feature

Крис Пол со „докторска“ партија за 2-0 на Феникс против Денвер

Феникс Санс ја имаат контролата во полуфиналната серија на Западната конференција во НБА лигата, откако со победа од 123:98 поведоа со 2:0 против Денвер.

Крис Пол одигра „докторска“ партија со која уште еднаш покажа зошто е великан на кошарката, а Никола Јокиќ беше стандардно добар во првиот натпревар по прогласувањето за МВП, но го изневерија соиграчите.

Од четвртина во четвртина Феникс го зголемуваше водството, а шест минути пред крајот, кога имаа 31 разлика, двата тренери ги испразнија клупите и на паркетот ги испратија резервите. Тоа им беше петта победа по ред на Феникс, а трета во последните четири натпревари во кои имаа и триесет поени разлика.

Пол диригираше со нападот на Феникс и заврши со 17 поени, 15 асистенции, пет скокови и една блокада, а немаше ниту една загубена топка.

Јокиќ беше запрен на 24 поени, 13 скокови, шест асистенции и две загубени топки. Но, поразувачки за Денвер беше фактот што останатите четворица стартери заедно имаа сличен учинок од 26 поени, 11 скокови и четири асистенции со шут од игра 9/32.



Пипо Инзаги именуван за нов тренер на Бреша

Бреша и официјално го објави Филипо Инзаги за свој нов тренер. Од Бреша вчера потврдија дека поранешниот тренер на Беневенто седнува на клупата и ќе го предводи тимот во новата сезона.

„За мене започнува нова авантура и можам само да бидам среќен и горд што ќе и се придружам на Бреша. Му благодарам на претседателот Масимо Челино и директорот за оваа можност и што покажаа голем интерес и доверба во мене уште од самиот почеток“, изјавил Инзаги.



Костадинов: Ги знаеме нашите квалитети, одиме на победа на секој натпревар

Фудбалската репрезентација на Македонија во недела ќе дебитира на Европските првенства. Историскиот натпревар за ибраниците на селекторот Ангеловски на Националниот стадион во Букурешт в недела ќе играат против Австрија.

Тихомир Костадинов, фудбалерот од средниот ред на Македонија вели дека нашата селекција има квалитет и ќе се обиде да го покаже тоа на секој натпревар.

„Последните два контролни натпревари на националната арена, посебно мечот со Казахстан се одлична увертира за претстојното првенство. Овие две недели ги искористивме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме за натпреварот против Австрија. Секој меч на ова првенство ќе биде тежок, ова за нас претставува огромен предизвик, бидејќи ни е прво Европско. Ги знаеме нашите квалитети, подготвени сме, ќе атакуваме на победа на секој натпревар. Најмногу жалам што нема да бидат исполнети целосно стадионите, но имајки ја предвид целата ситуација последните година и пол, добро е и ова што ќе имаме одреден процент на публика. Се надеваме на голема поддршка од нашите навивачи и знаеме дека ќе не бодрат на целото првенство. Оваа репрезентација има голем напредок во однос на последната пресметка со Австрија. Расте самодовербата кај нас играчите, селекторот и целиот стручен тим. Ни одговара тоа што не сметаат за аутсајдери на ова првенство, тоа нас ни оди во прилог, опуштени сме, не чувстуваме никаков притисок. Оваа репрезентација поседува квалитет, на секоја репрезентација ќе и биде тешко да игра против нас”, вели Тихомир Костадинов.



Барди: Ќе потврдиме дека вредиме како тим

Македонската репрезентација се наоѓа во Букурешт, каде што ги одработува последните подготовки пред настапот на Европското првенство. Нашата репрезентација се наоѓа во групата Ц заедно со селекциите на Холандија, Австрија и Украина. Првиот натпревар избраниците на селекторот Игор Ангеловски го играат на 13 јуни против Австрија со почеток од 18:00 часот.

Енис Барди, фудбалерот на шпански Леванте се чувстува одлично по десет дневната изолација и вели дека тој и неговите соиграчи извлекле голема поука од натпреварот со Австрија во Скопје и поразот од 4-1. Уверен е дека нема да ги повторат истите грешки.

„Пред се би сакал да се заблагодарам многу на селекторот, моите соиграчи и федерацијата за поддршката што ја добив додека бев во изолација. Беше тешко, но се помина во најдобар ред. Не чувствувам никакви проблеми, се е во најдобар ред, подготвен сум и физички и психички за Европското првенство. Со нетрпение го очекувам стартот на ова првенство, сите сме максимално фокусирани на првиот натпревар против Австрија, селекција која ни е многу добро позната. Тоа што го постигнавме со селекцијата до 21 година во Полска е нешто незаборавно, но овој настап и овој турнир е нешто сосема различно. Не се чувствуваме како аутсајдери, тоа го докажавме и покажавме на претходните натпревари. На ова Европско првенство ќе потврдиме колку навистина вредиме како тим. Ми претставува огромна чест што сум дел од оваа генерација која успеа да оствари историски успех, пласман на едно Европско првенство. Ќе дадам се од себе на секој натпревар, а на селекторот е да одлучи дали ќе играм од почеток. Треба да бидеме максимално концентрирани на секој натпревар и во текот на сите 90 минути”, вели Енис Барди.



Дримтимот во Токио без Џејмс и Дејвис

Леброн Џејмс и Ентони Дејвис се најновите имиња кои нема да настапат за американската кошаркарска репрезентација на Олимписките игри во Токио, јавуваат локалните американски медиуми, повикувајќи се на извори блиски до двајцата играчи.

Џејмс во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата се мачеше со повреда и пропушти дури 27 натпревари поради истата,  додека Дејвис отсуствуваше од теренот речиси половина сезона, односно  на 36 натпревари поради повреди на потколеницата и проблеми со Ахиловата тетива. И двајцата планираат одморот да го искористат за санирање на повредите и што поспремни да ја дочекаат новата сезона во НБА.

Американскиот селектор Грег Попович би можел да остане и без кошаркарот на Голден Стејт, Стеф Кари, чии шанси за настап во олимпискиот тим на Игрите во Токио се 50-50.


Повредата на Бензема не е сериозна, ќе настапи на ЕП

Фудбалерот на Реал Мадрид се повреди на вчерашниот натпревар на Франција со Бугарија, но според извештаите повредата не е толку сериозна за да го загрози настапот на Карим Бензема на ЕП.

„Карим доби удар во мускулот. Тој почувствува дека болката му се зголемува, па не сакавме да ризикуваме. Медицинскиот тим во репрезентацијата направи добра работа, па денеска ситуацијата е многу подобра. Повредата не е драматична“, изјави селекторот Дидие Дешан.

Карим Бензема се врати во репрезентацијата по шест години откако беше исфрлен поради скандалот со соиграчот Матие Валбуена.


Балотели ја напушта Италија?

Марио Балотели веројатно ќе ја напушти Монца ова лето. Италијанскиот напаѓач има понуда од новиот турски прволигаш Адана Демирспор, а од Монца потврдија дека се уште не започнале да преговараат за нов договор со 31-годишниот Балотели. Тој имаше договор со италијанскиот второлигаш до крајот на сезоната.

„Договорот на Балотели истече. Ќе видиме со новиот тренер Џовани Стропа што ќе одлучиме.“ – рече главниот човек на Монца, Адриано Галијани.

Балотели во Монца помина пет месеци и постигна шест погодоци во 14 настапи, но не успеа да го зацврсти своето место во првиот тим. Претходно, тој настапуваше за Интер, Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Ница, Марсеј и Бреша.


Барселона продава три ѕвезди

Барселона ова лето ќе продаде неколку играчи, а повеќе шпански медиуми пишуваат дека на трансфер листата се наоѓаат Филипе Кутињо, Миралем Пјаниќ и Самуел Умтити.

Кутињо е едно од најголемите промашувања во историјата на Барселона. Платен е 135 милиони евра, најскап фудбалер во историјата на клубот, а минатата сезона одигра само 792 минути. Мадридски „Ас“ пишува дека постои можност Кутињо да се врати во Ливерпул. Имено, Барселона се обврза да го исплаќа Кутињо на рати, а се уште не е исплатена последната рата во вредност од околу 50 милиони евра. Со оглед на тоа што се наоѓа во големи финансиски проблеми, „Ас“ наведува дека Барселона испрати понуда до Ливерпул да го врати Кутињо под услов англискиот клуб да ја „прости“ последната рата.

Пјаниќ минатото лето пристигна од Јувентус, но на Камп Ноу беше во втор план, па сега каталонците се обидуваат да се ослободат од него. Фудбалерот од Босна и Херцеговина се поврзува со Јувентус и Челзи. Умтити пак, веќе три сезони не е стандарден во одбраната и сега сака да го промени клубот како би имал поголема минутажа.

Барселона ова лето ги доведе Серхио Агуеро и Ерик Гарсија од Манчестер Сити, како и Емерсон од Бетис.


Нов случај на КОВИД-19 пред почетокот на ЕУРО

Фудбалерот на шведската репрезентација, Дејан Кулушевски е позитивен на КОВИД-19 и ќе го пропушти првиот натпревар против Шпанија, објави Шведскиот фудбалски сојуз.

Играчот на Јувентус остана во Стокхолм, додека остатокот од репрезентативците отпатуваа за Гетеборг, каде ќе ги одработат последните подготовки за првенството.

„Дејан Кулушевски ја извести лекарската екипа дека има симптоми на настинка. Веднаш беше тестиран и тестот беше позитивен. Дејан од тогаш е во изолација од останатите во репрезентацијата и не отпатува со нив во Гетеборг.“ – објави лекарот на репрезентацијата, Андерс Валентин.

Шведскиот селектор Јане Андерсон изјави дека нема да повика друг играч и се надева дека Кулушевски ќе биде во можност да се приклучи на екипата по првиот натпревар против Шпанија, кој е на распоредот во понеделник и се игра во Севиља.

Капитенот на шпанската репрезентација, Серхио Бускетс исто така е позитивен на КОВИД-19.


ЕУРО 2020 – 23. Франција одблиску

Франција е еден од основачите на ФИФА и УЕФА

Фудбалска федерација на Франција е на раководното тело на фудбалот во Франција, како и во прекуморските региони и територии (Гваделуп, Француска Гвајана, Мартиник, Мајот, Нова Каледонија, Француска Полинезија и Реунион). Таа е формирана во 1919 година и е со седиште во главниот град Париз. ФФФ била еден од основачите на ФИФА и е одговорна за надгледување на сите аспекти на играта на фудбалот во Франција, и професионални и аматерски. Француската фудбалска федерација е еден од основачите на УЕФА и се приклучи на ФИФА во 1907 година, откако го замени УСФСА, кои беа основачките членови. 

Дешамп го врати Бензема, Франција делува застрашувачки

Карим Бензема и официјално по шест години се врати во репрезентацијата на Франција. Селекторот Дидие Дешамп го соопшти списокот од 26 патници за Европско првенство (ЕП), а на листата е и напаѓачот на Реал Мадрид.

Бензема беше отпишан од репрезентацијата од крајот на 2015 година поради инцидентот во кој беше вклучен и Валбуена, но тоа се промени сега.

Овој искусен напаѓач и сезонава игра одлично во дресот на Реал Мадрид, зашто на 45 меча успеа да постигне дури 29 голови.

Голмани: 

Лорис, Манданда, Мањан.

Одбрана 

Павард, Дубоис, Зума, Варан, Кимпембе, Ленглет, Л. Хернандез, Дињ, Коунде

Среден ред: 

Сисоко, Канте, Лемар, Погба, Рабиот, Толисо

Напад: 

Бен Једер, Бензема, Коман, Дембеле, Жиру, Гризман, Мбапе, Турам

„Триколорите“ без дилема се едни од фаворитите за златниот медал на ЕП, а очигледно и Дешамп сака да го освои трофејот. Оваа селекција е во група со Германија, Португалија и Унгарија.

Франција е прв фаворит на Европското првенство

Европското првенство стартува 11 јуни и ќе трае се до 11 јули. Најдобрите 24 селекции на стариот континент ќе играат за европската титула, а за прв пат во историјата натпреварите ќе се играат на повеќе локации ширум Европа. Ова првенство е историско и за нас бидејќи Македонија за првпат ќе настапи на еден голем фудбалски шампионат.

Титулата на престојното првенство ќе ја брани Португалија, со оглед на тоа дека во 2016 година на „Сен Дени“ го совладаа домаќинот Франција со 1-0 и по првпат во историјата го освоија трофејот наменет за најдобриот тим во Европа.

Но, европските прваци не се прв фаворит за освојување на турнирот чија завршница оваа година ќе се игра на лондонски „Вембли“.

Најголеми шанси за европската титула според истражуваата на „Опта“ има актуелниот светски првак Франција и тие имаат 20,5 проценти шанси да го освојат трофејот. Веднаш зад „Триколорите“ е селекцијата на Белгија. „Црвените ѓаволи“ имаат 15,7 проценти шанси за трофејот, а по нив изненадувачки следува Шпанија која е во фаза на промена на генерацијата и имаат 11,3 проценти шанси.