feature

Клоп: Не размислувам за Манчестер Сити, но знаеме што треба да направиме

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше презадоволен по победата на неговиот тим над Арсенал од 2:0 во одложениот натпревар од англиската Премиер лига.

Успехот во Лондон го остави Ливерпул на второто место во поредокот, но сега тимот заостанува само еден бод зад Манчестер Сити.

Двата тима имаат и директен дуел меѓу себе. Натпреварот чиј домаќин ќе биде Манчестер Сити  се игра на 10 април, и можеби ќе биде одлучувачки за титулата во оваа сезона. 

„Вистината е дека не размислувам многу за Манчестер Сити. Знам дека единствената шанса ни е ако победиме на сите останати натпревари до крајот. Во текот на последните неколку години, играме на екстремно високо ниво. Ова го прави секој натпревар потежок. Треба да уживаме, но и да бидеме подготвени за интензитетот“, изјави Клоп.


Бонучи со извинување кон фановите на Јувентус

Дефанзивецот на Јувентус, Леонардо Бонучи го пропушти поразот од Виљареал со 0-3 поради повреда, но сепак преку пост на Инстаграм тој им се извини на навивачите на „старата дама“ за испаѓањето во осминафиналето од Лигата на шампионите.

„Доживувањето на ваков натпревар надвор од теренот за прв пат во кариерата и неможноста да бидам на теренот ме натера да разберам како се чувствуваат нашите навивачи во вакви моменти. Единственото нешто што можам да го направам во моментов е да им се извинам на сите. Треба да го претвориме ова разочарување во гнев и да го искористиме на нашите преостанати натпревари и да ги постигнеме нашите идни цели“, порача Бонучи.


Левандовски уште без договор, Баерн ризикува да го загуби напаѓачот

Роберт Левандовски дефинитивно во овој момент е најважен фудбалер на Баерн Минхен, меѓутоа можеби неочекувано германскиот клуб се уште не му понудил нов договор на полскиот голгетер.

Во последниот период никој од Баер не разговарал со Левандовски на оваа тема, а тоа како што пишува реномираниот „Билд“ почнува да го иритира Левандовски. Во текстот се наведува дека Левандовски ваквото однесување на Баерн го смета за непочитување и размислува да не ја продолжи соработката по истекот.  Левандовски со Баерн има договор до 2023 година и во клубот заработува 24 милиони евра годишно, а германските медиуми шпекулираат дека во Баерн не се сигурни дали Полјакот заслуѕжува подобар договор со оглед на годините.

Однесувањето на Баерн го критикуваше и германската легенда Лотар Матеус кој не може да разбере зошто баварците така се однесуваат кога е тешко да се најде замена за Левандовски.


Алегри: Испаднавме наивни против дефанзивниот Виљареал

По елиминацијата на Јувентус од Виљареал во осминафиналето во Лигата на шампионите, Италија остана без учесник во четвртфиналето од елитното натпреварување. Претходно истата судбина го снајде и Интер кој беше елиминиран минатата недела.

Тренерот Масимилијано Алегри, кој се најде на удар на јавноста, изјави дека не ги обвинува фудбалерите, и ја нарече играта на својата екипа наивна.

„Виљареал играше со деветмина зад линијата на топка и дури не сакаа да излезат повисоко. Не се обидуваа  да нѐ нападнат и сакаа да го однесат натпреварот во продолженија. На крајот ние излеговме многу наивни и дозволивме да направиме грешки кои не чинат елиминација. Цели 75 минути игравме добро, но во фудбалот секогаш се можни вакви работи, посебно во Лигата на шампионите. Ќе го прифатиме овој пораз, не ги обвинувам фудбалерите“, изјави Алегри.


Коке: Јан Облак е најдобриот голман во светот

Капитенот на Атлетико Мадрид, Коке, не го криеше задоволството откако неговиот тим го победи Манчестер Јунајтед со 1:0 на „Олд Трафорд“,и се пласираше во четврт-финалето на Лигата на шампионите. 

„Сакаме да стигнеме што подалеку во Лигата на шампионите. Оваа победа е многу важна за нас бидејќи доаѓа во сезона полна со подеми и падови. Мислам дека заслуживме да победиме и на првиот натпревар во Мадрид. Денеска напорно се боревме и успеавме да го добиеме заслуженото“, изјави Коке.

Капитенот го коментираше и брилијантниот настап на голманот Јан Облак, кој имаше неколку извонредни интервенции на натпреварот со кои ја зачува недопрена мрежата на својот гол. 

„За мене, Облак е најдобриот голман во светот. Тоа уште еднаш го докажа на овој натпревар“, потенцира капитенот Коке.


Навивачите на Челзи во тепачка со полицијата во Лил

Навивачите на Челзи кои допатуваа во Франција за реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампиони против Лил, направија неколку инциденти низ градот, искажувајќи ги своите фрустрации околу состојбите во својот клуб.

Според медиумите во Франција, дел од навивачите го скандираа името на Роман Абрамович, по што започнаа тепачка со полицијата која употреби солзавец за смирување на ситуацијата.

https://twitter.com/Ultramaniatics_/status/1504190950892982276?s=20&t=DSZny6SV9nlHXxJBaWk8oQ


Интер го сака Себастијан Алер од Ајакс

Директорите на Интер се сретнаа со претставници на напаѓачот на Ајакс, Себастијан Алер, пишува „Газета дело спорт“.

Сепак, преставниците на Интер биле информирани дека холандскиот гигант бара 35 милиони евра за 27-годишниот играч од Брегот на Слоновата Коска, кој има одлична сезона во дресот на клубот од Амстердам и е еден од најпродуктивните напаѓачи во Европа. Досега оваа сезона Алер ​​има постигнато 32 гола на 34 натпревари во сите натпреварувања. Има 19 гола во шампионатот на Холандија и 11 во Лигата на шампионите.

Интер во моментов не сака да плати толкава сума за играчот, но самиот играч е отворен за трансфер во Серија А и двете страни ќе останат во контакт.


Монфилс: Не е лесно да се гледа сопругата како страда и плаче секој ден

Францускиот тенисер Гаел Монфис забележа победа во третото коло на Индијан Велс – го победи првиот светски тенисер Данил Медведев со 2-1 во сетови.

По натпреварот Монфис зборуваше за својата сопруга, украинската тенисерка Елина Свитолина.

„Не е лесно секоја вечер да се види расплакана и загрижена мојата сопруга, но се трудам да и помогнам да се чувствува подобро. Јас сум тука за неа секој ден. И за нејзиното семејство за кое подеднакво се грижам. Тешко е сето тоа да се опише освен ако не сте дел од тоа на некој начин. Тоа што се случува е лудост“, рече Монфис.

Францускиот тенисер во осминафиналето ќе вкрсти рекети со младиот Карлос Алкараз, кој игра во голема форма.


Револуционерна промена на тениските правила на Грен слем турнирите

Сите четири Гренд слем турнири воведуваат правило за тај-брејк до 10 поени во одлучувачкиот петти сет на едногодишен пробен период, почнувајќи од овогодинешниот „Ролан Гарос“ кој започнува на 22 мај, соопшти Извршниот одбор на четирите најголеми турнири.

Продолжениот тај-брејк ќе се игра при резултат 6-6 во петтиот сет за тенисерите, а во третиот за тенисерките. Ова е историска промена кога станува збор за вториот Гренд слем за годинава, бидејќи досега не е одигран тај-брејк во одлучувачкиот сет во Париз.

„Оваа одлука е донесена врз основа на силна желба да се зголеми конзистентноста на правилата на Гренд слем турнирите. По една година планираме да работиме со ВТА, АТП и ИТФ за да видиме што донесе оваа промена и евентуално трајно да ја воведеме“, соопштија од ИО.


Јуве му нуди нов договор на Бразилецот Данило

Дефанзивецот на Јувентус, Данило може да го продолжи договорот со италијанскиот клуб. Раководството на Јувентус му понудило на 30-годишниот бразилски фудбалер нов договор, со важност до јуни 2026 година. Актуелниот договор на Данило со клубот истекува во јуни 2024 година. Да потсетиме дека Данило се пресели во Јувентус од Манчестер Сити во летото 2019 година. 

Трансферот изнесуваше 37 милиони евра. Оваа сезона, дефанзивецот учествуваше во 22 натпревари за клубот од Торино во сите натпреварувања, постигна 1 гол и 2 асистенции.

Јувентус по 29 натпревари освои 56 бодови и се наоѓа на 4. место на табелата во италијанската Серија А  каде лидер е Милан со 63 бодови.