Боатенг не сака нов договор, заминува од Баерн ова лето
Жером Боатенг нема да го продолжи договорот со Баерн Минхен и на лето ќе го напушти клубот како слободен агент. 32-годишниот дефанзивец има договор со Баварците до крајот на сезоната и двете страни одлучија да не ја продолжуваат соработката. Ова е вториот важен фудбалер, после Алаба, кој ќе си замине од Баерн Минхен на лето како слободен агент. Боатенг оваа сезона има одиграно 27 меча за Баерн на кои постигна два гола, па многу клубови покажуваат интерес за неговиот потпис.
Промашување на сезоната? (Видео)
На натрепварот од ЛЕ кој е во тек помеѓу Манчестер и Милан, Хари Мегвајер успеа да промаши празен гол. Резултатот после првото полувреме е 0-0. Дали е ова е промашување на сезоната?
Томас Бах е реизбран на позицијата прв човек на Интернационалниот олимписки комитет. Тој победи на изборите со убедлив резултат 93-1 и ќе продолжи да раководи на кормилото на ИОК до 2025 година. Германецот го наследи Жак Рог на претседател на ИОК во 2013 година. Минатата година ИОК реши да ги одложи Олимпските игри во Токио и да ги презакаже за оваа година, но прашање е дали ќе може да се одржат со публика.
По 405 дена, Федерер се врати на тенисот!
Роџер Федерер повторно игра тенис. Во својот прв натпревар по минатогодишниот Австралија Опен, односно 405 дена пауза поради две операции на десното колено, на АТП турнирот во Доха го победи Даниел Еванс со 7:6, 3:6 и 7:5. Долгата пауза остави и мала трага на освојувачот на 20 гренд слем турнири, кој беше и малку збунет со некои новости на своето враќање на терен. Така, мораше да го прашува главниот судија Мохамед Лајани колкава е максималната пауза измеѓу два поени, а не беше сигурен ниту дали мора тој да се погрижи за неговата крпа, или тоа ќе го направи некој од собирачите на топчиња. Федерер, кој немаше настап од поразот против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија Опен минатата година, го освојуваше турнирот во Доха во 2005, 2006 и 2011. година.
Куман: Меси не смее да се сомнева во иднината на Барселона
Барселона на „Паркот на принцовите“ ремизираше со ПСЖ со резултат 1:1, па со вкупни 5:2 по двата натпревари е елиминирана од Лигата на шампионите, а тренерот на каталонскиот клуб Роналд Куман смета дека неговиот тим остави добар впечаток. Холандскиот стратег со причина ја пофали играта на неговата екипа, бидејќи најдобар играч на натпреварот беше голманот на ПСЖ, Кејлор Навас кој имаше девет одбрани, бранејќи и еден пенал на Меси пред крајот на првото полувреме на резултат 1:1. „Заслуживме да имаме водство на полувреме најмалку со 2:1. Тие беа ефикасни на првиот натпревар, но не и сега. Ни недостасуваше среќа. Нивниот голман беше играч на натпреварот. Имавме шанси, но не ги искористивме. Пеналот беше важен момент, бидејќи второто полувреме ќе беше многу поразлично.“ – вели Куман. Следеше прашање и за иднината на Лионел Меси во клубот, бидејќи му истекува договорот по крајот на сезоната. „Лео гледа дека екипата напредува со промените кои ги правиме, со младите играчи кои имаат квалитет и голема иднина. Меси не треба да се сомнева во иднината на оваа екипа.“ – порача Куман.
Клоп донесе одлука која ја менува сезоната на Ливерпул!
Ливерпул го елиминираше Лајпциг во Лигата на шампионите и конечно стигна до четвртфинале. Дали може до освојување на титулата? Јасно е дека Ливерпул никогаш не смее да биде отпишан, но пред нив стои доста тешка задача, да се вратат помеѓу најдобрите 4 во Премиерлигата, што е примарна цел на Јирген Клоп. Дали Клоп е на прагот да го промени текот на сезоната на Ливерпул, овој пат на подобро? Тоа може да се почувствува, а многумина беа пресреќни синоќа кога го видоа Фабињо на неговата природна позиција на средината од теренот. Клоп не им веруваше на дефанзивците кои преостанаа, па Фабињо мораше да покрива на таа позиција поголем дел од сезоната. Најголемиoт проблем настана кога Хендерсон мораше да се врати во дефанзивната линија, па средината на теренот остана нефункционална. Сега Клоп направи голема промена, го врати Фабињо таму каде припаѓа, им даде шанса на дефанзивците Филипс и Кабак, што се покажа како добитно решение. Тоа е и начинот на кој Клоп ќе игра до крајот на сезоната, Фабињо е интегрален дел на средината на теренот и со него на тоа место, Ливерпул може до многу повеќе.
Шок во Јунајтед! Фернандеш одби да потпише нов договор!
Бруно Фернандеш одби да потпише нов договор со Манчестер Јунајтед, објави англискиот медиум „Мирор“ и ги објасни околностите на оваа одлука. Португалецот од доаѓањето во клубот се наметна како најдобар фудбалер во тимот на Оле Гунар Солскјер, па сега англискиот великан се одлучи да го награди со нов договор. Јунајтед на Португалецот му нуди нов петгодишен договор со двојно поголема плата од досегашната. Се работи за 200 илјади фунти неделно, но поранешниот фудбалер на Спортинг ја одби оваа понуда и постави услови на Јунајтед. Тој нема да потпише нов договор пред да ги слушне плановите на клубот за ова лето и отворањето на трансфер пазарот, како би можел да оцени каде се гледа во тие планови. Сега на потег е Јунајтед, кој мора да одлучи дали ќе му ги оствари желбите на најдобриот фудбалер.
Меси и Роналдо без четвртфинале во ЛШ уште од тинејџерските денови
Со елиминацијата на Барселона и Јувентус во осминафиналето од Лигата на шампионите прекината е неверојатната низа на учество на Лионел Меси и Кристијано Роналдо во четвртфиналната фаза од ова натпреварување. Актуелната сезона ќе биде прва уште од сезоната 2004/05, кога двајцата најдобри фудбалери на светот не беа меѓу осумте најдобри клубови на Стариот континент. Таа сезона и двајцата ја започнаа како тинејџери, а сега се на залезот на кариерата, што само по себе говори за должината на низата која синоќа и официјално е прекината. Елиминацијата на Барселона во Лигата на шампионите во осминафинале се случи синоќа за прв пат уште од 2007. година, кога во оваа рунда ги елиминираше тогашниот финалист Ливерпул. Останува да видиме каков одговор ни подготвуваат Меси и Роналдо, дали можеби наредната сезона ќе се обидат со други клубови да го преболат овогодишниот пораз?
Ањели го потврди Пирло, но најави голема реконструкција во Јуве
Јувентус го победи Порто, но после продолженија „старата дама“ поради голот на гости беше елиминирана. После натпреварот критики доби и тренерот на Андреа Пирло. Пирло на кормилото на Јувентус дојде на почетокот на оваа сезона и тоа без ден тренерско искуство. Токму затоа во Јувентус не размислуваат за негов отказ. Претседателот Андреа Ањели имал состанок со Пирло на кој и двајцата заклучиле дека Пирло ќе го води италијанскиот шампион и наредната сезона. И Пирло на прес-конференцијата после натпреварот истакна дека е во Јувентус за да работи на проект од неколку години. На споменатиот состанок според информациите се раговарало и за промените кои треба да се направат во играчкиот кадар.
Лазаров: Почнуваме ново поглавје, спремни сме за Данска
Утре Македонија ја очекува првата од двете средби со селекцијата на Данска во проролжението на квалификациите за Европското првенство. Нашата репрезентација е подготвена за предизвикот, а новиот селектор Лазаров вели дека е задоволен од она што го одработија на подготовките. „Мислам дека сме подготвени, имавме доволно време. Не случајно ги почнавме подготовките два дена порано. На време и се комплетиравме, последен се приклучи Пешевски во вторникот, останатите интернационалци во понеделникот. Мене ми е познат овој ритуал на подготовки, толку време имаат и останатите репрезентации, ние максимално го искористивме. Имавме добри услови и можам слободно да кажам дека добро сме подготвени. Играме против светскиот првак, актуелниот сè уште олимписки шампион. Мене и на играчите ни е чест, што можеме да отвориме едно ново поглавје на македонскиот ракомет почнувајќи со, можеби најдобрата репрезентација на денешницата. Спортски е да се надеваме. Како селектор и како капитен доделив јасни, конкретни улоги, играчите добија можеби и премногу информации за кратко време. Јас мислам дека комплетната слика на оваа нова Македонија која треба да биде ќе ја имам по двата натпревара со Данска. Како што реков, спортски е да се надеваме, ќе веруваме и ќе се бориме докрај, меѓутоа од друга страна знаеме и треба да бидеме реални дека, сепак, Данска е можеби најдобрата светска репрезентација во моментов. Од она што го видовме во видео сесиите, повеќе од десетина, покрај тоа што ја анализиравме Данска, научивме и некои нови работи, дури и јас, кој сум многу долго на високо ниво во ракометот. Навистина беше задоволство за играчите да гледаме, да анализираме и да се подготвуваме за нив, но и да научиме нови работи. Видовме дека не случајно се и 2019 и 2021 светски и актуелни олимписки прваци“, вели нашиот капитен и предводник на оваа генерација.