feature

Коман сака да замине, Баерн преговара за размена со Челзи

Челзи е заинтересиран за размена на крилни напаѓачи со Баерн Минхен, објави весникот „Л’Екип“. Според изворот, лондонскиот клуб сака да го добие Кингсли Коман од Баерн Минхен и е подготвен да го вклучи Калум Хадсон-Одои во зделката, бидејќи тој не е вклучен во плановите на менаџерот Томас Тухел.

Дополнителен аргумент во корист на 20-годишниот Англичанец е фактот дека Баерн е заинтересиран за него подолго време. Познато е дека Кингсли Коман не може да се договори со Баерн за нов договор.

Според сегашниот договор, кој истекува во 2023 година, 25-годишниот Французин добива 9 милиони евра по сезона пред оданочување. Клубот му нуди 13 милиони евра, но Кингсли сака да ја подигне платата на ниво на Лерој Сане кој добива 18 милиони евра.


На Баерн му се повторува случајот Алаба

Минхенски Баерн би можел да остане без Леон Горецка. 26-годишниот играч за врска има договор до следното лето, а Баерн му нуди плата од 10 милиони евра. Неговиот менаџер побара плата од 20 милиони, а се чини дека Баерн нема да се согласи на тоа. Билд пишува дека Манчестер Јунајтед би можел да биде тој кој ќе му ја понуди таа плата на Горецка, па на германскиот шампион му се подготвува нов „случај Алаба“.

Горецка е играч на Баерн од 2018. година, во клубот пристигна од Шалке по истекот на договорот, а со клубот од Минхен освои се што можеше да освои.

За потсетување, Давид Алаба направи трансфер во Реал Мадрид откако одби продолжување на договорот со Баерн. Баварскиот гигант се откажа од преговорите откако австрискиот дефанзивец ги постави своите услови.


„Ѓаволите“ сакаат да го украдат незадоволниот Саул

Манчестер Јунајтед ќе го искористи неуспешниот договор меѓу Атлетико Мадрид и Барселона за размена на Саул Нигез и Антоан Гризман и ќе направи нов обид за привлекување на шпанскиот играч за врска од Атлетико Мадрид.

26-годишниот фудбалер веќе долго време е во центарот на вниманието на „црвените ѓаволи“, кои се надеваат дека овојпат ќе можат да го земат во својот состав, пишува „Мундо Депортиво“. Од „Олд Трафорд“ веќе започнале разговори со агентот на играчот Џонатан Барнет.

Тој не ја одигра својата најдобра сезона на „Ванда Метрополитано“, а сега клубот се засили со Родриго Де Пол, што дополнително ќе ги ограничи неговите шанси за настап. Затоа, за луѓето од Мадрид и за самиот играч, се чини дека би било подобро да се разделат.


Реал и Интер преговараат за позајмица на Лука Јовиќ

Лука Јовиќ ова лето може да го напушти тимот од Мадрид. Aгентот на 23-годишниот Србин, Фали Рамадани, му ги понудил услугите на својот клиент на Интер. Од друга страна се вели дека клубот од Милано може да го позајми напаѓачот.

Јовиќ играше за Ајнтрахт Франкфурт од 2017 до 2019 година на позајмица од Бенфика. Потоа германскиот клуб го купи за 22 милиони евра и го препродаде во Реал Мадрид за 63 милиони евра. Минатата зима, Ајнтрахт Франкфурт повторно го позајми српскиот фудбалер. Минатата сезона, 23-годишниот напаѓач одигра 18 натпревари во германската Бундеслига и постигна четири погодоци.


Беше шпански репрезентативец, а сега ќе се натпреварува во трета лига

Најголемиот дел од кариерата започната во 2004. година, Пабло Хернандез ја помина настапувајќи за Валенсија и Лидс. Настапувајќи за англискиот клуб три сезони по ред, од 2017/18 до 2019/20 беше прогласуван за најдобар играч на клубот.

Десетина години претходно, се избори и за дресот на шпанската репрезентација како замена за Андрес Иниеста, кој тогаш се откажа од настап на ФИФА Конфедерацискиот Куп, кој Шпанија го освои. Сега, тој потпиша за шпанскиот третолигаш Кастељон.

36-годишниот Хернандез се враќа во клубот од родниот град по 18 години, откако го напушти како би се приклучил на младинскиот тим на Валенсија.

Потпиша договор на три години, па во овој период ќе се обиде Кастељон да го врати во втората лига.


Вест Хем бара 100 милиони фунти за Деклан Рајс

Управата на Вест Хем е подготвена да го продаде нивниот најскап играч во моментов, Деклан Рајс но само за 100 милиони фунти, ништо подолу од ова нема да биде прифатено.

Англискиот репрезентативец е трансфер цел на Манчестер Јунајтед, Челси и на Арсенал, но сумата која ја бара неговиот клуб е превисока, оценуваат островските фудбалски познавачи.

Рајс има договор со Вест Хем од јуни 2024. година и поради ова „чеканите“ немаат намера да попуштаат, барем не ова лето.

Рајс имаше одличен настап со Англија на ЕУРО 2020, со што повторно го привлече вниманието на великаните од Премиер лигата.


Повреда на Адеми која го загрижува и селекторот Милевски

Аријан Адеми се повреди на мечот со Омонија во квалификациите за ЛШ, Динамо Загреб победи со 2:0, но најверојатно го загуби капитенот за реваншот, бидејќи повредата не е наивна.

Според првичните процени, тој има болки во бутниот мускул, но и на задната ложа.

„Кај Адеми настрада бутниот мускул, можеби и задната ложа. Не можеме ништо да прогнозирам, но се надевам дека се ќе биде во ред и дека ќе го имаме на располагање“ – изјави тренерот на Динамо Загреб, Дамир Крзнар.

Повредата го загрижува и селекторот на Македонија, Благоја Милевски во септември ќе дебитира во квалификациите за СП 2022, против Ерменија и Романија во Скопје, и против Исланд на гости.


Серија А воведе нови КОВИД протоколи за сите играчи

Сите професионални фудбалери од Серија А во новата сезона ќе мора да бидат вакцинирани, одлучи раководството на лигата.

Според информациите од Италија, дел од играчите се веќе вакцинирани, но оние кои не го направиле тоа ќе мораат да ја исполнат обврската во најкраток можен рок.

Серија А се реши на ваков потег откако десет играчи во тимот на Специја беа заразени со коронавирус за време на подготовките, а рокот кој ќе мора да го испочитуваат клубовите со комплетна документација за вакцинирање мора да се достави до 20. август.


Куманово и ТФТ во август ќе ги дознаат европските противници

Екипите на Куманово 2009 и на ТФТ, двата наши претставници кои се пријавија за настап во ФИБА Еврокупот, имињата на своите противници во првиот круг од натпреварите ќе ги дознаат на 19. август.

За овој термин, во хотелот „Мериот“ во Фрејзинг, од 11. часот, е предвидена да се одржи ждрепката за натпреварувачките двојки во ова натпреварување, како и во женскиот сегмент (Евролигата и Евро Купот).

Неколку дена подоцна, на 25. август, преку видео-линија, клубовите кои се дел од овие натпреварувања, ќе имаат дополнителен состанок на кој ќе бидат дефинирани датумите и сатниците за одигрување на натпреварите.


Толисо на излезни врати, Баерн го продава Французинот

Баерн е подготвен да се раздели со 26-годишниот Французин за сума од 20 милиони евра, пишува „Л’Екип“. Договорот на играчот истекува за една година и од „Алијанц Арена“ сакаат да го продадат сега за да не го изгубат без пари следното лето.

Не недостасува интерес за овој фудбалер, бидејќи Јувентус и Наполи се заинтересирами за него. Сепак, двата клуба се двоумат дали да дадат понуда или да чекаат 12 месеци и да го земат без пари.

Сепак, се чини дека Јувентус размислува сега да го купи Толисо. На ова инсистира новиот тренер Масимилијано Алегри. Јувентус треба да го засили средниот ред, кој минатата сезона не беше на потребното ниво. Покрај тоа, Артур има повреда што ќе го извади од игра првите неколку месеци од сезоната.

Самиот Толисо се чини дека е склон да ја промени ситуацијата. Тој имаше многу тешка сезона во која не играше многу поради повреди. Прво имаше проблем со мускулите, а потоа ја повреди тетивата. Поради ова, тој одигра само 24 натпревари за време на сезоната. Играчот од средниот ред сепак успеа да се опорави на време за почетокот на Евро 2020 и беше меѓу избраниците на Дидие Дешамп, а одигра три натпревари на Европското првенство.