feature

Барса го сака Димитриевски и следната сезона

Неодамна македонскиот голман Столе Димитриевски потврди дека во јануари бил блиску до преселба во Барселона, но трансферот не се реализирал затоа што Бразилецот Нето одбил да си замине од редовите на Каталонците. Меѓутоа „Ел Национал“ денес објави дека Димитриевски се уште е желба на Барселона.

Според информациите на споменатиот медиум Димитриевски бил на списокот желби кој Чави го испратил на директорот Метју Алемани за претстојниот преоден рок кога се очекува во Барселона да се случи сериозна реконструкција.

„Нето заминува на лето, па така позицијата на втор голман останува празна, а Димитриевски се уште е желба на Барселона. Доколку не се реализира трансферот на Димитриевски резервна опција е враќање на Ињаки Пења кој е на позајмица во Галатасарај“, пишува „Ел Национал“.


Салах верува во четири трофеи на Ливерпул сезонава

Египетската ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах верува дека освојувањето четири трофеи оваа сезона е можна цел.

Ливерпул се бори за титулата во Премиер лигата и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, каде на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз ќе се соочи со Реал Мадрид.

„Не е се во наши раце. Мораме да ги добиеме нашите натпревари до крајот на сезоната и да се надеваме дека Манчестер Сити ќе загуби бодови. Имаат прекрасен тим и одличен тренер. Сега, сепак, мислите ми се насочени кон финалето на Лигата на шампионите, како и на остатокот од тимот. Треба да бидеме целосно фокусирани и да се реваншираме за поразот во 2018 година“, изјави Салах.

Во 2018 година, Ливерпул загуби со 1-3 од Реал Мадрид.


Артета ја продолжи соработката со Арсенал

Тренерот Микел Артета го продолжи договорот со Арсенал. Шпанецот со новиот договор ќе остане во клубот од Лондон до јуни 2025 година.

„Среќен сум и возбуден. Ви благодарам на сите бидејќи денес сум многу среќен човек“, рече Артета после потписот на новиот договор.


Бугарскиот тинејџер Мартин Георгиев се сели во Барселона

Барселона ангажираше талентиран стопер, кој најпрво ќе игра во „Б“ тимот на Барселона.

Кариерата на најдобриот бугарски фудбалер на сите времиња Христо Стоичков е нераскинливо поврзана со Барселона. Бугаринот играше за шпанскиот гигант во два наврати, од 1990 до 1995 година, потоа од 1996 до 1998 година.

Моментално второпласираниот тим од Ла Лига реши повторно да пазари во Бугарија, овојпат потпишувајќи договор со суперталентираниот Мартин Георгиев, момче кое има само 16 години.

Георгиев игра на позицијата стопер, настапувал за Славија од Софија, а најпрвин ќе тренира во „Б“ тимот на Барселона, со напомена дека ќе тренира и со првиот тим. Оваа сезона тинејџерот одигра седум натпревари за Славија, од кои пет во првенството. Детали за овој трансфер не се објавени.


Мбапе се согласил на нов договор со ПСЖ

Неколку медиуми во Франција ја пренесуваат веста дека Килијан Мбапе се согласил на нов двегодишен договор со Париз Сен Жермен.

На 23-годишниот Мбапе договорот со ПСЖ му истекува на крајот од сезоната и во моментов се бројни шпекулациите дека тој ќе се пресели во шпанскиот гигант Реал Мадрид. Сепак, според најновите информации францускиот репрезентативец би можел да го продолжи престојот во клубот од Париз.

Според различните извори, од ПСЖ на Мбапе му нудат годишна плата од 50 милиони евра и уште 100 милиони при негов нов потпис. Така тој во следните две сезони би заработил 200 милиони евра.


Маркос Алонсо пред враќање во Ла Лига

Новинарот Фабрицио Романо објави дека дефанзивецот на Челзи, Маркос Алонсо, сака да се врати во Шпанија и следната сезона да игра во Ла Лига.

Интерес за шпанскиот фудбалер има од екипата на Барселона, каде веќе се разгледува ситуацијата околу негов трансфер.

Од Челзи немаат намера да го спречат евентуалното заминување на Алонсо од клубот, но засега нема конкретна понуда за негова продажба.


Ливерпул преговара со Чуамени

Англискиот „Дејли Експрес“ пишува дека Ливерпул е во преговори со играчот од средниот ред на Монако, Аурелиен Чуамени. Монако го проценува 22-годишниот играч на 60 милиони евра.

Фудбалерот од Франција е интересен и за Реал Мадрид, кој според некои информации исто така ќе се обиде да го доведе во своите редови.

Договорот на Чуамени со Монако е со важност до јуни 2024. Тој сезонава запиша 46 натпревари, постигнувајќи три гола и две асистенц


Големиот Пеле со пофалби за Родриго

Најдобриот бразилски фудбалер на сите времиња Пеле, преку објава на Инстаграм му честиташе на Родриго, кој беше херој во победата на Реал Мадрид во полуфиналето од ЛШ над Манчестер Сити.

Родриго беше најзаслужен за резултатскиот пресврт на „Сантијаго Бернабеу“, кога при водство на гостите од Манчестер од 0:1, после 90. минута од средбата успеа да постигне два брзи гола со кои натпреварот отиде во продолжение, за на крајот Реал да оствари конечна победа од 3:1 и ќе игра во големото финале во Париз против Ливерпул.

„Отсекогаш знаев дека ќе дојде денот кога ќе те поздравам пријателе. Не може поинаку да биде за оние кои напорно работат и го сакаат тоа што го работат. Ти си просветлен и ќе ни донесеш многу повеќе радост Родриго. Напред Реал Мадрид! Едвај чекам да го гледам финалето!“, напиша Пеле на Инстаграм.


Погба одлучил да игра за ПСЖ

„Мундо Депортиво“ пренесува дека играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, сака да заигра за Париз Сен Жермен ова лето.

Французинот наводно веќе им кажал на своите блиските луѓе дека посакува да се врати во Франција по истекот неговиот договор со Јунајтед по крајот на сезоната.

29-годишниот играч го одигра последниот натпревар за „црвените ѓаволи“ минатиот месец против Ливерпул на „Енфилд“. Тој поради повреда нема да може да учествува во натпреварите на тимот до крајот на сезоната.


Кепа ќе го замени Рули на голот на Виљареал

Полуфиналистот од Лигата на шампионите, Виљареал е подготвен да го ангажира голманот на Челзи, Кепа Аризабалага, објавија медиумите во Англија.

Тренерот на Виљареал, Унаи Емери смета дека купувањето голман е приоритетна цел за летото, поради неубедливиот настап на Џеронимо Рули. Аризабалага оваа сезона забележа 15 настапи во сите натпреварувања.

На 8 август 2018 година, Кепа му се приклучи на Челзи од Атлетик Билбао. Договорот е на 7 години, трансферната сума изнесуваше 80 евра, со што стана најскапиот голман во историјата на фудбалот. Покрај тоа, тој стана и најскапиот Шпанец.