feature

Запознајте го највозрасниот активен голман во Велика Британија

Алан Камсел е од Велс, има 88 години и сеуште е активен на позицијата голман во својот локален нисколигашки клуб Беј Столерс.

Својата кариера ја започнал во 1952 година и трае до ден денес. Алан сега игра заедно со внуците на своите поранешни соиграчи  и признава дека игра само за забава.

“Во последно време увидов дека сум бавен и дека видот ми слабее. Топките минуваат покрај мене кога сеуште се фрлам по нив. Па што? Тоа е само забава. Ако ја завршам својата кариера на 90 години, тоа ќе биде сосема доволно за мене“.


Формула 1 со дебитантска трка во Катар

Kатар ќе биде домаќин на трка од Светското првенство во Формула 1, официјално објавија организаторите на најпопуларното автомобилистичко натпреварување.

 Трката ќе се одржи на патеката „Лусаил“ од 19 до 21 Ноември оваа година. Договорот за влез на Катар во календарот на Формула 1 е потпишан на десет години, почнувајќи од 2023 година.

Причината за неодржувањето на трката во 2022 година е Светското првенство во фудбал кое ќе се игра во Катар  во истиот временски период.


Нов протокол во НБА лигата, невакцинираните може да останат без плати

НБА лигата која новата сезона ја почнува на 16 октомври, потврди дека останува на своите начела за вакцинирање на кошаркарите пред стартот на сезоната.  Лигата зазеде позиција со која играчите кои ќе ги пропуштаат натпреварите бидејќи не се вакцинирани нема да бидат финансиски компензирани, поточно отсуствата ќе им бидат одбиени од платата.

„Секој играч кој ќе избере да не постапува во согласност со упатствата за вакцинација на локалната власт, нема да биде платен за натпреварите кои што ги пропушта“, рече Мајк Бес, извршен потпретседател за комуникации во НБА.

Некои тимови, како што се Њујорк Никс, на пример, објавија дека се целосно вакцинирани, вклучувајќи играчи, стручен персонал и помошен персонал.


„Ел Класико“ дуел за белгискиот талент Тилеманс

Реал Мадрид и Барселона се силно заинтересирани за играчот за врска на Лестер, Јури Тилеманс. Скаути на Барселона долго време ги следат настапите на 24-годишниот играч за врска и сакаат да го донесат на „Камп Ноу“. Барселона сака да го засили средниот ред, а Тилеманс може да игра на неколку позиции и сметаат дека одлично би се вклопил.

Од друга страна Реал Мадрид смета дека Белгиецот би бил идеална замена за Модриќ, кој ја игра последната сезона на „Сантиаго Бернабеу“.

„Кралевите“ започнаа со подмладување на средниот ред со доаѓањето на Камавинга, а Тилеманс е новото име на списокот на Анчелоти.


Надал постави нов рекорд: 6.000 дена во ТОП 10 на АТП листата

20-кратниот освојувач на Грен Слем трофеи, Шпанецот Рафаел Надал стана првиот тенисер во светот кој успеа да помине 6.000 дена по ред во ТОП 10 на АТП листата.

Шпанецот за првпат влезе меѓу најдобрите десет светски рекети во машко конкуренција на 25 април 2005 година и оттогаш не излезе од најдобрата „десетка“.


Ѓоковиќ го откажа учеството на Мастерсот во Индијан Велс

Светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ го откажа учеството на турнирот од Мастерс серијата во Индијан Велс кој е на програмата следниот месец, соопштија организаторите.

“Многу ми е жал што нема да можам да ги видам моите обожаватели во Индијан Велс и да играм во пустината, едно од моите омилени места. Се надевам дека ќе се видиме следната година!”, изјавил Ѓоковиќ.

34-годишниот Србин кој загуби од Русинот Даниел Медведев во финалето на УС Опен и ќе биде уште една sвезда која се повлекува од турнирот по шампионката од 2018 година, Наоми Осака, женскиот светски рекет број еден Ешли Барти и поранешната најдобра светска тенисерка, Серена Вилијамс.


Влаховиќ добива најголем договор во историјата на Фиорентина?

Сагата за потпишување нов договор помеѓу Фиорентина и Душан Влаховиќ продолжува.

„Виола“ на српскиот напаѓач му нуди највисок приход во историјата на клубот.

„Не знам дали Влаховиќ ќе потпише нов договор. Му понудивме 40 милиони бруто за пет години, најголемиот договор во историјата на Фиорентина, повеќе од Батистута и Руи Коста. Тој презема ризик, а јас станувам нервозен.“, рече Роко Комисо, претседателот на Фиорентина.

Влаховиќ се уште го одложува потпишувањето на новиот договор, а неговиот постоечки истекува во 2023. година.

Многу великани се распрашуваа за неговите услуги минатото лето, а според информациите, најконкретен во интересот беше Атлетико Мадрид.


Милан го враќа Икарди во Серија А

Милан е во потрага по квалитетен напаѓач, а најголема желба на „росонерите“ на Мауро Икарди, пренесуваат италијанските медиуми. Златан Ибрахимовиќ ја игра последната сезона во кариерата, па Милан веќе почна да бара негов наследник.

Малдини веќе стапил во контакт со неговиот пријател Леонардо и започнале преговори за трансфер на Икарди.

Аргентинецот може да пристиге на „Сан Сиро“ на позајмица за 10 милиони евра плус 40 милиони за откуп следната година.


Марота спрема зимско засилување, Ван де Бек доаѓа на „Сан Сиро“

Интер е сериозно заинтересиран за играчот на Манчестер Јунајтед, Дони ван де Бек. Холанѓанецот минатото лето пристигна на „Олд Трафорд“, но не успеа да го покаже својот потенцијал во првата сезона и често ја грееше клупата за резерви.

Иако силно се шпекулираше дека ќе го напушти клубот ова лето, сепак Ван де Бек одлучи да остане и да се бори за место во тимот. Меѓутоа, неговиот агент потврди дека Холанѓанецот е спремен да ја промени средината во јануари, а Интер сака да ја искористи таквата ситуација.

„Нероаѕурите“ имаат одлични односи со Манчестер Јунајтед и ќе се обидат да го донесат на позајмица со право на откуп.


Претставен новиот „Протокол за здравје и безбедност“ во НБА лигата

НБА објави „Протокол за здравје и безбедност“ на 65 страници за сезоната 2021/22, вклучувајќи насоки за вакцинирани и невакцинирани играчи.

Правилата за невакцинирани кошаркари вклучуваат секојдневно тестирање за ковид-19, социјална оддалеченост до два метра на состаноци на тимот, забрана за храна во иста просторија со други играчи, забрана за посета на барови, ресторани, клубови, места за забава или големи собири.

Правилата им даваат многу поголема слобода на вакцинираните играчи. Особено, од играчите не се бара да подлежат на тестирање, освен ако не биле во близок контакт со лице кое имало позитивен тест на коронавирус. Дури и по близок контакт со болно лице, играчот нема да биде ставен во карантин.

Според последните податоци, повеќе од 90 проценти од НБА играчите се вакцинирани.