feature

Два гиганти од Премиер лигата го сакаат Леон Бејли

Гигантите од Премиер лигата се силно заинтересирани за крилниот фудбалер на Баер Леверкузен, Леон Бејли, пренесуваат медиумите на Островот.
23 годишниот интернационалец од Јамајка веќе подолго време игра одлично, а оваа сезона на 32 меча има постигнато 12 гола и 9 асистенции.
Најсилен интерес за играчот покажувата уште Арсенал и Тотенхем, а моменталната цена на Бејли изнесува најмалку 40 милиони фунти.
Јамајканецот преферира преселба во Премиер лигата, па на лето се очекува голема битка за неговиот потпис.


Анчелоти: Нашата цел останува пласман меѓу четирите најдобри

Менаџерот на фудбалерите на Евертон, Карло Анчелоти, вели дека е потполно задоволен од вчерашната победа против Саутемптон (1-0) во натпреварот одигран во рамките на 26. коло во Премиер лигата. „Карамелите“ сега имаат 43 бодови и ја имаат седмата позиција на табелата.
„Имаме одлична можност да влеземе во топ 4 и сакаме тоа да го направиме. Секако, мораме да вложиме максимални напори и на мечот против Челзи. До крајот на сезоната ќе ни претстои голема борба и треба да бидеме среќни. Несомнено, ако сакаме да бидеме во трката за Лигата на шампионите ќе мора да ја подобриме играта“, изјави италијанскиот стратег.


Луд домино ефект на клупите ширум Серија А!

Наполи, Рома и Фиорентина планираат промена на тренерите, а тоа би можело да доведе и до смена на клупата на Сасуоло.
Од Италија пристигнуваат интересни вести, а најпрво од Наполи кој размислува да ја раскине соработката со Гатузо, чиј договор истекува во јуни, а Де Лаурентис има неколку звучни имиња на листата.
Прв е Маурицио Сари кој минатата сезона го предводеше лутиот ривал Јувентус до титулата. Сари и понатаму е на платниот список на Јувентус, но наскоро веројатно ќе прифати некоја понуда. Втор е Рафа Бенитез, уште еден поранешен тренер на Наполи, кој е без ангажман откако се врати од Кина.
Што се однесува на Рома, и понатаму главна мета е Макс Алегри, но и тешко остварлива. Доколку римјаните го сакаат Алегри, ќе мораат да го „отворат ќесето“, бидејќи поранешниот тренер на Јувентус ќе биде втор најплатен по Антонио Конте.
Останува Фиорентина, која го сака токму Гатузо, но во игра е и Де Зерби кој го завршува својот циклус во Сасуоло.


Милан брзо одлучи, ќе го откупи Томори од Челзи

Факијо Томори во јануари пристигна во Милан како позајмен фудбалер од Челзи. После повредата на Кјаер, Томори дебитираше за Милан во дербито против Интер, а потоа беше стартер на следните два меча и одигра одлично. Синоќа одигра фантастичен натпревар против Рома и го истисна капитенот Ромањоли од тимот, па англискот репрезентативец ги воодушеви сите во Милан. Милан во договорот има опција да го откупи на лето за 28 милиони евра, а италијанските медиуми откриваат дека „росонерите“ се спремни да го задржат.


Фудбалот се враќа дома!

Британскиот премиер Борис Џонсон и понуди на Европската фудбалска унија УЕФА да таа земја организира повеќе натпревари од првично планираното на Европското првенство планирано за ова лето. ЕП требаше да се одржи минатото лето во 12 градови, но беше одложено на една година поради пандемијата на коронавирусот. Планирано е двата полуфинални натпревари и финалето да се одиграат на лондонски Вембли, а мерките ширум светот за сузбивање на пандемијата и натаму се на сила, што помеѓу другото влијае и на патувањето. Во изјава за Сан, Џонсон рече дека Велика Британија е подготвена да ја преземе организацијата на натпреварите, а како причина за оптимизам ја наведе масовната вакцинација. Како што пренесуваат медиумите, британската Влада ја поддржа заедничката кандидатура на Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска и Ирска за домаќин на Светското првенство 2030. година, а Џонсон рече дека е „вистинско време за фудбалот да се врати дома“. Во тек е изработка на студија за изводливост, а идната година ќе започне официјалниот процес на кандидатурата. Светското првенство во 2022. година ќе се одржи во Катар, а четири години подоцна домаќини на Мундијалот ќе бидат САД, Канада и Мексико.


Ѓоковиќ следната недела ќе го достигне историскиот рекорд на Федерер

Новак Ѓоковиќ го изедначи рекордот на Рожер Федерер по бројот на седмици на првото место на АТП рејтинг листата. Ѓоковиќ ја почнува 310-та недела на врвот, со што го достигна успехот на Федерер. На осми март следната недела, Ѓоковиќ ќе го надмине Федерер и ќе стане апсолутен рекордер по бројот на седмици поминати на врвот од АТП рејтингот. Српскиот тенисер прв пат во кариерата на првата позиција се најде на 4 јули 2011 година. Потоа, четири пати се враќаше на првото место, а шест пати ја завршил годината како најдобар тенисер. Како прв тенисер во светот Ѓоковиќ има скор од 387 победи и 53 порази, вклучувајќи 117 победи и 30 порази против ривали од ТОП 10. Во финалните натпревари од сите турнир има скор 39-13.


Харден со уште еден историски натпревар во НБА!

Џејмс Харден уште еднаш ја потврди неверојатната форма во која се наоѓа, одигра супер натпревар за Бруклин, неговиот тим запиша победа против Сан Антонио со 122-113, за „Брадата“ ова беше историски натпревар. На мечот со Сан Антонио, Харден постигна трипл-дабл, 30 поени, 15 асистенции и 14 скока, што е уште поважно, средбата ја заврши без ниту една загубена топка. НБА од сезоната 1977/78 води индивидуална статистика за секој натпревар, Харден е првиот кој запишал 30 поени, 15 асистенции и 14 скока и ниту една загубена топка на еден меч.


Рен остана без тренер, Стефан си поднесе оставка

Тренерот на француски Рен, Жулиан Стефан поднесе оставка. Рен моментално е деветти на табелата во Лига 1, а нема победа во последните 6 натпревари и е во серија од три последователни порази. Минатиот викенд, Рен загуби на домашен терен со 1:2 од Ница. Последната победа на тимот беше во јануари – 2:1 како гостин против Брест. Под водство на Жулиан Стефан, Рен се пласираше во Лигата на шампионите минатата сезона, а во 2019 година триумфираше во Купот на Франција. Стефан го презеде тимот во декември 2018 година.


Дракслер од ПСЖ се сели во Јувентус следното лето?

Јувентус ќе се обиде да го ангажира германскиот играч за врска од ПСЖ, Јулијан Дракслер, чиј договор со францускиот клуб истекува ова лето. Според информациите, Јувентус ќе го ангажира Дракслер само доколку фудбалерот е во добра физичката состојба. Германецот дојде во ПСЖ во 2017 година, а претходно играше за Волфсбург и Шалке 04. Оваа сезона, тој одигра само 15 натпревари во Лига 1, постигна три гола, со две асистенции. Во јануари за него беше заинтересиран Арсенал, но Дракслер не беше заинтересиран за заминување во Англија. Сега парижани го ставија Дракслер на трансфер листата поради финансиските потешкотии предизвикани од глобалната пандемија.


Лев ги враќа Милер, Хумелс и Боатенг во репрезентацијата

Селекторот на Германија, Јоаким Лев изјави дека е подготвен да размисли и да ги врати во репрезентацијата, дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Матс Хумелс и играчите на Баерн Минхен, Томас Милер и Жером Боатенг.
„Кога ќе почнете да менувате, не можете да напуштите се и да започнете комплетно да се движите во друга насока. Но, пандемијата трае скоро цела година, па сега е можно да се размисли за прекинување на овој процес доколку е потребно. Ако сметам дека има потреба од оние кои можат да додадат енергија, тогаш е можно враќање. Можам да ветам дека нема да исклучиме ништо и никого“, рече Лев.
Јоаким Лев престана да ги повикува Милер, Хумелс и Боатенг во репрезентацијата на Германија во 2019 година.