feature

Ренато Санчез најнова желба на Јуве

Јувентус е последниот клуб кој се вклучи во трката за португалскиот репрезентативец, Ренато Санчез, пренесува „Тутоспорт“.

Според пишувањето на медиумите Лил е спремен во летниот преоден рок да го продаде Санчез на кого договорот со францускиот клуб му истекува летото 2023 година.

Португалецот ја оживеа својата кариера во Лил и го привлече вниманието на многу европски гиганти, а најсилен интерес за него покажуваа Милан и Арсенал. Сега и Јувентус се вклучи во трката за Санчез, бидејќи Алегри смета дека идеално ќе се вклопи во неговиот стил на игра, а бара и засилување на средниот ред.


Најталентираниот белгиски фудбалер е прв на листата на желби на Милан

Милан е сериозно заинтересиран за ѕвездата на Клуб Бриж и белгиски репрезентативец, Чарлс Де Кетелар.

Новопечениот репрезентативец на Белгија блеска во дресот на Бриж и сигурно ќе ја промени средината за време на летниот преоден рок бидејќи е мета  на голем број европски гиганти.

21-годишниот Де Кетелар важи за еден од најголемите европски таленти па Малдини сака да ја победи конкуренцијата и да го донесе во Милан.

Белгиецот е офанзивен играч за врска, кој може да игра и како крило, а оваа сезона на 29 меча постигна 12 гола и запиша 7 асистенции.


Јуве нуди девет милиони евра годишна плата само за да го врати Погба

Францускиот играч за врска во Манчестер Јунајтед, Пол Погба може да се врати во Јувентус, објавија неколку медиуми во Италија.

Според истите, италијанскиот клуб му понудил на Пол Погба договор со плата од 9 милиони евра. Понудата вклучува и исплати од 3 милиони евра како бонуси. Се најавува дека двете страни активно преговараат. Актуелниот договор на играчот од средниот ред со Манчестер Јунајтед е до јуни 2022 година.

Да потсетиме дека Погба играше за Јувентус од 2012 до 2016 година. Погба оваа сезона на 15 натпревари во Премиер лигата постигна 1 гол и даде 9 асистенции. Пазарната вредност на францускиот играч од средниот ред се проценува на 55 милиони евра.


Зверев: Во Акапулко го имав најлошиот момент во животот

Германскиот тенисер, Александар Зверев изјави дека на турнирот во Акапулко ја направил најголемата грешка во кариерата, кога во излив на бес, со својот рекет удираше по столчето на главниот судија.

Трето рангираниот тенисер во светот, поради инцидентот беше суспендиран од турнирот во Мексико, парично казнет со 40 илјади долари, и доколку направи сличен проблем во наредните 12 месеци, тој ќе се соочи со суспензија во траење од осум недели.

„Сеуште се чувствувам посрамено, меѓутоа сите ние правиме грешки. Можам да гарантирам дека никогаш повеќе во животот нема да се однесувам на тој начин. Тоа беше најлошиот момент во мојот живот“, изјави Зверев.


Замрзанат имотот во Британија на Роман Абрамович

Роман Абрамович и официјално е санкциониран од владата на Обединетото кралство како дел од обидите за сузбивање на богатите руски олигарси со имот во земјата. Сопственикот на Челзи е еден од седумте други руски олигарси против кои владата воведува санкции.

Имотот на Абрамович е замрзнат, што значи дека му е забрането да работи со поединци и компании во ОК. Забраната за патување останува на сила.

За среќа на навивачите на „сините“, Челзи се уште може да продолжи со фудбалските активности со посебна дозвола, но во пракса продажбата на клубот е замрзната.

Клубот ќе продолжи да исплаќа плати на играчите, но нема право да прави нови трансфери или пак да потпишува договори. Продажбата на производи поврзани со Челзи е забранета, што значи дека клупската продавница ќе биде затворена. Билетите за натпреварите исто така нема да се продаваат, а ќе ги добијат само оние со сезонски билети.


Кунде ќе биде замената за Кристенсен во Челзи

Приоритет на Челзи во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен дефанзивец, откако стана јасно дека Кристенсен заминува како слободен агент.

Прва и најголема желба на „сините“ е францускиот дефанзивец Жил Кунде, за кого Челзи покажуваше интерес и минатото лето.

Францускиот репрезентативец има договор со Севиља до 2024 година во кој има откупна клаузула од 68 милиони фунти.

Англиските медиуми тврдат дека Челзи веќе има договор со Кунде и наскоро ќе започне преговори со Севиља. Доколку не успее да најде заеднички јазик спремен е да ја плати откупната клаузула.


Мурињо го носи Далот од Манчестер во Рома?

Диого Далот како што стојат работите нема иднина на „Олд Трафорд“ и според последните информации ќе направи трансфер во Рома.

Во минатата сезона Далот играше како позајмен фудбалер во Милан, иако италијанскиот клуб имаше желба да го задржи, сепак не беше постигнат договор со Манчестер Јунајтед.

Португалецот оваа сезона не добива голема минутажа во Јунајтед и одлучил да го напушти клубот, а најсилен интерес за него покажува Рома.

Жозе Мурињо одлично го познава и побарал од раководството да му биде доведен на лето, а и самиот Далот сака да се врати во Серија А.


Ѓоковиќ доби забрана за настап во Мајами и Индијан Велс

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ дефинитивно нема да игра на Мастерсот во Индијан Велс, но и на турнирот во Мајами, бидејќи не добил дозвола за влез во САД откако не е вакциниран, пренесува Танјуг.

Ѓоковиќ се пријави за Мастерсот во Калифорнија, кој го освои пет пати во текот на неговата кариера, беше на ждрепката, но Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) одбија да му издадат дозвола за влез во земјата.

Поради тоа дојде до поместување на ждрепката, па Григор Димитров „падна“ меѓу носителите, а испразнетото место ќе го пополни „среќниот губитник“ од квалификациите.

Мастерсот во Индијан Велс се игра од 10 до 20 март, а наградниот фонд е 8,5 милиони долари.

Самиот Ѓоковиќ се огласи на социјалните мрежи и потврди дека нема да игра ниту во Мајами. Тој призна дека знаел дека имало „мала веројатност да патува“.


Дибала е се подалеку од нов договор со Јувентус

Според пишувањата во италијанскиот спортски весник Газета Дело Спорт, играчот на Јувентус, Пауло Дибала е со мислење дека клубот има мала желба за продолжување на неговиот актуелен договор кој истекува ова лето.

Средбата меѓу агентите на играчот кои пристигнаа во Торино и управата на клубот беше одложена во последен момент, бидејќи Јувентус сака преговорите околу нови договори во клубот да се одвиваат во време на репрезентативната пауза за да можат играчите целосно да се фокусираат на своите натпревари.

Оваа одлука го разочара Дибала, кој беше подготвен да слушне понуди од други тимови. Атлетико Мадрид веќе стапил во контакт со неговите претставници, а Интер ја разгледува можноста за негово доведување. Останати тимови кои ја следат ситуацијата се Барселона, Тотенхем и Манчестер Сити.


Ник Кенди ќе биде нова сопственичка на Челзи

Роман Абрамович реши да го продаде Челзи, откако беше протеран од Велика Британија поради воената инвазија на Русија врз Украина.

Интересно, ако Роман Абрамович ја прифати понудата на Ник Кенди, инаку вредна 3 милијарди фунти, тогаш атрактивна Србинка ќе биде новата сопственичка на клубот од Лондон.

Станува збор за Холи Кенди, која го носи уметничкото име Волис и е ќерка на српскиот манекен и пијанист Рајко Вукадиновиќ.

Нејзин сопруг е милијардерот Ник Кенди, кој е навивач на Челси и со години има сезонски билети за натпреварите на клубот од Лондон, па сега стана еден од посериозните кандидати за да го купи европскиот и светски клупски првак.