува навивачите на Интер“, пишува весникот.


Вујовиќ доби нов договор како ирански селектор

Ракометниот тренер Веселин Вујовиќ работи добро на клупата на репрезентација на Иран и со оваа селекција се пласираше во втората фаза на Светското првенство минатиот јануари.

Пласманот во втората фаза беше прв во историјата на оваа репрезентација, па набрзо потоа како награда екс-стратегот на Вардар доби нов договор.

Искусниот 62-годишен тренер со иранската Федерација го продолжи договорот до летото 2024 година, односно до крајот на олимпискиот циклус. Вујовиќ ќе биде тренер и на иранскиот шампион, Сепхан. Засега не се открива каков договор постигнал Вујовиќ со иранскиот клуб.


Аргентинецот Хуан Фојт се сели од Виљареал во Реал

Реал Мадрид е сериозно заинтересиран за аргентинскиот репрезентативец и член на Виљареал, Хуан Фојт, пренесуваат шпанските медиуми.

25-годишниот Аргентинец игра како десен бек, но може да игра и во центарот на одбраната и беше дел од репрезентацијата која го освои Светското првенство.

Меѓутоа, Виљареал не сака да го пушти Фојт и бара да биде платена откупната клаузула која изнесува 54 милиони евра. Минатото лето Барселона долго преговараше за негов трансфер, но Виљареал не сакаше да го пушти.

„Кралевите“ се во потрага по нов десен бек и се спремни да понудат 40 милиони евра за Аргентинецот.


Премиер лигата одби можност за снимање на ТВ серија на Нетфликс

Англиската Премиер лига ја одби понудата на стриминг платформата Нетфликс за создавање серија за животот од зад сцената на познатите фудбалски клубови, пишува весникот „Тајмс“. За овој проект Нетфликс и понуди на Премиер лигата пет милиони фунти, но раководството не сметаше дека оваа сума е доволна за да ги заинтересира клубовите за идејата.

Сепак, според информации од изворот, евентуална серија би можела негативно да се одрази на одржувањето на аукција за продажба на телевизиските права на натпреварите. Радиодифузерите долго време се обидуваат да добијат дозвола од Премиер лигата за слики за време на тренинзите, а дозволувањето на Нетфликс зад сцената може да направи преседан.

Платформата планираше да создаде три сезони од серија за животите на шест до осум клубови од Премиер лигата. Идејата на американската компанија дојде по успехот на документарната серија за Формула 1.


Исланд неочекувано го разреши селекторот Арнар Видарсон

Раководството на фудбалската федерација на Исланд го отпушти досегашниот селектор Арнар Видарсон и тоа откако оваа репрезентација победи со 7-0 против Лихтенштајн.

Очигледно дека во Исланд имале намера да го избркаат Видарсон и пред последните натпревари, па убедливата победа против Лихтенштајн не го променила впечатокот. За Видарсон победата против Лихтенштајн беше само шеста во 31 натпревар колку што беше на клупата.

„Одлуката ја донесовме навистина тешко, но сметаме дека испарвна. Арнар направи добри работи и заслужува пофалба. Сепак, сега тргнуваме во потрага по негов наследник за да ги започнеме подготовките за следните натпревари“, изјави претседателката на федерацијата, Ванда Сигургеирсдотир.


Маунт на продажба, Ливерпул се вклучи во трката

Ливерпул ја предводи трката за потписот на Мејсон Маунт ова лето, бидејќи шпекулациите за иднината на ѕвездата на Челзи продолжуваат – но тој нема да биде евтин.

Според „Атлетик“, Маунт не е блиску до договор со Челзи и постои „растечки сомнеж“ дека ова ќе биде негова последна сезона во клубот во кој игра од шестгодишна возраст.

Има многу клубови заинтересирани за 24-годишниот играч, но наводно Ливерпул е во пол-позиција. Сепак, тие може да се соочат со битка со Баерн Минхен откако поранешниот тренер на „сините“ Томас Тухел беше назначен за нов тренер на германскиот гигант.

Се тврди дека Челзи ќе бара 70 милиони фунти за англискиот репрезентативец од заинтересираните клубови ова лето.


Халанд виси за настап во дербито со Ливерпул

На два дена до големото дерби со Ливерпул, Ерлинг Халанд не беше присутен на тренингот на Манчестер Сити денес, откако со повреда го напушти репрезентативниот собир минатава недела.

Според англиските медиуми, Халанд ќе биде во трка со времето за да биде подготвен за мечот в сабота.

„Бомбардерот“ мораше да го напушти таборот на норвешката репрезентација со повреда на препоните.


Лапорт се сели од Сити во ПСЖ

Пари Сен Жермен будно ја следи и ситуацијата со дефанзивецот на Манчестер Сити, Емерик Лапорт, пишува „Фудбал Инсајдер“. Се чини дека Шпанецот ќе го напушти „Етихад“ на лето, бидејќи клубот планира многу да инвестира во привлекувањето на Јошко Гвардиол од РБ Лајпциг. Така Лапорт го привлекува вниманието на се повеќе клубови од Европа.

Досега се сметаше дека Барселона е фаворит за потписот на Лапорт. Самиот играч исто така посочи дека негова желба е да се пресели на „Камп Ноу“. Сепак, Каталонците можеби ги немаат потребните финансии за ваков трансфер, бидејќи Манчестер Сити за дефанзивецот постави цена од 50 милиони евра. Така, ПСЖ може да ја искористи ситуацијата и да и го украде Лапорт пред нос на Барселона. Францускиот тим гледа на нов централен бек кој ќе го замени Серхио Рамос, кој се очекува да замине на лето кога ќе му истече договорот. Затоа се насочуваат кон Емерик Лапорт.

И самиот фудбалер сака да го напушти „Етихад“ бидејќи е незадоволен што не игра редовно. Тој оваа сезона забележа само 16 настапи во сите натпреварувања. За него се заинтересирани и Челзи и Јувентус.