feature

Барселона ќе штеди пари за купување на Халанд

Екипата на Барселона веќе започна со планирање на летниот трансфер период. Познато е дека најголема желба на претседателот Жоан Лапорта е засилување на тимот со ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд.

21-годишниот Норвежанец има откупна клаузула вредна 75 милиони евра, која може да се активира летово, но „каталонците“ ќе се соочат со сериозна конкуренција за неговиот потпис од клубовите како Манчестер Сити, Париз Сен Жермен, Реал Мадрид и Баерн Минхен.

Со цел да имаат доволно финансии за купување на Халанд, од Барселона летово планираат доведување на играчи кои ќе бидат слободни агенти, за кои нема да мораат да платат обештетување. Така се споменуваат имињата на Цезар Аспиликуета и Андреас Кристенсен од Челзи, чии договори истекуваат на крајот од сезоната.


Рибери: Посакувам Милан да ја освои титулата во Серија А

Легендата на францускиот фудбал и актуелен играч на Салернитана, Франк Рибери го откри својот фаворит во битката за титулата во италијанската Серија А. Во моментот три екипи се со најголеми шанси за освојување на скудетото, а тоа се Милан, Интер и Наполи.

Фудбалерот, кој повеќе од една деценија настапуваше за Баерн Минхен, се надева дека Златан Ибрахимовиќ и Милан ќе станат шампиони на Италија.

„Скудетото? Ќе кажам Милан, поради Ибра. Тој го заслужува тоа, како човек и фудбалер, за сето она што го постигна во досегашната кариера“, изјави Рибери.


Наполи повторно заинтересиран за Дивок Ориги

Напаѓачот на Ливерпул, Дивок Ориги е една од трансфер целите на Наполи за летниот преоден рок. 

Калчолигашот веќе покажа интерес за белгискиот репрезентативец  во јануари, но посериозни разговори со Ливерпул никогаш не се одржаа. Сепак во последниов период, се зачестиле контактите помеѓу претставниците на Наполи и менаџерите на играчот.

Според тренерот Спалети, Дивок Ориги би бил совршена алтернатива за Виктор Осимен во нападот на екипата.


Зверев со максимална казна за инцидентот во Акапулко

Германскиот тенисер, Александар Зверев, ја дозна казната која му е изречена од АТП, поради неговото неспортско однесување на турнирот во Акапулко.

Тој после учеството во натпреварот во парови, незадоволен од претходните судиски одлуки, започна да удира со својот рекет по столчето на главниот судија.

Зверев по инцидентот заработи исклучување од турнирот, а од Асоцијата на тениски професионалци (АТП) соопштија дека тенисерот ќе биде казнет со паричен износ во висина од 40 илјади американски долари, како и одземање на освоените бодови од турнирот, што претставува максимална казна за ваков тип на однесување.


Нејмар: Направив големи напори да се вратам во Барса

Бразилскиот фудбалер, Нејмар, откри дека сакал да се врати во Браселона пред Лео Меси да ги напушти Каталонците и да му се приклучи во редовите на ПСЖ.

Познато е дека Французите платија рекордни 222 милиони евра во 2017 да го откупат договорот на брзоногиот играч.

„Се обидов да се вратам во Барса. Тоа  сепак беше невозможно. Сега сум среќен што Лео дојде бидејќи тој ми е пријател и добро се согласуваме“ – вели Бразилецот кој во сезонава има само 16 настапи. Тој постигна 4 голови и направи 4 асистенции.


Марин Докузовски го презеде косовски Пеќ

Поранешниот македонски селектор, Марин Докузовски доби нов предизвик и во наредниот период ќе биде работи во Косово.

Нов клуб на Докузовски ќе биде Пеќ. Одреден период Докузовски беше без клуб, меѓутоа сега ја заврши паузата и седнува на клупата на клубот кој е трет на табелата.

За Докузовски ова е враќање во оваа земја со оглед на тоа што претходно работеше во Сигал Приштина. Во Македонија Докузовски водеше неколку клубови, а најуспешен беше во Работнички.


Три фудбалски репрезентации побараа да не играат во Русија

Фудбалските федерации на Полска, Шведска и Чешка со заедничко соопштение бараат промена на планираните натпревари во Русија од плејофот за СП во Катар 2022.

На 24 март во Москва е закажан натпревар меѓу репрезентацијата на Русија и Полска, а истиот ден во Стокхолм, Швеѓаните ќе играат со Чешка. Доколку победат Русите, на 29 март ќе му гостуваат на победникот од другиот меч. Подобриот од овој дуел ќе се пласира во финалето во Катар. Полска, Шведска и Чешка изразија загриженост за безбедноста поради војната со Украина.

Поради оваа причина тие ги повикаа ФИФА и УЕФА да понудат други опции за местото на одигрување на овие натпревари. Во Шведска велат: Фудбалски натпревар со Русија е речиси незамислив.


Бразил е новата дестинација на Кавани?

35-годишниот уругвајски напаѓач Единсон Кавани е подготвен да ја разгледа понудата од популарниот бразилски клуб Ботафого.

Според порталот „Goal“, двете страни веќе оствариле првичен контакт, но не ги прецизирале деталите за можниот договор, како и за потенцијалната плата на играчот.

Од Ботафого се сериозни во своите намери за засилување со Кавани, кој моментално е играч на Манчестер Јунајтед но неговиот договор истекува на лето. Веројатноста да остане на Олд Трафорд е минимална и покрај тоа што привремениот тренер Ралф Рангник му порача да не брза со својата одлука за заминување.


Лукаку заминува од Челзи

Напаѓачот на Челзи, Ромелу Лукаку, најверојатно ќе го напушти клубот по завршувањето на тековната сезона.

Белгиецот игра во разочарувачка форма после неговото доаѓање на „Стемфорд Бриџ“, и никако да се вклопи во системот на игра кој го форсира тренерот Тухел.

Според информациите кои доаѓаат од Лондон, Лукаку не крие дека направил грешка што ја прифатил понудата од Челзи. Постојат две варијанти кои се споменуваат во однос на неговата фудбалска идинина. Првата е негово повторно враќање во Интер каде настапуваше пред да премине во Челзи, а втората солуција е негов трансфер во Тотенхем кај Антонио Конте.


Барселона нема да патува во Русија, Евролигата веќе закажа состанок

Кошаркатите на Барселона го одложија своето патување во Русија, каде во петок требаше да играат против Зенит од Санкт Петерсбург а во недела со ЦСКА Москва, во рамките на кошаркарската Евролига.

Иако од Евролигата претходно соопштија дека сите претходно закажани натпревари ќе се играат според планот, екипата на Барселона останала на аеродромот и не планира да патува за Русија.