feature

Јувентус ја пронајде замената за Дибала

Најверојатно екипата на Јувентус ќе се раздели со својот напаѓач Пауло Дибала, откако двете страни не се договорија за нов договор. 

Актуелниот договор на Аргентинецот со Јувентус истекува на лето и тој ќе го напушти Торино како слободен играч. 

Според „Газета дело Спорт“, „бјанконерите“ веќе се одлучиле за ангажман на напаѓачот од Сасуоло, Џакомо Распадори, во кого гледаат идеална замена за Дибала.

22-годишниот Италијанец има договор со Сасуоло до јуни 2024 година, а сезонава одигра 31 натпревар и постигна 9 гола во сите натпреварувања за својот тим.


Дракслер успешно опериран, следи пауза од 30-45 дена

Јулијан Дракслер беше опериран поради кинење на менискусот на десното колено. Неговото враќање во тренажниот процес се очекува за 30-45 дена, соопштија од клубот.

Тоа значи дека најверојатно повеќе нема да игра за парижани бидејќи се очекува да си замине ова лето. Оваа сезона Дракслер има вкупно само 541 минута на теренот, а не може да се носи со сериозната конкуренција.

Фудбалерот од средниот ред размислува да игра за друг клуб за на крајот да се избори за место во германската репрезентација на Светското првенство во Катар. Севиља е меѓу можните опции пред него.


Осимен ги продолжи тренинзите со Наполи, и е подготвен за Фиорентина

Напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен ги продолжи тренинзите со првата екипа и ќе биде во составот за првенствениот натпревар со Фиорентина во недела.

Нигерискиот репрезентативец пред неколку дена го напушти тренингот со тимот поради болки во левата надколеница, но после деталните прегледи се испостави дека повредата не била сериозна и играчот брзо се врати на терените.

Осимен оваа сезона на 25 натпревари за Наполи има постигнато 15 гола и 4 асистенции.


Манчестер Јунајтед веќе работи на првиот летен трансфер

Според медиумите од Островот, Манчестер Јунајтед почна да работи на трансфер на Калвин Филипс од Лидс.

Приоритет на „црвените ѓаволи“ за летниот период  е ангажман на дефанзивен играч за врска, па за таа цел клубот ќе проба да го доведе Калвин Филипс од Лидс Јунајтед.

 Јунајтед е заинтересиран и за Деклан Рајс од Вест Хем, но поради неговата висока цена од 150 милиони фунти, пореална опција како засилување се посочува играчот на Лидс. Неговиот договор со актуелнот клуб важи до 2024 година.


„Кралевите“ загреани за новата ѕвезда на Виљареал

Реал Мадрид е силно заинтересиран за ѕвездата на Виљареал, Арно Данџума, пренесуваат шпанските медиуми.

Холанѓанецот оваа сезона игра во извонредна форма, особено во Лигата на шампиони и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Данџума е поливалентен фудбалер кој може да игра на повеќе позиции во нападот, па во Реал веруваат дека ќе биде идеална замена за Азар.

Азар не ги оправда очекувањата и на крајот на сезоната сигурно ќе го напушти Реал, па „кралевите“ сакаат да ја доведат ѕвездата на Виљареал.

Холанѓанецот има договор со „жолтата подморница“ до 2026 година и за неговата слобода бараат 50 милиони евра.


Гвардиола демантира дека ќе ја преземе бразилската репрезентација

Според „Марка“ Пеп Гвардиола треба да ја преземе репрезентацијата на Бразил по Светското првенство. Наводно, Бразилците се сигурни дека актуелниот менаџер на Манчестер Сити од 2023 година ќе им биде тренер за 12 милиони евра годишно, а би требало да потпише на четири години.

Гвардиола за тоа беше прашан од шпанските новинари, а еве што одговори: „Бразил има многу добри домашни тренери кои ќе ја водат репрезентацијата… Има многу добри бразилски тренери. Крај на дебатата“.

Сити и Пеп го продолжија договорот во ноември 2020 година и ќе трае до 2023 година. Досегашниот селектор Тите најави заминување по Мундијалот, па Бразилците веќе работат на неговиот наследник.

Гвардиола никогаш во кариерата не водел репрезентација, а Бразил во својата историја немал странец на клупата.

Гвардиола досега ги водеше Барселона, Баерн и Манчестер Сити.


Чави: Ајнтрахт беше одличен, немавме решение за нивната традиција

Тренерот на Барселона, Чави Хрнандез, призна дека неговиот тим имал многу потешкотии против Ајнтрахт на првиот меѓусебен натпревар во четвртфиналето на Лигата на Европа. Натпреварот во Германија заврши 1:1, а поранешниот играч од средниот ред ги пофали домаќините.

„Се соочивме со тежок и физички многу силен противник. Не знаевме како да ги спречиме. Моравме да играме поцврсто за да се справиме. Дополнително, теренот не беше во многу добра состојба. Создадовме помалку ситуации од вообичаено, но задоволни сме од резултатот. Вообичаено, тимот што ќе ја совлада иницијативата има повеќе шанси за гол, но тоа денеска не беше случај. Ајнтрахт правеше ѓаволски контранапади и ние навистина не знаевме како да им се спротивставиме“, изјави тренерот на Каталонците.


Саинц најбрз на слободниот тренинг во Австралија

Карлос Саинц од Ферари беше најбрз на првиот слободен тренинг пред трката за ГН на Австралија во Формула 1 на Алберт Парк во Мелбурн.

На второто место зад него беше неговиот тимски колега и актуелен лидер во генералниот пласман, Шарл Леклер. Трето време оствари Серхио Перез од Ред Бул, а Топ 6 го комплетираа светскиот шампион и тимски колега на Перез, Макс Ферстапен, како и Ландо Норис од Мекларен и Естебан Окон од Алпин. Луис Хамултон денеска беше дури седми.

Четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, кој ги пропушти првите две трки поради ковид-19, имаше 13-то време.


ПСЖ со нова неверојатна понуда за Мбапе

Челниците на Париз Сен Жермен, се истрајни во нивната желба да го задржат Килијан Мбапе во клубот. За таа цел тие се подготвени да одвојат неверојатна сума пари за 23-годишниот Французин.

Добро информирани новинарски извори тврдат дека популарните „Светци“ нудат неверојатни 150 милиони евра за нов двегодишен договор на Мбапе. Напаѓачот и репрезентативец на Франција е во преговори со неговиот актуелен клуб но и со Реал Мадрид, и многу брзо ќе мора да донесе одлука бидејќи неговиот сегашен договор истекува на крајот од сезоната.

Мбапе на 27 првенствени натпревари сезонава има постигнато 17 гола и 13 асистенции.


Цонга најави пензија по завршувањето на Ролан Гарос

Францускиот тенисер Жо Вилфред Цонга објави дека ќе ја заврши кариерата по Ролан Гарос.

Цонга, кој на 17 април ќе го прослави 37. роденден, своевремено беше петти тенисер во светот, но поради бројните повреди и лошата форма падна на 220. место на АТП листата.

„Ова ќе биде мое 15-то учество на Ролан Гарос и се надевам дека ќе бидам онака како што отсекогаш сум бил на овој турнир“, рече Цонга.

Французинот во кариерата освои 18 АТП титули, а најблиску до трофејот на Гренд слем турнирите беше во 2008 година, кога во финалето на Австралија опен беше поразен од Новак Ѓоковиќ.

Беше полуфиналист на Ролан Гарос и Вимблдон, додека на УС Опен во неколку наврати стигнуваше до четвртфиналето.