feature

Италијански калчолигаш има 15 заразени со КОВИД-19!

Коронавирусот целосно влезе во соблекувалната и клупските простории на италијанскиот калчолигаш Специја. Пред некоклку во клубот имаше 11 заразени играчи и луѓе од клубот, а сега се 15.

Италијанските медиуми пишуваат дека еден фудбалер и тројца луѓе од клубот биле позитивни на последните тестови.

Пред неколку дена, главниот лекар на калчолигашот потврди дека причина за состојбата во клубот се двајца играчи кои одбиле да примат вакцина.

На прашањето како тоа можело да се случи, Винченцо Салини откри дека причината се токму играчите.

„Им осигуравме прва доза од вакцината, но двајца играчи одбија да примат вакција бидејќи се сметаат за антиваксери. Тогаш дојде до зараза во клубот. За среќа, сите се чувствуваат добро.“- изјави Салини.


Сениорите го одработија главниот дел од подготовките

Машката сениорска репрезентација се врати од Маврово каде работеше во изминатите седум дена. На падините на Бистра нашите најдобри кошаркари го поминаа оној базичен дел од подготовките, секогаш најтежок во подготвителниот период.

Еден од најискусните во националниот тим, Бојан Трајковски, со свои впечатоци по сработеното на нашата планинска убавица.

„Она поради што и дојдовме во Маврово, според мене, го реализиравме во целост. Период на максимална, колективна соработка, онака како што треба да функционира една национална селекција. Дополнето со одлична работа од сите кои се дел од селекцијата. Она што е особено важно, е што ‘работевме’ и на покачување на оној тимски дух, и тоа како потребно за одлично функционирање на тимот кој треба да донесе резултат во претквалификациите за Светскиот Куп. Хемиjата, заедно со постоечкиот квалитет, е таа која треба да нè води на патот кон успехот на средбите со Словачка и со Швајцарија“- анализира Трајковски.

За новиот капитен на нашата сениорска репрезентација е важен и еден друг момент.

„Освен мали, ситни повреди, овие седум дена ги одработивме на едно максимално ниво, за кое многу ни помогнаа и луѓето од стручниот штаб. Сега, кога ја имаме основата, кога ја имаме хемијата во екипата, одиме понатаму во подготовките“.

Сениорите продолжуваат со реализација на планираните активности кои во наредниот период ќе бидат во големата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

„Ни недостасуваат натпревари, се надевам дека во периодот кој следува и тоа ќе дојде на ‘дневен ред’, и дека ќе провериме што досега сме работеле. Но реков добрата, работна атмосфера е предуслов за успех. Ќе настојуваме да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Продолжуваме со работата во Скопје, и на сите нас кои сме тука, со тимот, останува да се подготвиме максимално за она што следува во август“- вели Трајковски. 


Азар ќе заврши на трансфер листа во Реал Мадрид?

Реал Мадрид планира да го стави Еден Азар на трансфер пазарот, тврди „Марка“. Белгиецот никогаш не беше во можност да го покаже најдоброто од себе во последните две сезони на „Сантијаго Бернабеу“, а главната причина за тоа се повредите кои го прогонуваа.

Тој досега има одиграно само 43 натпревари за Реал Мадрид и се чини дека клубот е подготвен да се раздели од него за да направи буџет за нови засилувања.

Новиот тренер на Реал Карло Анчелоти е против таквата продажба и сака да го има во својот состав 30-годишниот фудбалер. Тој верува дека може да го извлече максимумот од Белгиецот доколку добие доволно време да работи со него.


Арсенал е фаворит, но Јувентус не се откажува од трката за Локатели

Репрезентативецот на Италија, Мануел Локатели е трансфер цел на повеќе тимови од Европа, но Сасуоло е категоричен, мора да бидат исполнети нивните финансиски побарувања.

Според „Скај Италија“, Арсенал веќе доставил понуда до Сасуоло од 40 милиони евра за Локатели. Калчолигашот бара пет милиони плус, сума која Артета не сака да ја дозволи. Во целата приказна е вмешан и Јувентус, кој пак планира да го добие Локатели за 30 милиони евра, со можност таа сума да порасне за дополнителни 10 милиони евра во зависност од настапите на играчот во следните две сезони.

Локатели имаше одлично ЕУРО и го привлече вниманието и на Интер, Баерн Минхен, Лион, Рома и Тотенхем.


Табоада: Еурофарм Пелистер е одличен проект за мене

Деновиве во составот на Еурофарм Пелисер пристигна левиот бек од Куба, Реиние Табоада, кој дојде од францускиот Данкерк. Кубанецот по пристигнувањето вели дека дошол во Битола за да му помогне на тимот да стигне до многу посакуваната шампионска титула во Македонија.

„Еурофарм Пелистер е клуб кој напредува постојано. Беше второпласиран во домашниот шампионат минатата сезона. Ова е добра шанса за мене да се дефинирам како ракометар и да му помогнам да екипата да се искачи на првото место и да освојува титули.

Сакам да играм „еден на еден“, ја користам мојата физичка сила. Но, интелегентен сум и ја „читам“ играта, го „читам“ натпреварот. Исто така шутирам од далечина.

Гледав некои европски натпревари на Еурофарм Пелистер, како и дерби натпреварите против Вардар 1961 во домашната Суперлига. Ми оставија добар впечаток и ова е добар проект за мене. Ми се допаѓа екипата“, смета Табоада. 

Првиот официјален натпревар на Табоада во Македонија е Супекупот на Македонија против Вардар 1961 на 11 август во Скопје.


Коман сака да замине, Баерн преговара за размена со Челзи

Челзи е заинтересиран за размена на крилни напаѓачи со Баерн Минхен, објави весникот „Л’Екип“. Според изворот, лондонскиот клуб сака да го добие Кингсли Коман од Баерн Минхен и е подготвен да го вклучи Калум Хадсон-Одои во зделката, бидејќи тој не е вклучен во плановите на менаџерот Томас Тухел.

Дополнителен аргумент во корист на 20-годишниот Англичанец е фактот дека Баерн е заинтересиран за него подолго време. Познато е дека Кингсли Коман не може да се договори со Баерн за нов договор.

Според сегашниот договор, кој истекува во 2023 година, 25-годишниот Французин добива 9 милиони евра по сезона пред оданочување. Клубот му нуди 13 милиони евра, но Кингсли сака да ја подигне платата на ниво на Лерој Сане кој добива 18 милиони евра.


На Баерн му се повторува случајот Алаба

Минхенски Баерн би можел да остане без Леон Горецка. 26-годишниот играч за врска има договор до следното лето, а Баерн му нуди плата од 10 милиони евра. Неговиот менаџер побара плата од 20 милиони, а се чини дека Баерн нема да се согласи на тоа. Билд пишува дека Манчестер Јунајтед би можел да биде тој кој ќе му ја понуди таа плата на Горецка, па на германскиот шампион му се подготвува нов „случај Алаба“.

Горецка е играч на Баерн од 2018. година, во клубот пристигна од Шалке по истекот на договорот, а со клубот од Минхен освои се што можеше да освои.

За потсетување, Давид Алаба направи трансфер во Реал Мадрид откако одби продолжување на договорот со Баерн. Баварскиот гигант се откажа од преговорите откако австрискиот дефанзивец ги постави своите услови.


„Ѓаволите“ сакаат да го украдат незадоволниот Саул

Манчестер Јунајтед ќе го искористи неуспешниот договор меѓу Атлетико Мадрид и Барселона за размена на Саул Нигез и Антоан Гризман и ќе направи нов обид за привлекување на шпанскиот играч за врска од Атлетико Мадрид.

26-годишниот фудбалер веќе долго време е во центарот на вниманието на „црвените ѓаволи“, кои се надеваат дека овојпат ќе можат да го земат во својот состав, пишува „Мундо Депортиво“. Од „Олд Трафорд“ веќе започнале разговори со агентот на играчот Џонатан Барнет.

Тој не ја одигра својата најдобра сезона на „Ванда Метрополитано“, а сега клубот се засили со Родриго Де Пол, што дополнително ќе ги ограничи неговите шанси за настап. Затоа, за луѓето од Мадрид и за самиот играч, се чини дека би било подобро да се разделат.


Реал и Интер преговараат за позајмица на Лука Јовиќ

Лука Јовиќ ова лето може да го напушти тимот од Мадрид. Aгентот на 23-годишниот Србин, Фали Рамадани, му ги понудил услугите на својот клиент на Интер. Од друга страна се вели дека клубот од Милано може да го позајми напаѓачот.

Јовиќ играше за Ајнтрахт Франкфурт од 2017 до 2019 година на позајмица од Бенфика. Потоа германскиот клуб го купи за 22 милиони евра и го препродаде во Реал Мадрид за 63 милиони евра. Минатата зима, Ајнтрахт Франкфурт повторно го позајми српскиот фудбалер. Минатата сезона, 23-годишниот напаѓач одигра 18 натпревари во германската Бундеслига и постигна четири погодоци.


Беше шпански репрезентативец, а сега ќе се натпреварува во трета лига

Најголемиот дел од кариерата започната во 2004. година, Пабло Хернандез ја помина настапувајќи за Валенсија и Лидс. Настапувајќи за англискиот клуб три сезони по ред, од 2017/18 до 2019/20 беше прогласуван за најдобар играч на клубот.

Десетина години претходно, се избори и за дресот на шпанската репрезентација како замена за Андрес Иниеста, кој тогаш се откажа од настап на ФИФА Конфедерацискиот Куп, кој Шпанија го освои. Сега, тој потпиша за шпанскиот третолигаш Кастељон.

36-годишниот Хернандез се враќа во клубот од родниот град по 18 години, откако го напушти како би се приклучил на младинскиот тим на Валенсија.

Потпиша договор на три години, па во овој период ќе се обиде Кастељон да го врати во втората лига.