feature

Гурвенек е нов тренер на првакот на Франција

Иако се најавуваше дека Италијанецот, Клаудио Раниери ќе биде нов тренер на Лил тоа сепак не се случи.

Нов тренер на Лил е Жоселин Гурвенек објавија oд клубот. Гурвенек на клупата на Лил ќе го наследи Кристоф Фалитие кој со овој клуб во изминатата сезона стана шампион на Франција. Гурвенек веќе две години е без тренерски ангажман, а последни две екипи кои ги водеше беа Генгам и Бордо.



Лидс од Барса ја доведе замената за Алиоски

Барселона успеа да заработи 15 милиони евра од продажбата на 24-годишниот Жуниор Фирпо.

Фирпо прејде во Лидс Јунајтед со кој потпиша договор до 2025. година, а таму ќе биде замена за нашиот Езгјан Алиоски, кој не го продолжи договорот со клубот.

Покрај сумата, Барселона ќе заработи од Фирпо и 20 проценти од заработката од следната продажба. Инаку, левиот бек во Барселона дојде во 2019. година од Бетиз за 18 милиони евра, а за каталонскиот клуб одигра 41 натпревар во текот на минатата сезона.



Барселона не може да го регистрира Меси и уште пет играчи?!

Барселона се наоѓа во огромни проблеми. Поради ограничувањата кои Ла Лига ги наметна на своите клубови, а поврзани со платите на фудбалерите, Барса ќе мора да продава некои од најскапите играчи како би се извлекла од долговите кои изнесуваат околу 1.17 милијарди евра.

Матеус Фернандес, нивниот бразилски фудбалер ги тужи, а Пјаниќ и Умтити не прифатија предлог за раскин на договорот. Тоа е лоша вест за каталонскиот гигант кој мора да ги намали платите за преку 200 илјади евра неделно. Сега се јавија и други проблеми. Според пишувањата на медиумите, Барселона не може да ги регистрира Лионел Меси, Серхио Агуеро, Ерик Гарсија, Мемфис Депај и Емерсон се додека не ги доведе платите во рамки на дозволеното.

За потсетување, пред шест дена истече договорот на Меси со клубот, па Барселона мора повторно да го регистрира како свој играч. Претседателот Лапорта, кој го презеде клубот по вонредните избори пред неколку месеци, мора во краток период да пронајде решение за најголемата финансиска криза во клупската историја.


Барса го продава Кутињо, цената астрономски ниска

Барселона има финансиски проблеми и мора значително да го намали буџетот за плати за следната сезона, пренесуваат шпанските медиуми.

Поради тоа Каталонците сакаат да се ослободат од неколку фудбалери со високи примања, кои не се во плановите на тренерот Куман. Прв на листата е Кутињо, Барселона сака да се ослободи од неговата висока плата и да спаси дел од големите бонуси кои треба да му ги плати на Ливерпул.

Јасно е дека за Кутињо нема голем интерес, па каталонските медиуми тврдат дека Барселона е спремна да го пушти за само 20 милиони евра, што е за цели 140 милиони евра помалку од сумата која ја платија за да го донесат.


Поради 50 илјади евра – Металург нема да настапи во Европската лига

Металург нема да настапи во Европската лига следната сезона, откако ЕХФ побара клубот да уплати депозит од 50 илјади евра.

Клубот од Автокоманда поради ова барање на ЕХФ реши да се откаже од учество во Европската лига и сега сите амбиции ќе ги пренасочи кон домашниот шампионат.

Се очекува шанса да добие тимот на Бутел Скопје, кој ја заврши сезоната на 4. позиција во Супер машката лига и да реши дали ќе учествува во ова натпреварување на ЕХФ.



Младиот Димитар Бардаковски е нов голман на Металург

Металург потпиша четиригодишен договор со младиот голман Димитар Бардаковски (19), кој доаѓа од Еурофарм Пелистер и кој заедно со Давид Брестовац ќе формираат двојка на млади голмани.

Димитар Бардаковски минатата година го потпиша својот прв професионален договор со Еурофарм Пелистер, но сега потребното искуство ќе го стекнува во дресот на Металург. Бардаковски е талентиран голман кој во Автокоманда ќе ја бара својата минутажа и својата шанса и со Давид Брестовац ќе формира дуо на млади голмани. Засега се знае дека помладиот Брестовац ќе тренира со првиот тим, но ќе брани во Металург РА.

Металург, инаку, се уште е во потрага на поискусен голман, кој треба да го замени Даниел Ѓорѓески, кој, пак, реши својата кариера да ја продолжи во клуб од Унгарија.

Претходно, нов договор со Металург потпиша првиот голман и капитен – Даниел Дупјачанец.

Димитар Бардаковски е петтото засилување на Металург за новата сезона, по браќата-бекови Њокас, пикерот Костадин Петров и средниот бек Бобан Каковски.


Киелини испиша историја на европските првенства

Џорџи Киелини во победата на Италија над Шпанија по пенали во полуфиналето на ЕУРО испиша историја на европските првенства.

Имено, тој стана единствениот фудбалер во историјата кој на европските првенства пет пати играл против иста репрезентација.

Прв пат против Шпанија играше на ЕУРО 2008. година, кога Италија беше поразена во четвртфиналето.

Потоа на ЕУРО 2012. во групата настапи во ремито на овие две селекции, а потоа и во финалето кога Шпанија победи со 4:0.

На ЕУРО 2016. Киелини конечно дочека прилика да ја елиминира Шпанија, а тоа се случи во осминафиналето. Во тој натпревар, дефанзивецот го постигна и првиот погодок.

Петтиот натпревар беше токму синоќешниот, во кој Италија победи по пенали и избори финале, а таму ќе ја чека Англија или Данска.

Киелини синоќа го запиша 110. настап за Италија, која ја предводеше како капитен, а досега има постигнато осум погодоци.



Александар Ристевски е ново засилување на Работнички

Работнички ангажираше уште едно засилување за претстојната сезона. Ново име во составот на Александар Влахо е дефанзивецот Александар Ристевски, кој доаѓа од Струга Трим Лум и треба да ја засили конкуренцијaта во одбраната.

„Ристевски е искусен прволигашки фудбалер кој веруваме дека ќе донесе нов квалитет во одбраната на Работнички. Веруваме дека брзо ќе се вклопи во новата средина и му посакуваме да се наметне во дресот на Работнички“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.

Работнички утре ќе го одигра третиот пријателски натпревар во текот на летните подготовки, против Тиквеш во Кавадарци.



Баерн откри колкава е финансиската загуба поради коронавирусот

Германскиот фудбалски великан Баерн Минхен очекува загуба од 150 милиони евра поради пандемијата на КОВИД-19, објави клубот.

Претседателот на Баерн, Херберт Хаинер рече дека тие загуби воглавно се последица на празните трибини на Алијанц Арена од минатата година, но нагласува дека амбициите не се намалени.

Новиот извршен директор на клубот, Оливер Кан меѓутоа истакна дека „сигурноста сепак ќе биде на прво место“.

„Десеттата титула по ред во германското првенство е наша голема цел. Тоа никогаш досега не е направено во најголемите европски лиги, но нема во целост да биде исполнето без успешни европски настапи.“ – додава Кан.

Екипата наредната сезона ќе биде предводена од Јулијан Нагелсман, а Кан вели дека клубот е во преговори за продолжување на соработката со Леон Горецка и Кингсли Коман.

Новата сезона во Бундеслигата започнува на 13. август, а Баерн се надева дека здравствените прописи во Баварија ќе овозможат доаѓање на ограничен број на навивачи на стадионот кој има капацитет од 75.000 места.


Тотенхем не сака да слушне за продажба на Хари Кејн

Новиот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи ја затвори вратата за трансфер на Хари Кејн.

Кејн не е задоволен во Тотенхем, сака да игра во поамбициозен клуб и да се бори за трофеи, па побара трансфер од раководството. Меѓутоа, Кејн има долг договор со „спарси“, а Паратичи потврди дека клубот нема намера да го продаде ова лето.

„Задржувањето на Кејн не е само моја цел, туку и цел на клубот. Тој е врвен играч. Имав среќа во моето време во Јувентус, видов многу одлични напаѓачи и сакам да уживам и во Кејн. Едвај чекам да го видам. Тој е еден од најдобрите напаѓачи во светот. Не сум разговарал се уште со него, зашто не сакам да го вознемирувам, бидејќи е максимално посветен на обврските со репрезентацијата“, додаде Паратичи.