feature

Бензема ќе биде подготвен за Ел Класико

Весникот „Марка“, ја пренесува информацијата дека капитенот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ќе се опорави од повредата и ќе биде спремен за вечното дерби против Барселона во недела.

Голгетерот заработи повреда на скочниот зглоб на последниот натпревар против Мајорка но медицинскиот преглед по средбата не покажа сериозна повреда.

Бензема ги продолжи своите тренинзи и ќе биде подготвен за Ел Класико мечот на „Сантијаго Бернабеу“.


Арсенал во летна офанзива по Хусем Ауар од Лион

Според англиските медиуми, Арсенал следното лето ќе тргне во офанзива за доведување на играчот од средниот ред на Лион, Хусем Ауар.

Фудбалерот е долгогодишна желба на „топчиите“, но од разни причини овој трансфер не успеа да се реализира. 

23-годишниот Ауар во летото 2020 година беше на чекор од премин на „Емирати“, но одлуката на Арсенал падна на доведување на Томас Парти.

Ауар има одиграно преку 200 натпревари за Лион, единствениот клуб за кој настапувал во кариерата, а неговиот договор истекува во јуни 2023 година. Пазарната вредност на играчот се проценува на 30 милиони евра.


Вест Хем ќе проба да се засили со Александар Лаказет

Премиерлигашот Вест Хем е заинтересиран за напаѓачот на Арсенал, Александар Лаказет, објавуваат англиските портали. 

Според написите, „чеканите“ сакаат да го доведат 30-годишниот Французин во слободен трансфер преку летниот преоден рок. Договорот на напаѓачот со Арсенал истекува во јуни 2022 година.

Во тековната сезона, Лаказет на 28 натпревари за Арсенал постигна 6 гола и реализира 8 асистенции.


Лампард заврши со скршена рака при прославата на голот за победа на Евертон

Тренерот на Евертон, Френк Лампард, од преголемо славење ја скрши раката по голот кој донесе победа над Њукасл со 1:0.

Стрелец на победничкиот гол беше Алекс Ивоби во 99.минута од натпреварот. Оваа победа им донесе 3 многу важни бода на клубот од „Гудисон парк“ во нивната битка за опстанок во Премиер лигата.

„Не знам како се здобив со скршеница на раката. Очигледно тоа се случи додека уживав во постигнатиот  гол. Очигледно бев удрен, но дури потоа почувствував дека раката ми трепери и ме боли. Сепак, освоените бодови се поважни во моментов“, изјави Лампард.


Баерн Минхен еден месец без Никлас Зуле

Германскиот шампион Баерн Минхен, во наредните месец дена ќе настапува без својот дефанзивец Никлас Зуле.

Од клубот известуваат дека 26-годишниот фудбалер за време на тренинг се пожалил на болка во мускулот на ногата. После дополнителните прегледи од лекарскиот тим на Баварците, е одлучено дека Зуле ќе мора да има пауза од настапи во траење од 4 недели. Добра вест за Баерн е дека во периодот следува репрезентативната пауза, па така клубот нема премногу да го почувствува отсуството на нивниот дефанзивец.


Гатузо ќе го менува Михајловиќ на кормилото на Болоња

Раководството на Болоња размислува да го замени Синиша Михајловиќ со Џенаро Гатузо како главен тренер на клубот.

Причината за отказот може да биде заладените односи меѓу Михајловиќ и раководството на клубот кое наводно ќе преговара со Михајловиќ, додека ја разгледува опцијата за именување на Гатузо.

Михајловиќ е тренер на Болоња од 2019 година. Клубот не го отпушти тренерот кога тој беше подложен на хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина. Сепак, по успешниот третман, напредокот на тимот е застанат, а самиот Михајловиќ неодамна откри дека имал задача да обезбеди пласман во топ-10 за Болоња оваа сезона. Болоња се наоѓа во моментов на 12. место во Серија А.


Вујовиќ прифати нов тренерски ангажман

Поранешниот тренер на ракометниот клуб Вардар, Веселин Вујовиќ пронајде нов тренерски ангажман.

Вујовиќ ќе се сели во Азија бидејќи се согласи да биде селектор на иранската ракометна репрезентација. Црногорскиот тренер во изминатиов период се споменуваше како најсериозен кандидат за преземање на клупата на женскиот ракометен клуб Подравка од Хрватска, но очигледно дека таа опција нема да се реализира.

„Можам да потврдам дека постигнав договор со иранската ракометна федерација и од април ќе бидам селектор на нивната репрезентација“, изјави Вујовиќ.


Локатели позитивен на ковид-19, неизвесен за дуелот против Македонија

Уште една лоша вест во Јувентус. Ден по елиминацијата од Виљареал во Лигата на шампионите, Мануел Локатели бил позитивен на тестот за ковид 19. Ова го соопштија од тимот на Јувентус преку социјалните мрежи.

Фудбалерот од средниот ред на Јувентус ќе биде принуден да го пропушти следниот натпревар во Серија А против Салернитана, а останува неизвесно дали ќе му биде на располагање на Манчини за настапот во репрезентацијата на Италија в четврток во Палермо на мечот со Македонија.


Мазрауи негира договор со Барселона

Според најавите Барселона би можела да биде еден од најактивните клубови во летниот преоден рок.

Каталонците обезбедија нов спонзорски договор и на лето со неколку засилувања ќе се обидат да се вратат на победничкитеп атеки. Главна мета се фудбалерите кои ќе бидат слободни агенти, токму таков е играчот на Ајакс Нусаир Мазрауи.

Бекот останува без договор на крајот на сезоната и веќе најави дека нема да го продолжи и ќе продолжи во друг клуб. Сепак, како што тврди договор со Барселона нема.

„Со Барселона ништо не е комплетирано, не сме блиску до договор, во спротивно ќе бев искрен со вас“, кратко изјави Мароканецот.


Замер импресиониран од понудата на Сити за Халанд

Матијас Замер е фудбалска легенда на Борусија Дортмунд, а во моментов ја извршува функцијата на советник во клубот, па поради ваквата функција, привлече огромно внимание неговата последната изјава која ја даде за ѕвездата која сите очекуваат да си замине од „Сигнал Идуна Парк“.

Ерлинг Халанд ова лето може да си замине за сума од 75 милиони евра и тоа не треба да претставува проблем за најголемите европски гиганти, кои пак сега се борат да му понудат што е можно подобри услови на Норвежанецот кога се финансиите во прашање, но и времетраењето на договорот.

Медиумите во Англија откриваат дека Манчестер Сити е подготвен да му понуди неделна плата која надминува 500 илјади фунти, вест која во еден дел ја потврди и Матијас Замер кој вели дека паднал во несвест кога видел колку пари нудат „граѓаните“ за младиот напаѓач.

„Знам дека Манчестер Сити го сака Халанд. Кога видов за каква сума станува збор, каква сума му понудиле, се онесвестив. Сопругата мораше да ме подигне од подот. Ако се суди според сумата, може да дојде до реализација на таа зделка, не знам да бројам до толку добро, искрено, сакам да видам соработка меѓу Халанд и Гвардиола. Двајцата ќе имаат бенефит еден од друг, можам да замислам како ќе изгледа овој тим на Манчестер Сити со таков центарфор. Тоа би била интересна комбинација“, изјавил Матијас Замер.