feature

Гундоган заминува од Сити на крајот на сезоната

Илкај Гундоган е подготвен да го напушти клубот на крајот од актуелната сезона. Германскиот фудбалер со турски корени сака да добие постојана минутажа, но Пеп Гвардиола не може да му го гарантира тоа. Гундоган има 26 настапи за Манчестер Сити оваа сезона во Премиер лигата, постигнувајќи шест гола и четири асистенции.

Илкај Гундоган му се приклучи на Манчестер Сити од Борусија Дортмунд на 1 јули 2016 година. Неговата моментална вредност е 35 милиони евра. Претходно беше објавено дека играчот од средниот ред би можел да ја продолжи кариерата во американската МЛС лига, како и во еден од клубовите во турскиот шампионат.


Анчелоти импресиониран од Салах: Тој е најдобар играч на својата позиција

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти го подготвува тимот за финалето од Лигата на шампионите кое е закажано за 28 мај во Париз против Ливерпул. Италијанскиот стручњак проговори за најголемата опасност за неговиот тим во битката за трофејот.

За искусниот стратег на Реал, Мохамед Салах е опасноста број еден. Египјанецот ќе има посебен мотив против Реал поради начинот на кој го напушти финалето во 2018 година во Киев, кога Серхио Рамос го повреди по само половина час игра.

Веднаш по пласманот во финалето, еден од најдобрите играчи на Ливерпул во изјава не штедеше пофалби кон самиот себеси.

„Ако ме споредите со кој било играч на мојата позиција, ќе видите дека сум најдобар во светот, а статистиката може да ги потврди моите зборови“,изјави Салах.

Тренерот на Реал Мадрид се согласи со крилниот напаѓач на Ливерпул и ги потврди неговите зборови.

“Салах им кажа на медиумите дека е најдобриот играч во светот на својата позиција, се согласувам со него. На својата позиција тој е најдобар”, изјави Анчелоти.


Кјелини: Ова беше долго патување, потребно ми е ново искуство

Дефанзивецот на Јувентус, Џорџо Кјелини го одигра својот последен натпревар пред публиката во Торино. Но тоа не значи и крај на неговата фудбалска кариера. Фудбалерот ја најави можноста за негово заминување во странство.

Имено, големи се шансите Кјелини да замине за Америка и да се испроба во клуб од тамошната МЛС лига, од каде има неколку интересни понуди.

“Чувствувам дека ми е потребно поинакво искуство, поинаква култура. Свесен сум дека ќе морам да донесам важна одлука. Одлуката ќе ја донесам заедно со моето семејство. Ова беше долго патување, кое започна кога влегов како замена за Павел Недвед во натпреварот против Месина.Уживав во секој момент“, изјави Кјелини.


Алиоски во идеалниот тим на првенството на Саудиска Арабија

Репрезентативецот на Македонија, Езгјан Алиоски доби место во тимот на сезоната во Саудиска Арабија.

Алиоски со добрите настапи започна да ги освојува симпатиите во Ал Ахли уште по првата сезона. Тимот на Ал Ахли е второпласиран на табелата во првенството зад лидер Ал Итихад, а до крајот на сезоната има уште четири кола. Ал Ахли заостанува шест бода.

Во редовите на Ал Ахли Алиоски пристигна како слободен играч од Лидс откако му заврши договорот со англискиот премиерлигаш. Во својата прва сезона оствари учинок од шест гола и седум асистенции.


Божо Анџелиќ е нов член на РК Вардар 1961

Репрезентативецот на Црна Гора, Божо Анџелиќ е новото засилување во екипата на Вардар за следната сезона.

30-годишниот Црногорец игра на позицијата среден бек, а во Вардар пристига од тимот на Ференцварош од Унгарија.

Договорот со Анџелиќ е потпишан на една сезона, со можност за продолжување на уште една. Тој е второ засилување на тимот за следната сезона, после Словенецот Цехте.


Хазенхитл: За Саутемптон натпреварот со Ливерпул е како финале во Лигата на шампиони

Екипата на Ливерпул, која сеуште има шанса за освојување на титулата во Премиер лигата, вечерва гостува во Саутемптон. Црвените од Ливерпул, заостануваат четири бода зад Манчестер Сити, но имаат натпревар помалку кој мора да го добијат ако сакаат да ја продолжат трката за трофејот.

Тимот на Саутемптон игра доста променливо во вториот дел од сезоната и се соочува со доста проблеми. Сепак, домаќините посакуваат победа над финалистот во ЛШ.

„Нашите навивачи знаат против кого играме, знаат колку е тешко и во каква форма е Ливерпул, иако имаат неколку повредени играчи. Ова е наше финале во Лигата на шампиони и ќе дадеме се од себе на овој натпревар“, изјави тренерот на „светците“, Ралф Хазенхитл.


Бејл ќе се врати во англискиот фудбал од следната сезона

Агентот на Герет Бејл официјално потврди дека Велшанецот ќе го напушти Реал Мадрид на крајот на сезоната.

Договорот на Бејл истекува во јуни и ќе биде слободен агент, а најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата.

„Герет ќе се раздели со Реал, тоа е дефинитивно. Мислам дека постои реална можност тој да се врати во англискиот фудбал. Неговата иднина зависи од тоа дали Велс ќе се пласира на Светското првенство“, изјави агентот.

Бејл е во Реал од 2013 година, а минатата сезона ја помина на позајмица во Тотенхем.


Тен Хаг одбива да замине на годишен одмор

Фудбалскиот клуб Ајакс ја заврши сезоната, а Ерик тен Хаг деновиве ќе отпатува за Манчестер и ќе ја започне својата нова етапа во кариерата.

Холанѓанецот ќе биде новиот тренер на Јунајтед во мошне тежок момент. Тој ќе раководи со тим кој не успеа да стигне до Лигата на шампионите и кој го очекуваат големи промени.

Поради сето тоа, Тен Хаг реши уште веднаш да ги засука ракавите и да ја започне својата работа во новата средина.

Навивачите на Јунајтед масовно го поздравија неговиот потег и веруваат дека клубот го направил вистинскиот избор, бидејќи доаѓа некој кој уште од првиот ден ќе инсистира на напорна работа и кој ќе прави ред во соблекувалната .


Џоковиќ е против бојкот на Вимблдон: Постојат подобри решенија

Најдобриот светски тенисер, Новак Џоковиќ, е против бојкот на Вимблдон, после одлуката на челниците на гренд слем турнирот да им забранат настап на руските и белоруските играчи поради војната во Украина.

Српскиот тенисер вели дека бојкотот е екстремно работа и дека има многу подобри решенија.

„Спортистите се тука за да се занимаваат со спорт, ако ги исклучиме од спортот само поради фактот дека доаѓаат од одредена земја, тогаш тоа е лоша одлука. Потребна ни е поголема комуникација со Вимблдон. Не сум вклучен во преговори како пред десет години и немам разговори со претставниците на Вимблдон, но имам информации дека тие се многу строги“, изјави Џоковиќ.


Неизвесна иднината на Тер Штеген во Барса

Голманот на Барселона и Германија, Марк-Андре тер Штеген би можел да го смени клубот во текот на летниот преоден рок. Каталонскиот клуб ќе размисли за продажба на германскиот голман доколку добие достојна понуда. Тер Штеген го пропушти почетокот на сезоната поради повреда на коленото и раководството на Барселона не е целосно задоволно од неговиот настап.

30-годишниот германски голман за Барселона настапува од 2014 година. Договорот на германскиот интернационалец со клубот е до јуни 2025 година. Според Трансфермаркт, голманот има пазарна вредност од 45 милиони евра.

Тер Штеген оваа сезона имаше 34 настапи во Примера, а на 11 од нив ја остави мрежата на неговиот тим недопрена.