feature

Мбапе е најскапиот фудбалер на денешницата

Холандската ревизорска компанија КПМГ го објави список на најскапи фудбалери во светот. Конечниот резултат е добиен од неколку фактори, кои вклучуваат нивото на играчот, неговиот статус, времетраењето на договорот и тековната форма. На прво место е напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе со цена од 189 милиони евра. Норвешкиот напаѓач на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд е на втората позиција, неговата цена е 131 милиони евра. Капитенот на Тотенхем, Хари Кејн ја комплетира водечката тројка со цена од 127 милиони евра.
Најскапите фудбалери на светот според КПМГ:
1 Килијан Мбапе (ПСЖ) – 189 милиони евра;
2 Ерлинг Халанд (Борусија Дортмунд) – 131 милиони евра;
3 Хари Кејн (Тотенхем) – 127 милиони евра;
4 Маркус Рашфорд (Манчестер Јунајтед) – 121 милиони евра;
5 Рахим Стерлинг (Манчестер Сити) – 119 милиони евра;
6 Нејмар (ПСЖ) – 116 милиони евра;
7 Кевин Де Бруин (Манчестер Сити) – 113 милиони евра;
8-10. Џејдон Санчо (Борусија Дортмунд) – 110 милиони евра;
8-10. Мохамед Салах (Ливерпул) – 110 милиони евра;
8-10. Трент Александар-Арнолд (Ливерпул) – 110 милиони евра.


УЕФА дозволи гледачи на финалето на Лигата на шампионите во Порто

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и официјално потврди дека финалето во Лигата на шампиони ќе се игра во Порто на стадионот „Драгао“. Финалето требаше да се игра на 29-ти мај во Истанбул, а УЕФА објасни дека се преместува во Порто поради потешкотиите англиските фанови да патуваат во Турција. Се шпекулираше дека мечот може да се игра на „Вембли“ затоа што во прашање се две англиски екипи, меѓутоа британската Влада не можеше да даде гаранции за присуство на фанови. Во Порто ќе има по 6.000 фанови на Манчестер Сити и Челзи, двата англиски клуба кои ќе се борат за трофејот.


Чаневски: Да покажеме дека научивме поука од претходниот пораз од Вардар

Еурофарм Пелистер во финалето од Купот на Македонија ќе се сретне со големиот ривал Вардар, во потрага по титула. Пелистерци го совладаа Бутел во полуфиналето, а „зелено-белите“ се едногласни во намерата трофејот повторно да го вратат во Битола. „Се надеваме дека ги научивме поуките од поразот од Вардар 1961 во шампионатот. Тоа треба да го покажеме на терен. Кога сте комплетни е многу поразлично и ротацијата е подобра. Сите ќе го дадат максимумот за титулата да дојде во нашите витрини“. – вели капитенот на битолчани, Градимир Чаневски. „Сите клубови имаа проблеми со ковид-19, не стигнаа и повреди и не бевме комплетни баш кога требаше да бидеме вистински. Многу се радувам што сме комплетни и тренираме цела екипа. Добро ќе се спремиме и ќе бидеме силен конкурент на сите ривали и во шампионатот и во Купот. Верувам дека со ангажманот и квалитетот ќе покажеме каков квалитет имаме“, вели Стипе Мандалиниќ. Финалето помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 се игра во сабота со почеток од 17.30 часот.


Рома го враќа Ламела на инсистирање на Жозе Мурињо

Рома е силно заинтересирана за играчот на Тотенхем, Ерик Ламела. Жозе Мурињо одлично го познава Ламела бидејќи двајцата соработуваа во Тотенхем и сака да го донесе во Рома ова лето. Аргентинецот својата фудбалска афирмација ја доживеа токму во Рома, од каде се пресели во Тотенхем. Ламела не добива голема минутажа оваа сезона и е спремен да се врати во Серија А. 28-годишниот Аргентинец на лето влегува во последната година од договорот, а Тотенхем за неговата слобода бара 15 милиони евра.


Салцбург пак ја одбрани титулата во австриската Бундеслига

Со победата над Рапид со 2-0, Салцбург и официјално ја комплетираше новата шампионска титула во австриската Бундеслига. Пред големото дерби, тимот на Џеси Марш имаше доволно бодови да го потврди освојувањето на осмата шампионска титула по ред, но најефикасниот стрелец во лигата, Петсон Дака, не остави ништо на случајот. Ова е трета двојна круна по ред за „биковите“, и 15-та шампионска титула.


Јаневски доби место во стручниот штаб на Брос во Јужна Африка

Чедомир Јаневски ќе има нова улога во неговата кариера – ќе биде дел од стручниот штаб на репрезентацијата на Јужна Африка! Во псоледната сезона македонскиот стратег оствари одлични резултати со Олимпијакос Никозија, па така го привлече вниманието. Во репрезентацијата на Јужна Африка тој ќе биде асистент на тренерот Хуго Брос. Играчката кариера Јаневски ја заврши во 1999 година во клубот Даринг Клаб Бланкенберге и таму ја започна и тренерската кариера. Во периодот од 2012 до 2013 година тој беше и селектор на македонската репрезентација.


Како изгледа гаражата на Роналдо вредна 18 милиони евра?

Кристијано Роналдо го постигна стотиот погодок во дресот на Јувентус, но ова лето би можел да го промени клубот. Јувентус би можел да остане без Лига на шампиони наредната година, а тоа не ги задоволува амбициите на Роналдо. Со тоа, Јувентус тогаш не би можел да си ја дозволи платата на Роналдо во висина од 30 милиони евра. На почетокот од неделава, Роналдо со сопственикот на Јувентус, Андреа Ањели беше во посета на фабриката на Ферари. Тој се „почасти“ со автомобил вреден 1,6 милиони евра. Сопствениците на Јувентус на тој начин се обидоа да ја расположат својата најголема ѕвезда, бидејќи познато е дека Роналдо е голем љубител на скапи автомобили. Роналдо во својата гаража веќе има два скапи Бугати (Чирон и Вејрон), Мекларен Сена, Ламборџини Авентадор, Шевролет Камаро, Мерцедес АМГ ГЛЕ, Ролс Ројс Кулинан, Континентал ГТ, Ферари Ф12 ТДФ и Мерцедес Класа Г Брабус. Неговите автомобили вкупно вредат околу 18 милиони евра. Португалецот за околу 10 милиони евра купи и Бугати Чентодиечи. Такви постојат само десет во светот, а еден од сопствениците е Роналдо.


Ништо од Барселона, Чави потпиша нов договор со Ал Сад

Легендата на шпанскиот фудбал, Чави Ернандес сепак нема да го наследи Роналд Куман на клупата на Барселона за новата сезона. Ова е потврдено откако легендарниот Чави ја прифати понудата од Ал Сад за нов двегодишен договор. „Заедно постигнавме многу, победуваме и даваме голови. Оваа поддршка е најдоброто што еден тренер може да посака. Не постои клаузула за предвремен раскин на договорот на сметка на Барселона. Имам двегодишен договор и го почитувам.“ – вели Чави.


Даглас Коста се враќа во Бразил, ќе биде позајмен во Гремио

Јувентус изгледа конечно пронајде клуб за Даглас Коста и тоа клубот од младоста на Бразилецот. Кога минатиот месец првпат се појави можноста Коста да се гласи во Гремио навивачите на овој клуб беа воодушевени. Потоа се огласи од клубот и соопштија дека финансиите не дозволуваат да размислуваат во тој правец. Но, изгледа дека во последните денови работите се промениле – Даглас Коста е на чекор од Гремиo! Бразилските медиуми пренесуваат дека утрово бил одржан клупски состанок во Порто Алегри на кој присуствувал и самиот Коста. На состанокот биле најважните луѓе на Гремио и менаџерот кој го застапува фудбалерот на Јувентус, Жорж Машадо.


Евролига го укинува Еврокупот?!

Тогаш кога помисливме дека Бертомеу воспостави одредени правила на игра како се влегува во Евролигата, се случи ново изненадување. Она што сега се најавува е уште „побомбастично“ од досегашните. Шпанскиот „Мундо Депортиво“ пренесува нови информации на таа тема, дека наводно се подготвува нов план за Евролигата во кој од сезоната 2023/24 веќе нема да има место за второто натпреварување, Еврокупот. Целта е Евролигата да се формира како затворено натпреварување, во кое сите клубови учесници ќе имаат долгогодишна лиценца, при што Еврокупот ќе ја загуби својата цел како натпреварување од кое би се пристапувало кон елитата, како што оваа сезона направија Монако и Уникс. Споменатиот извор открива дека пред неколку недели клубовите кои сега имаат лиценца, тие 11, извршија притисок врз Бертомеу да започне со спроведување на оваа идеја, во спротивно се заканија со барање за негово заминување од највисоката функција во Евролигата. Додатна причина зошто се бара укинување на Еврокупот се финансиите, бидејќи на Еврокупот годишно се трошат 7 милиони евра, а приходот е значително помал, наводно околу три милиони.