feature

Гедикли го продолжи договорот со Баер Леверкузен

Баер Леверкузен, потпиша договор со германскиот младински репрезентативец, Емрехан Гедикли.
Тоа е прв професионален договор за 18-годишниот напаѓач кој во тековнава сезона беше на клупата на Леверкузен на три натпревари во Лигата на Европа.
„Му должам многу на Баер. Сакам со добри игри да вратам за шансите што ми беа дадени. Имам голема страст кога играм за тимот. Сакам да се етаблирам во професионалниот фудбал”, изјави Гедикли.


Зоран Кастратовиќ нов тренер на Пролет

Ракометниот клуб Пролет потврди дека има промена на тренерската позиција. Нов шеф на стручниот штаб на клубот е Зоран Кастратовиќ, кој го наследи Никола Матлиески.
Пролет и Матлиески се разделија после четиригодишна соработка, а Кастратовиќ се врати по кратка пауза по заминувањето од Металург.
„Мило ми е што повторно ќе работам во квалитетен тим од македонскиот шампионат. Запознаен сум со квалитетите на Тинекс Пролет, верувам дека овој состав има потенцијал за да оствари добри резултати до крајот на сезонава. До крајот на сезонава имаме уште шест средби, а само со заедничка работа и максимална ангажираност можеме да стигнеме до она што сите го посакуваме – Тинекс Пролет да излезе во ракометна Европа. Благодарност до управата на клубот и верувам дека ќе ја оправдам нивната доверба“, рече Кастратовиќ.


Симеоне: Уште верувам дека можеме да ја освоиме титулата

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне и покрај синоќешниот пораз кај Атлетик Билбао, верува дека неговиот тим сепак може да стане шампион.
„Јорганџиите“ немаат победа на ниту едно од последните четири гостувања во Примера и ја потрошија предноста пред конкурентите Реал Мадрид и Барселона.
„Пред неколку дена ме прашаа кој ќе биде најважниот натпревар до крајот на сезоната. Убеден сум дека психологијата ќе биде од клучно значење. Емоционалната состојба е таа што ќе игра клучна улога во битката за грбот на главата. Обично во Шпанија шампион е или Реал Мадрид или Барселона, ако не ја сметаме 2014 година, кога станавме први. Оваа сезона имавме големо водство, но и тогаш знаевме дека Реал и Барса нема да се предадат. Севилја исто така се приближи. Сè се менува многу брзо. Не знаеме што нè чека. Ние продолжуваме да веруваме дека работите зависат од нас. Мораме да покажеме карактер“, рече Симеоне.


Дембеле и Барса преговараат за нов договор

Осман Дембеле сезонава конечно игра како што се очекува од него во дресот на Барселона, но очигледно наскоро би можел повторно да ги налути Каталонците.
Дембеле во Барселона стигна во 2017 година како замена за Нејмар и Барселона го плати неверојатни 140 милиони евра, но французинот во претходните сезони имаше проблеми со повреди и не ги оправда очекувањата.
Откако Роналд Куман стигна на тренерското столче, Дембеле ја врати формата и фати ритам, па поради тоа Барселона неколку пати му понуди нов договор, но не доби потврден одговор.
Каталонски „Спорт“ објави дека во каталонската екипа се сомневале дека Дембеле свесно го одбива договорот поради намера да ја напушти Барселона целосно бесплатно.


Ватфорд го враќа Ешли Јанг во Премиер лигата

Ватфорд во следниот преоден рок сака да го ангажира играчот на Интер од Милано, Ешли Јанг, чиј договор со оваа екипа истекува на лето. Ова го објави новинарот Никола Скира на својот профил на Твитер.
Интересно е тоа што Ешли Јанг потекнува од екипата на Ватфорд, а играше за првиот тим од 2003 до 2007 година. Во тековната сезона во Серија А, 35-годишниот Јанг играше за Интер на 23 натпревари, постигна три асистенции и заработи четири жолти картони. Англичанецот игра за италијанскиот клуб од 2020 година.
Ешли Јанг претходно во кариерата играше за Манчестер Јунајтед, Астон Вила и Ватфорд. Фудбалерот е дел од репрезентацијата на Англија од 2007 година. Неговата вредност се проценува на десет милиони евра.


Дел Пиеро кандидат за нов претседател на Јуве

Легендарниот фудбалер на Јувентус, Александро дел Пиеро, би можел да ја добие улогата на претседател и да го замени Андреа Ањели кој се најде на удар на јавноста по сите збиднувања околу Европската Суперлига.
Ањели нема намера да поднесе оставка во Јувентус, но, акционерите предводени од Џон Елкан би можеле да го отпуштат за време на состанокот на 27 мај.
Покрај Дел Пиеро кој работи како консултант за „ЕСПН“, за директорската позиција кај „старата дама“ се шпекулира и со името на легендарниот тренер, Марчело Липи.


„Светците“ треперат, Мбапе се повреди непосредно пред дуелот со Манчестер Сити

Килијан Мбапе вчера одигра добар натпревар и постигна два гола во победата на ПСЖ против Мец, меѓутоа пред крајот мораше да биде заменет поради повреда.
Покетино го замени Мбапе на пет минути до крајот и се надева дека не е ништо сериозно затоа што за два дена „светците“ ги чека натпревар против Манчестер Сити во полуфиналето од Лигата на шампионите.
„Мбапе доби удар во квадрицепсот и почувстувва болка. Беше заменет за да го заштитиме. Се надевам дека не станува збор за ништо сериозно“, изјави Покетино.


Баерн не се откажува, ќе го убедува Флик да остане во Минхен

Претседателот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге откри дека управата на клубот ќе седне на разговори со тренерот Ханзи Флик. Клубот се надева дека тренерот кој минатата сезона го водеше тимот до сите можни трофеи ќе остане на клупата на нивниот тим.
Минатата недела Флик објави дека сака да го напушти Баерн Минхен. Една од причините е неговата желба да ја преземе германската репрезентација по Европското првенство, кога Јоаким Лев ќе поднесе оставка. Другата причина е поврзана со неговите затегнати односи со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.
„Се согласивме да седнеме на разговори по натпреварот со Мајнц. Ако ја задоволиме желбата на Ханзи, сите страни мора да работат заедно за да најдат решение од кое Баерн ќе биде задоволен”, изјави Румениге за венсикот „Билд“.


Брандт пред портите на „Емирати“, ако Арсенал не го откупи Одегард

Арсенал ќе го обнови интересот за германскиот репрезентативец Јулијан Бранд. Една од причините за оваа акција е што Мартин Одегард ќе биде прескап по завршувањето на договорот за закуп од Реал Мадрид. „Топчиите“ сакаат трајно да го ангажираат Норвежанецот, но цената што ја бараат „кралевите“ е превисока од онаа што ја нудат лондончани. Според Билд, цената за Јулијан Бранд е поприфатлива за Арсенал и се очекува преговорите меѓу раководството на англискиот клуб и Борусија Дортмунд да започнат во следните неколку недели.


Тајкун од Шведска го купува Арсенал?

Вчера навивачите на Арсенал протестираа пред „Емирати“ брајќи сопственикот Стен Кронке да си замине од клубот. Навивачите не се задоволни од тоа како тој го води клубот, а се кулминираше со неговиот обид да се приклучи кон Суперлигата. Протестите беа масовни, се собраа голем број навивачи кои бараа промена на раководството. Набрзо потоа се јави и човек кој има можност и кој е заинтересиран да го купи Арсенал. Шведскиот милијардер Даниел Ек јавно испрати понуда. „Како дете го поддржував Арсенал откако се сеќавам за себе. Ако КСЕ (групацијата која го поседува клубот) сака да го продаде, јас би сакал да го купам“, пиша Ек на Твитер. Швеѓанецот инаку е сопственик на популарниот музички стриминг- сервис „Спотифај“, неговото лично богатство се проценува на 4.7 милијарди долари.