feature

Веќе не сака да биде помошник – Тери ја напушти Астон Вила

Легендарниот англиски фудбалер Џон Тери повеќе не е помошник тренер на премиерлигашот Астон Вила, потврди клубот од Бирмингем.

Откако му помагаше на менаџерот на тимот Дин Смит во изминатите три години, Тери сега сака да ја испроба својата самостојна работа, како главен тренер.

„Размислував за својата професионална иднина и мислам дека не би било фер кон сите ако останев во тимот, и не сум сигурен дали ќе бидам таму цела сезона. Мојот план е да направам пауза, да поминам време со моето семејство, а потоа да посетам некои клубови ширум Европа и да продолжам да одам кон исполнување на мојот план, односно на позицијата главен тренер,“ – рече Тери.

За потсетување, Тери ја заврши кариерата во Астон Вила, а после тоа работеше како асистент од 2018 година.


Данецот Дамсгард преговара со Тотенхем

Тотенхем започнал преговори за трансфер на ѕвездата на Сампдорија, Микел Дамсгард.

Ѕвездата на данската репрезентација кое со своите игри воодушеви на Европското првенство е мета на најголемите европски клубови.

Тотенхем сака да ја победи конкуренцијата и веќе започнал преговори со Сампдорија.

За 21-годишниот крилен напаѓач Сампдорија бара 35 милиони евра, додека првата понуда на „спарси“ е 25 милиони евра плус бонуси.


Келн во големи финансиски проблеми

Поранешниот германски шампион Келн го потрошил речиси целиот капитал поради огромните загуби за време на пандемијата со корона-вирусите, изјави директорот на клубот, Александар Верле.

„Имавме загуба од 66 милиони евра од март 2020 година до  јуни 2021 година. Акционерскиот капитал од 38,6 милиони евра, кој со голем напор го собравме со текот на годините  е речиси потрошен“, рече Верле.

Тој нагласи дека клубот морал да обезбеди заем од 20 милиони евра од владата на Северна Рајна-Вестфалија.


Тренерот на Георгиевски: Браво лаву, ти си македонска икона!

Дарко Костовски, тренерот на македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски, му го честиташе на својот ученик освоениот сребрен медал на Игрите во Токио, оценувајќи го како најголем спортски успех од независноста на македонската држава.

„Го имаме најголемиот историски успех откако нашата Македонија е независна. Браво лаву, браво јунаку, ти си новата спортска македонска икона и идолот на новите генерации“, објави Костовски на социјалните мрежи непосредно по финалната борба.

Георгиевски попладнево стана првиот македонски олимпиец на Игрите во Токио, кој освои медал, откако во финалната борба во таеквондо во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Карин со 15-9.

На патот до финалето македонскиот таеквондист ги совлада актуелниот светски првак Алба Кастиљо од Куба, Сејду Гбане од Брегот Слонова коска и Јужнокoреецот Ин Дон.

Сребрениот медал на Георгиевски е второ олимписко одличје за македонскиот спорт по бронзата на борачот Мохамед Ибрагимов на Игрите во Сиднеј во 2000 година.


Клоп откри кога Ван Дајк се враќа на терен

Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк би можел во четврток на пријателскиот натпревар против Херта во Инсбрук да ги одигра првите минути по девет месеци надвор од теренот поради тешка повреда на коленото, која ја заработи на дерби натпреварот против Евертон.

„Ван Дајк изгледа доста добро на тренинзи, но се уште не сум сигурен дали ќе игра против Херта. Ако натпреварот го гледате како дел од опоравувањето, тогаш тоа има смисла. Тој би можел да одигра 20 минути, но мораме претходно да разговараме.“ – изјави Клоп за британските медиуми, кој првично беше против предвременото враќање на Ван Дајк на теренот.

Но, со оглед на тоа што добро се опорави од тешката повреда и добро тренира на подготовките во Австрија, Клоп го промени мислењето и би можел веќе во четврток да му даде минутажа на својот најдобар дефанзивец, кој беше еден од клучните играчи за Ливерпул во претходните сезони.


Кјелини и Јуве уште без договор за продолжување на договорот

Џорџо Кjелини започна преговори со Јувентус за потпис на нов договор. Според медиумите во Италија барањата на Киелини се прилично високи.

Кjелини поради повреда го пропушти поголемиот дел од минатата сезона, но после одличното Европско првенство побара двегодишен договор од Јувентус со повисока плата.

Целта на капитенот на „Аѕурите“ на највиоско ниво да го дочека Мундијалот кој ќе се игра наредната година.

Претходната сезона Кjелини заработуваше 3.5 милиони евра, сега бара дополнителен еден ипол милион.


Фернандо Торес се врати дома! (фото)

Поранешниот репрезентативец на Шпанија и напаѓач на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес го одработи првиот тренинг како тренер во тимот каде ја започна својата кариера.

Популарниот „Ел Нињо“ се врати во клубот каде што се прослави како играч, за нив играше од 2001. до 2007. година, пред трансферот во Ливепрул.

Торес ќе работи во младинскиот „А“ тим како тренер, а се очекува наскоро да добие и посериозна улога во стручниот штаб на Симеоне.

https://twitter.com/atletienglish/status/1419601581423607809

Историско прво злато за Филипините на ЛОИ

Филипинката Хидилин Дијаз го освои златниот медал во кревање тегови во категоријата до 55 килограми на Олимписките игри во Токио и со тоа на својата земја и го донесе првото олимписко злато во историјата.

Филипинските спортисти до Олимпијадата во Токио имаа освоено вкупно 10 медали, но ниту еден златен.

Во својот четврти и најверојатно последен настап на Олимписките игри, 30-годишната Дијаз крена вкупно 224 килограми и го освои златниот медал со нов олимписки рекорд.


Грузискиот Меси потпишува за Милан

Милан е блиску до потписот на Хвича Кварацхелија, или грузискиот „Меси“.

Грузиецот го сврте вниманието кон себе со добрите настапи во дресот на Рубин Казан и беше избран за најдобар млад фудбалер во руската лига.

Борусија Дортмунд и Јувентус подолго време го следат крилниот напаѓач, но Милан наводно успеал да ја победи конкуренцијата. Руските медиуми пренесуваат дека „росонерите“ постигнале договор со Рубин Казан, а агентот на Кварацхелија овие денови ќе пристигна во Италија за да го комплетира трансферот.

Финансиските детали не се познати, но се претпоставува дека Милан за неговиот потпис ќе плати 15 милиони евра.


Барса со оптимизам гледа на новиот договор на Дембеле

Барселона постигнала значителен напредок во преговорите со Осман Дембеле за продолжување на соработката. Раководството има оптимизам дека преговорите можат да завршат наскоро и Дембеле да стави потпис на нов договор.

Дембеле влезе во последната година од договорот, па доколку не го продолжи договорот следното лето може да си замине без обештетување.

Французинот доживеа тешка повреда на Европското првенство, имаше операција и моментално се рехабилитира, а се очекува да се врати на терените во јануари 2022 година.

Барселона беше загрижена дека може да го загуби фудбалерот без обештетување следното лето, но последните информации се дека двете страни се блиску до договор.