feature

Пујол на голема врата се враќа во Барселона

Карлес Пујол може да се врати во својата поранешна екипа и да заземе лидерска позиција. Новиот тренер Чави и претседателот на клубот, Жоан Лапорта се заинтересирани за негово враќање. Карлес Пујол исто така очекува да се врати во Барселона, но во моментов не сака да заземе административна функција. Тој сака место каде што може да носи важните одлуки.

Претходно беше објавено дека екс-фудбалерот може да ја преземе функцијата технички секретар, која наскоро ќе ја напушти Рамон Планс. Според изворот, Карлес Пујол нема да се врати во Барселона како дел од стручниот штаб на новиот тренер Чави.


Манчестер Сити ја објави продажната цена на Стерлинг

Шампионот на англиската Премиер лига, Манчестер Сити, ја објави цената која потенцијалните клубови треба да ја платат за купување на Рахим Стерлинг.

Клубот од Манчестер ќе бара околу 45 милиони фунти за евентуална продажба на својот играч. 

Засега само екипата на Барселона изрази заинтересираност за доведување во своите редови на англискиот репрезентативец. Евентуалниот трансфер би се реализирал во летниот период бидејќи Манчестер Сити сака да го задржи Стерлинг до завршетокот на тековната сезона.


Џенаро Гатузо, можен наследник на Џерард во Глазгов Ренџерс

После заминувањето на Стивен Џерард од тренерската позиција во Глазгов Ренџерс, шкотскиот шампион веднаш започна со пронаоѓање на негов наследник.

Британските медиуми веќе започнаа со објавување на тренерски имиња кои се споменуваат како можни идни тренери на Ренџерс. Меѓу првите кандидати е Италијанецот Џенаро Гатузо.

Гатузо многу добро ги познава случувањата во Глазгов Ренџерс бидејќи во минатото како играч настапуваше за оваа екипа.

Џенаро има солидна тренерска кариера во италијанската Серија А. Тој до неодамна ја водеше екипата на Наполи, а претходно беше тренер на Милан, Палермо и Пиза.


Модриќ сака нов договор на „Сантијаго Бернабеу“

Хрватот Лука Модриќ се надева дека ќе потпише нов договор со неговиот клуб Реал Мадрид, кој ќе му овозможи да игра на новиот „Сантијаго Бернабеу“ пред да ја заврши кариерата.

Во мај, 36-годишниот Модриќ го продолжи актуелниот договор на една година и останува важна фигура во мадридскиот тим. Модриќ и раководството на Реал Мадрид знаат дека фудбалската кариера на Хрватот е при крај, пишува весникот „АС“, а ветеранот се надева дека ќе остане во клубот најмалку уште една година.

Според шпанското издание, Лука Модриќ сонува да заигра на реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, кој моментално се реновира. Активностите се очекува да завршат до крајот на 2022 година.


Реал го сака Ндиди од Лестер Сити

Шпанскиот гигант Реал Мадрид е во потрага по дефанзивен играч за врска кој ќе биде алтернатива на Каземиро. Прв на листата желби е Вилфред Ндиди од Лестер, пренесуваат шпанските медиуми.

Карло Анчелоти сака да донесе уште еден дефанзивен играч за врска кој ќе и помага на одбраната. Летово пристигна Камавинга, но Французинот не е таков профил на играч.

Ндиди се етаблираше во еден од најдобрите дефанзивни играчи за врска во Премиер лигата и ова лето беше мета на Манчестер Јунајтед.


Карлес Пујол се враќа во Барселона

Според информациите во шпанските медиуми, Поранешниот капитен на Барселона би можел да се врати во клубот како дел од раководните структури.

Новиот тренер на Барса веќе разговарал со претседателот на клубот, Лапорта и се договориле да му испратат понуда за враќање на 43-годишниот Пујол. 

Поранешниот столб во одбраната на тимот од „Ноу Камп“ се очекува да го добие местото технички секретар на клубот, кое ќе биде слободно со заминувањето на досегашниот секретар Рамон Планс.


Во Аргентина објавено видео од првото интервју на Меси (Видео)

Аргентинскиот фудбалски клуб Њу Олд Бојс објави видео од можеби првото интервју на Лионел Меси во неговиот живот.

Меси беше член на клубот од Аргентина во неговото детство пред заминувањето во Барселона на 14 годишна возраст.

Видеото беше објавено на Твитер и веднаш предизвика огромен интерес кај многубројните фанови на еден од најдобрите играчи на светот.

https://twitter.com/i/status/1456712620686381057



Лампард пред промоција во Норвич

Астон Вила официјално го промовираше Стивен Џерард за нов менаџер, а по него уште една англиска легенда би можела да се врати во Премиер лигата.

Екипата Норвич пред неколку дена остана без тренер откако отказ доби Даниел Фарке кој забележуваше катастрофални резултати. Британските медиуми пренесуваат дека веќе Френк Лампард се согласил да го води Норвич. За Лампард ова би било враќање во англискиот фудбал откако пред помалку од една година го напушти Челзи.

Сепак, за разлика од Челзи ова ќе биде еден поинаков предизвик. Лампард би го чекало тешка задача затоа што Норвич има само една победа во 11 натпревари во Премиер лигата и се наоѓа на дното на табелата.


Пјаниќ очекува втора шанса во Барселона

Босанскиот репрезентативец, Миралем Пјаниќ, изјави дека се надева повторно да заигра во екипата на Барселона по доаѓањето на Чави за тренер на клубот.

31-годишниот Пјаниќ, во моментот настапува за турскиот Бешикташ како позајмен играч на Барселона. Тој беше во конфликт со сега поранешниот тренер на каталонците Роналд Куман кој не му даде шанса за докажување на „Ноу Камп“.

Пјаниќ не очекува да се врати во јануари, но големи се шансите во текот на летото тој да се приклучи во тимот на Чави.  


Џоковиќ: Имам сличен карактер како Ибрахимовиќ

Најдобриот тенисер на светот, Новак Џоковиќ, истакна дека во некои свои карактерни особини наликува на Златан Ибрахимовиќ кој според него е симбол на балканскиот менталитет.

Џоковиќ оваа изјава ја даде за италијанската Газета дело Спорт пред неговото заминување во Торино на завршниот мастерс турнир за оваа година.

„Ми се допаѓа неговата филозофија – колку сум постар, толку помлад се чувствувам. Златан е симбол на балканскиот менталитет. Тој никогаш не се предава и има голема самодоверба. Двајцата имаме шампионски менталитет“, се вели во изјавата на Џоковиќ.

Турнирот во Торино започнува на 14. ноември и е завршен мастерс на годината.