feature

Погледнете ја најлудата прослава на медал на ЛОИ (видео)

Австралиската пливачка Ариарне Титмус приреди сензација со освојувањето на златен медал на Олимписките игри во Токио, а уште поголемо внимание привлече нејзиниот тренер Дин Боксал, кој бурно го прослави нејзиниот триумф.

Титмус славеше на трката на 400 метри слободен стил, победувајќи пред петкратната олимписка шампионска Кејти Ледецки од САД.

Таа не можеше да верува што оствари во Токио, а вистинско лудило владееше на трибините, каде Боксал не можеше да се смири од возбудување.

„Не можам да си помогнам. Јас крварам со моите пливачи.“ – го опиша Боксал неговото славје.

Тој во Токио има шест свои пливачи, кои веќе освоија три медали.


Блажевска-Еминова 40-та на 100 метри слободно во Токио

Миа Блажевска-Еминова заврши на првата позиција во втората квалификациска трка на 100 метри слободно, во конкуренција на осум натпреварувачки.

Блажевска оствари време од 57.19 секунди, што е за шест стотинки послаб резултат од оној во квалификациите за Летните Олимписки Игри. Нашата 15-годишната пливачка ги заврши настапите во Токио на 40. позиција во конкуренција од 52 пливачки од целиот свет.

Македонија до крајот на игрите ќе ја претставуваат уште атлетичарот Јован Стојоски, каратистката Пулексенија Јованоска и борачот Магомедгаџи Нуров.


Имаат 70 илјади жители и го слават првото олимписко злато!

Бермуда, малата островска држава во Атлантскиот океан со 70 илјади жители го освои првото олимписко злато во историјата. За тоа е заслужна Флора Дафи, која славеше во триатлон.

Дафи, по пливањето, трчањето и возењето велосипед, имаше време од 1:55:36. До среброто дојде Британката Џорџија Тејлор Браун со 1.14 минути заостанување зад победничката, а трета беше Американката Кејти Заферес со заостанување од 1.27.

Дафи заплака откако ја мина целта, бидејќи на својата земја и го донесе првото историско олимписко злато и само вториот медал. Првиот го освои Кларенс Хил во 1976-тата година, во категорија бокс кога беше бронзен

Бермуда благодарејќи на Дафи стана најмалата држава која некогаш освоила злато.


Халанд: Челзи? Се надевам дека тоа не е вистина!

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд изјави дека вестите за негов трансфер во Челзи за 175 милиони евра се само гласини.

Германски „Скај“ претходно објави информација дека Челзи неформално понудил еден играч и пари како би проверил какви се шансите за доведување на Халанд. Лондонскиот клуб наводно беше спремен да го понуди Тами Абрахам или Калум Хадсон-Одои.

Подоцна пристигна информација дека се подготвени да понудат 175 милиони евра за Норвежанецот. Сепак, Халанд ги отфрли таквите наводи.

„Навистина немам што многу да кажам на таа тема. Имам уште три години договор со Дортмунд и уживам овде. Не се грижам премногу. Тоа се многу пари, а јас се надевам дека тоа се само гласини, бидејќи тоа е премногу за еден фудбалер.“ – вели Халанд.

Челзи е во потрага по нов напаѓач иако минатата сезона, под водство на Томас Тухел, ја освои Лигата на шампионите.


Откриено зошто пропадна трансферот на Алиоски во Галатасарај

Македонскиот репрезентативец, Езгјан Алиоски требаше да биде нов играч на Галатасарај, но наместо тоа тој прифати да се пресели во Саудиска Арабија.

Тренерот на Галатасарај, Фатих Терим објасни зошто трансферот не беше реализиран.

„Ние имаме трансфер стратегија.  Алиоски беше една од нашите цели, но тој бараше 7,5 милиони евра за три сезони. Точно е дека баравме лев бек, но Алиоски не е класичен бек, а и не вреди толку пари.“ – изјави Терим.

Алиоски ја прифати понудата од саудиски Ал Ахли, откако одби нов договор со премиерлигашот Лидс.


ТФТ и Куманово ги добија потенцијалните противници во ФИБА Европа купот

Двата македонски претставника во ФИБА Европакупот претстојната сезона, екипите на ТФТ и на Куманово 2009 ги добија имињата на потенцијалните противници во првата елиминависка фаза од ФИБА Евро Купот, ако и форматот по кој ќе се одредуваат учесниците во групната фаза од ова натпреварување.

Нашите претставници ќе мораат да го поминат квалификацискиот филтер кој нема воопшто да биде лесен. Пред се затоа што, учество во ова натпреварување пријавија 33 клуба, додека  дополнителни 14 ќе им се приклучат од Лигата на шампионите, оние кои нема да ги поминат квалификациите.

Македонските прволигаши се меѓу 19. екипи кои ќе учествуваат во квалификациите, а бидејќи се најдоа во најслабиот „шешир“, ќе имаат и најтежок пат до групната фаза.

Ќе се играат четири квалификациски турнири од кои три ќе бидат со по пет, а еден со четири екипи. Најслаборангираните тимови, меѓу кои се Куманово и ТФТ ќе почнат од четвртфиналето. Ако триумфираат ќе играат полуфинале, а ако и оттаму излезат како победници, ќе се најдат во баражот за пласман во групната фаза.

Од квалификациите во групите ќе влезат четири екипи, а турнирите ќе се одржат во периодот од 28. септември до 1. октомври.

ГРУПА 1

Ирони Нес Зиона (Изр), Гронинген (Хол), Меди Бајројт (Гер), Днипро (Укр)

ГРУПА 2

Спортинг (Пор), Ираклис (Грц), Керавнос (Кип), Енисеј (Рус)

ГРУПА 3

Порто (Пор), Хапоел Хаифа (Изр), Волунтари (Ром), Академик Пловдив (Буг)

ГРУПА 4

Натуртекс (Унг), Трефл Сопот (Пол), Гмунден (Авс), Парну (Ест) 

ГРУПА 5

Виена (Авс), Куманово (Мкд), ТФТ (Мкд)


Дортмунд ја доведе замената за Санчо

Германскиот Бундеслигаш, Борусија Дортмунд го официјализираше трансферот на Донјел Мален од ПСВ, за кој плати 30 милиони евра.

Офанзивецот кој во составот на „Милионерите“ пристигна како директна замена за Санчо, кој сега е играч на Јунајтед, потпиша договор до јуни 2026. година.

Мален минатата сезона во дресот на ПСВ постигна 27 погодоци и запиша 10 асистенции.


Швајцарецот Шаќири најави враќање во Серија А

Фудбалерот на Ливерпул, Џердан Шаќири, откри дека е подготвен за нови предизвици откако деновиве се појавија шпекулации дека за неговиот потпис е заинтересиран италијанскиот состав Лацио.

„Фудбалот ми помогна да реализирам многу соништа. Имав среќа да играм во големи тимови и да освојам многу награди. Мојот договор со Ливерпул истекува во 2022 година. Го следам Лацио подолго време. Би сакал да играм повеќе напаѓачки фудбал а Маурицио Сари го практикува тоа“, рече репрезентативецот на Швајцарија.


Интер не сака да слушне за продажба на Лукаку

Ромелу Лукаку ова лето се поврзуваше со заминување од редовите на Интер, но како што стојат работите Белгиецот ќе остане во Милано.

Директорот на Интер Џузепе Марота зборуваше за иднината на Лукаку и ги реши сите дилеми ако и постоеа.

„Лукаку е недопирлив ова лето. Тој е наш клучен играчи нема цена за која би го продале“, изјави Марота.

Лукаку во Интер дојде летото 2019 година од Манчестер Јунајтед за 74 милиони евра.


Англиски гигант се вклучи во трката за Иско

Ливерпул се вклучи во траката за потписот на плејмејкерот на Реал Мадрид, Иско, пренесуваат медиумите на Островот.

Ливерпул е во потрага по наследник на Вајналдум, па иако се споменуваат многу имиња, сепак главна мета е токму Иско.

Иско минатата сезона не добиваше голема минутажа кај Зидан, а изгледа дека работите нема да се променат со доаѓањето на Анчелоти. Поради тоа Шпанецот е спремен да ја промени средината, а Ливерпул сака да ја искористи ситуацијата и веќе стапил во контакт со неговиот агент.

Иско влезе во последната година од договорот и Реал е спремен да го продаде, а за неговата слобода бара 18 милиони евра, сума која нема да биде проблем за Ливерпул.