feature

Жозе Мурињо подготви шопинг листа за јануари

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо,веќе имал направено листа со потенцијални засилувања за тимот во јануарскиот преоден рок.

Португалскиот стручњак размислува за доведување на 3 до 4 играчи кои би пристигнале во Рим. Мурињо ги посакува Рубенс Лофтус – Чик од Челзи и Хари Винкс од екипата на Тотенхем, како и играчот на Борусија Менхенгладбах, Денис Закарија.

Мурињо во неколку наврати од почетокот на сезоната изрази незадоволство од расположливиот играчки ростер во тимот и побара од управата на Рома поголеми вложувања во засилувања.


Несогласувања помеѓу ПСЖ и Аргентина поради Меси

Спортскиот директор на Париз Сен Жермен, Леонардо, искажа незадоволство од фактот што селекторот на Аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Скалони, ги повика Лео Меси и Паредес да се приклучат на подготовките пред закажаните дуели против Уругвај и Бразил, во квалификациите за Мундијалот во Катар.

 Лионел Меси ги пропушти последните два меча на ПСЖ против РБ Лајпциг и Бордо поради непријатност и болки во коленото, но сега тој се приклучи на националниот тим и веќе одржа тренинг со останатите играчи. Од медицинскиот тим на Аргентина се оптимисти дека Меси ќе биде подготвен за настап на натпреварите против Уругвај и Бразил.


Никола Јокиќ суспендиран на еден натпревар

НБА лигата ги одреди казните за инцидентот кој се случи на натпреварот помеѓу Денвер Нагетс и Мајами Хит.

Играчот на Денвер, Никола Јокиќ, кој поради неспортски потег и удар над Маркиф Морис од Мајами доби забрана за настап на еден натпревар и ќе мора да плати парична казна од 210.417 долари.

Маркиф Морис од Мајами ќе треба да плати 5.000 долари поради неспортски фаул над Јокиќ кој беше и причина за почеток на инцидентот, а неговиот клубски колега Џими Батлер доби казна од 30.000 долари поради обид за ескалирање на инцидентот и искажување на навреди кон играчите.


ФИФА ќе ги прогласи најдобрите на 17 јануари 2022 година

Свеченото доделување на наградата „Бест“ (The Best) ќе се одржи на 17 јануари идната година во Женева, објави денеска Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Церемонијата ќе остане виртуелна „во согласност со здравствените мерки“, соопшти ФИФА.

Доделени ќе бидат вкупно 11 награди, од кои најзвучни традиционално се признанијата за најдобар фудбалер и фудбалерка.

Процесот на гласање почнува на 22 ноември, а завршува на 10 декември.


Коронавирусот ја нападна германската репрезентација

Со големи проблеми поради заразени фудбалери со коронавирус се соочува германската фудбалска репрезентација спроти завршните два натпревари во рамки на квалификациите за Мундијалот 2022 во Катар.

Германските медиуми објавија дека позитивен на коронавирус е дефанзивецот Николас Шуле, а поради близок контакт со него изминатите денови, во изолација се уште тројца репрезентативци. Според медиумите, станува збор за Џамал Мусала, Карим – Давид Адејеми и Лирој Сане, чии тестови биле негативни на ковид-19.

Поради овие проблеми селекторот Ханс Флик го откажа последниот тренинг, а постои можност бројката на заразени во германскиот табор да е поголема.

Германија, која е во иста квалификациска група со македoнската репрезентација, веќе го обезбеди настапот на Мундијалот, а квалификациите ќе ги заврши со дуелите против Лихтенштајн на домашен терен и Ерменија во Ереван.


Премиерлигашите ги враќаат зоните за стоење на трибините

Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Манчестер Сити, Челзи и Кардиф Сити, од 1 јануари 2022 година ќе добијат дозвола да направат посебен дел за стоење за фановите, објави министерот за спорт на Велика Британија, Најџел Хадлстон.

Во септември, британските власти ѝ наложија на Агенцијата за безбедност на спортски терени да спроведе тестови за воведување безбедни трибини за стоење кај одредени екипи.

Ќе потсетиме дека сите стадиони во Англија беа целосно направени за седење пред речиси 30 години откако на 15 април во 1989 година, 97 навивачи на Ливерпул ги загубија животите во трагедијата на стадионот „Хилсборо“.


Чави: Дембеле ќе остане, има огромен потенцијал во него

Легендарниот фудбалер на Барселона, Чави Хернандез, кој се врати во клубот како тренер, вели дека Осман Дембеле, мора да остане кај Каталонците.  Стратегот очекува младиот Французин да потпише нов договор за да може да го искористи максимално неговиот потенцијал.

„Дембеле мора да продолжи во Барса. На позицијата како крилен напаѓач може да биде најдобар играч во светот. Продожување на договорот е приоритет. Мора да му помогнеме да ги избегне повредите. Мора да ги превенираме тие ситуации, не смееме да дозволуваме да се случува тоа. Ќе работиме напорно во теретаната за да се реши проблемот“, најави Чави.


Елмас најави победа во Ерменија

Македонската фудбалска репрезентација во моментов се подготвува за дуелите со Ерменија и Исланд во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022.

Прв на распоред е натпреварот со Ерменија кој Македонија го игра во гости на 11 ноември.

За очекувањата од овој дуел свое размислување даде и Елиф Елмас: „Подготовките за натпреварот се одвиваат одлично. Знаеме дека не зависи се од нас, но во Ерменија одиме на победа. Додека има и теоретски шанси за пласман во Катар, ние ќе се бориме до крај.Мораме да покажеме дека сакаме да победиме. Доколку Романија направи кикс ние со две победи можеме да стигнеме до бараж. Покажавме дека можеме да играме против секој, така ќе биде и против Ерменија“.


Гевгелија на еден ден беше центар на атлетиката во Македонија

Изминатава недела, во Гевгелија се одржа првата трка „Ноемвриска Трка 2021“ кој беше одлично организиран од домаќинот, Атлетскиот клуб 7-ми ноември. 

На трката со должина од 10 километри, која се бодуваше за државното првенство, свое учество зедоа 389 натпреварувачи од земјава и соседството. Кај мажите најуспешен беше атлетичарот Дарио Ивановски кој е еден од најпознатите тркачи на долги стази кај нас. Ивановски на трката успеа да постигне и нов државен рекорд. Во женска конкуренција најдобро време постигна Андријана Поп Арсова за која може да се каже дека е една од најдобрите женски маратонки во државата.

На трката во должина од 5 километри која беше од рекреативен карактер, учествуваа вкупно 250 натпреварувачи во машка и женска конкуренција, а на целта најбрзо пристигнаа Стојче Петровски и Весна Кираџиева.

Свое учество на трката низ сончевата Гевгелија имаа Даниел Спасевски, Трајче Павловски и Даниела Тасева кои се дел од тимот на најдобрите обложувалници во Македонија, Евротип. Тројцата настапија под името „Евротип тим“ и добија огромни симпатии од останатите учесници и гледачи на трката. Нивните колеги од обложувалниците Евротип, специјално за оваа пригода пристигнаа од Битола, Струмица, Гевгелија и Валандово и со уникатни транспаренти ги бодреа во текот на целата трка. Да напоменеме дека прв на целта од Евротип тимот пристигна Даниел.

„Обложувалниците Евротип, финансиското друштво СН Финансии и СН Осигурителен Брокер се редовни помагатели на манифестации од ваков тип, кои за цел имаат промовирање на спортскиот дух и активен живот кај населението од сите возрасти. Во името на Евротип обложувалниците упатуваме благодарност и голема пофалба до организаторот за беспрекорната организација на трките. На крајот, го најавуваме нашето учество како спонзори но и како натпреварувачки тим на трката која ќе се одржи следната година “, изјави Елена Трајчевска, маркетинг директор на Евротип.


Челзи го купува Унгарецот Салај

Челзи започна преговори со Фенербахче за централниот дефанзивец Атила Салај, пренесуваат медиумите во Турција. Според истите, разговорите меѓу двете страни се во многу напредна фаза, па можно е склучување на договор во најбрз можен рок.

Екипата на Челзи ќе достави понуда до турскиот Фенербахче во износ од 20 милиони евра, со која 23 годишниот Унгарец би потпишал 6 годишен договор.