feature

Садио Мане бара иста плата со Салах

Членот на Ливерпул, Садио Мане наводно ја отфрлил првичната понуда на клубот за нов договор.  Како услов за потпишување на нов договор тој побарал плата која би била еднаква со онаа на неговиот тимски колега Мохамед Салах.

Договорите на двајцата играчи со клубот од „Енфилд“се со важност до 2023 година и во клубот веќе започнаа со интензивни преговори за нивно задржување во Ливерпул.

Според информациите Мохамед Салах барал зголемување на платата на 300.000 фунти неделно, а Мане очекува и тој да ја добие истата понуда со оглед на неговата досегашна верност со клубот.


Рамос конечно дебитира за ПСЖ против Манчестер Сити?

Француските медиуми пренесуваат дека дефанзивецот Серхио Рамос може да дебитира во дресот на Париз Сен Жермен. Тој е вклучен во тимот кој ќе патува на гостувањето против Манчестер Сити во рамките од групата А во Лигата на шампиони.

Ветеранот Рамос кој летово премина од Реал Мадрид во тимот од Париз, сеуште нема забележано ниту еден настап за својот нов клуб поради големиот број на повреди со кои се соочува. 

Натпреварот помеѓу овие два клуба ќе биде директен дуел за првото место во групата, во која Манчестер Сити е лидер со 9 бода а ПСЖ има освоено 8 бода.


Конте го носи Лаутаро во Тотенхем

Медиумите од Англија известуваат дека Тотенхем покажува сериозен интерес за центарфорот на Интер, Лаутаро Мартинез.

Името на Мартинез долго време се поврзува со екипата на Тотенхем, но сега шансите за негово доаѓање во Лондон се зголемија откако за тренер беше назначен Антонио Конте. 

Конте цели две сезони му беше тренер на аргентинскиот напаѓач во екипата на Интер, а минатата сезона заедно станаа и шампиони на Серија А.

Лаутаро има актуелен договор со „сино-црните“ до 2026 година, па доколку Тотенхем сака да го види во своите редови ќе треба да издвои приближно 80 милиони евра.


Лоша вест за Наполи, Виктор Осимен ќе мора на операција

Од прес службата на Наполи проследија информација дека напаѓачот на екипата, Виктор Осимен ќе мора да биде опериран поради здобиени искршеници на лицето.

22- годишниот Нигериец повредата ја заработи во дерби натпреварот од Серија А, против екипата на Интер. Тој при еден воздушен дуел со противничкиот играч Шкрињар,мораше да го напушти теренот поради вртоглавица, но подоцна при дополнителниот преглед лекарите откриле дека има скршеници во пределот под левото око и  јаболчната коска.

Осимен ќе биде надвор од теренот најмалку еден месец и со сигурност нема да настапува за Наполи до крајот на годината.


Баерн нуди астрономска плата за Шпанецот Педри

Педри може да продолжи кариера во германската Бундеслига. Баерн Минхен е заинтересиран за услугите на 18-годишниот фудбалер. Германскиот клуб се очекува четирикратно да ја зголеми платата на Шпанецот во однос на онаа што ја добива во Барселона. За потписот на Педри, Баерн Минхен е подготвен да го собори својот трансфер рекорд. Да потсетиме дека во моментов тоа е 80 милиони евра.Толку му беше платено на Атлетико Мадрид во 2019 година за трансферот на дефанзивецот Лука Ернандез. Договорот меѓу Барселона и Баерн Минхен би можел да се реализира или во текот на зимскиот преоден рок или во текот на летото.

Договорот на Педри со каталонскиот клуб е до јуни 2026 година. Според порталот Трансфермаркт, пазарната вредност на играчот е 80 милиони евра. Во актуелната сезона од Ла Лига, играчот од средниот ред настапи на два натпревари и не постигна ниту еден гол.


Манчестер Јунајтед веќе избра нов тренер кој би пристигнал на лето

Откако клубот од „Олд Трафорд“ го раскина договорот со Оле Гунар Солскјер, веднаш се започна со потрага по ново тренерско име кое ќе го замени Норвежанецот.

Како прв избор за наследник на клупата веќе е пикиран Маурисио Почетино. Челниците на Манчестер Јунајтед очекуваат дека Почетино би бил најдобра опција за екипата и очекуваат тој да пристигне во клубот на лето.

Аргентинецот Почетино во моментот е тренер на Париз Сен Жермен, но во неколку наврати има изјавено дека сака повторно да работи во Премиер лигата. Тој претходно ги водеше екипите на Саутемптон и Тотенхем.



Борусија Дортмунд без Халанд и Хумелс во ЛШ

Екипата на Борусија Дортмунд ќе биде без Ерлинг Халанд и Матц Хумелс во можеби решавачкиот натпревар од групата Ц од Лигата на шампионите против Спортинг Лисабон на гостински терен.

Двата тима имаат еднаков број на бодови пред финалните два меча во групната фаза и нивната меѓусебна пресметка можеби ќе одлучи кој ќе му се приклучи на Ајакс за пласман во елиминационите натпревари.

Сепак  „жолто-црните“ од Дортмунд ослабени ќе патуваат за Лисабон, бидејќи во екипата нема да настапат Матц Хумелс и Ерлинг Халанд. Првиот ќе паузира поради суспензијата заработена по добиениот црвен картон на средбата со Ајакс, додека Халанд веќе подолг период се опоравува од повреда.


Зенит му нуди нов договор, Азмун ќе ги одбие богатите понуди

Зенит планира да го задржи напаѓачот Сердар Азмун и покрај најавите за негово заминување на крајот на сезоната. Азмун ќе стане слободен агент на 30 јуни 2022 година, ако не успее да се договори за нова соработка со тимот од Ст. Петерсбург.

„Од страната на Зенит постои таква желба. Зенит планира да ги продолжи преговорите за нов договор во декември“, изјавил извор од клубот.

26-годишниот ирански репрезентативец е на мета на неколку француски и италијански тимови.


НБА го суспендира Леброн Џејмс

Од НБА лигата ги соопштија казните за инцидентот кој се случи на натпреварот помеѓу екипите на Детроит Пистонс и Лос Анџелес Лејкерс.

Играчот на ЛА Лејкерс, Леброн Џејмс, кој со намерен удар го раскрвари лицето на противничкиот играч Ајзеа Стјуарт, заработи суспензија од еден натпревар и тој нема да настапи на дуелот со Њујорк Никс.

Центарот на Детроит, Ајзеа Стјуарт, кој после фаулот над него проба физички да се пресмета со Џејмс и да предизвика тепачка, доби забрана за настап на два натпревари.


Алегри: Челзи е поопасен ривал без Лукаку

Јувентус веќе го oсигура пласманот во следната фаза од Лигата на шампиони, а утре му гостува на Челзи во дуел за првото место во групата.

Челзи на тој меч ќе биде без Ромелу Лукаку, а Алегри тврди дека „сините“ се поопасни без Белгиецот.

„Ќе играме за првото место во групата, но знаеме дека ќе биде тешко бидејќи играме против лидерот во Премиер лигата. Без Лукаку Челзи има различни карактеристики, тимот е побрзо, понепредвидлив и поопасен за нас“, изјави Алегри.

Алегри исто така има проблем со повредени фудбалери и нема да може да смета на Кјелини, Де Шиљо и Данило, додека Дибала се уште е неизвесен.