feature

Елмас: Ништо не е загубено, ни следи Украина и веќе мислиме на тој дуел

Елиф Елмас беше еден од фудбалерите кои зборуваше по вчерашниот пораз од Австрија со 3-1, во кој мора да се каже дека навистина не разочаравме. Сепак, на крајот Австријците го добија натпреварот.

„Одигравме добар натпревар, видовме како е да се игра на едно ЕП. Лекција за сите нас и ќе напоменам дека ништо не е загубено. Со добри резултати во следните два натпревари мислам дека ќе ја обезбедиме толку посакуваната втора фаза. Ќе го оставиме овој натпревар за нас и ќе го анализираме следниот противник“, изјави Елмас.

Следниот натпревар Македонија го игра во четврток против Украина.


Чави: Немав никакви контакти со Барселона

Легендарниот фудбалер на Барселона, Чави, вели дека не добил понуда од Лапорта да седне на кормилото на Каталонците и дека мора да се испочитува Куман кој останува на тренерското столче.

„Јас сум на трансфер пазарот и отворен сум. Станав тренер пред две години и имам одличен однос со Лапорта. Тој носи одлуки а јас немав можност да разговарам со него. Тој се одлучи да остане со Куман, мислам дека е тоа најдобро за клубот“, потенцираше Чави.

Во моментов нема информации дали Чави ќе се врати на Истокот или ќе пронајде клуб во Европа.



Варан интересен за два англиски гиганти

Реал Мадрид нема ништо против да се радели со Рафаел Варан ова лето, пренесува „Марка“.

Варан на лето влегува во последната година од договорот, а преговорите за продолжување на соработката не одат во добра насока.

„Кралевите“ сакаат да ја избегнат ситуацијата како со Рамос и да го загубат дефанзивецот без обештетување, па се спремни да го пуштат ова лето. За него силен интерес покажува Манчестер Јунајтед, но сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Челзи.

„Кралевите“ за неговата слобода бараат 70 милиони евра, а двата англиски гиганти наводно се спремни да ја платат оваа сума.



Данците објавија во каква здравствена состојба се наоѓа Ериксен

Кристијан Ериксен вчера ги шокираше сите откако колабираше на мечот меѓу Данска и Финска, по што заврши во болница од каде што не се откриваа многу информации, но сега пристигна официјално соопштение од Данците.

Фудбалскиот сојуз на Данска утрово преку социјалните мрежи објави информации за здравствената состојба на данскиот репрезентативец.

„Утрово разговаравме со Кристијан Ериксен, кој испрати порака со благодарност до своите соиграчи. Неговата состојба е стабилна и тој мора да остане во болница додека не завршат останатите прегледи. Екипата и стручниот штаб беа во шок по вчерашните случувања, но продолжуваат да бидат еден до друг. Благодарност до сите за поддршката за Ериксен. Ќе се потрудиме сите овие пораки да стигнат до фудбалерот и неговото семејство“, соопштија Данците.



Навала на македонски фанови во Букурешт, полни и мобилните ковид центри за тестирање

Ковид мобилните центри во Букурешт се преполни со македонски навивачи тестирањето е задолжително за да се добие алка со која добивате право на влез на стадионот, секако мора да имате и билет.

Македонските навивачи ги преполнија центрите кои се официјални за оваа намена. Македонија ќе има поддршка од околу 3500 навивачи вечерва во Букурешт, дел од републиката дел од дијаспората.



Дешамп свесен за фаворитската улога на Франција

Селекторот на Франција, Дидие Дешамп, се обидува да ја елиминира фаворитската улога за освојување на ЕП откако повеќето прогнози ги извадија „галските петли„ како главни конкуренти за победничкиот пехар.

„Ние сме светски шампиони.  Свесен сум, како и играчите, за нашите добри страни. Имаме квалитет, талент, играчи на високо ниво, но, ќе се соочиме со силни тимови. Во Франција, многу луѓе мислат дека треба само да излеземе на теренот и да победиме. Тоа делува многу лошо врз фудбалерите. Сега не треба да размислуваме за финалето на „Вембли“ туку воведните мечеви во Минхен и во Будимпешта“, вели селекторот на Франција.



Модриќ: Многу ги цениме квалитетите на Англија

Лука Модриќ ја прогласи Англија за еден од најголемите фаворити на Европското првенство.

Англија и Хрватска се соочуваат на „Вембли“ на првиот натпревар за двата тима на Евро 2020 и во еден вид реванш натпревар на полуфиналето на Светското првенство во Русија пред 3 години, кое Хрватите го добија.

„Ги ценам квалитетите на тимот од Англија”, рече играчот за врска на Реал Мадрид. „За мене, тие се едни од фаворитите на турнирот. Покрај тоа, Англичаните ќе бидат домаќини на скоро целиот турнир дома. Имаат добар тренер кој знае да комуницира со тимот, но тоа не значи дека нема да се обидеме да ги победиме, покажавме во минатото дека сме способни и знаеме како да ја победиме Англија, се надевам дека во недела ќе го направиме тоа повторно“ рече Модриќ.



Имобиле: Победа и гол на мојот „Олимпико“ – не можеше подобро

Италијанската фудбалска репрезентација запиша триумф на стартот од Европското првенство, победувајќи ја Турција со 3-0, на Олимпискиот стадион во Рим. Турција повеќе од 50-тина минути оддолеваше на „Олимпико“, но „азурите“ најдоа начин да го скршат нивниот отпор и да забележат убедлив триумф.

Покажавме големо трпение. Турција има одличен тим. На многу репрезентации им направија проблеми во квалификациите. Пробавме да ги умориме во првиот дел, кога ја ширевме играта и напаѓавме од сите страни. Во вториот дел со мала доза на среќа поведевме, а потоа се беше многу полесно. Мораше Турција да се отвори, а квалитетот наш дојде до израз и стигна до победата со нови два погодоци“, изјави стрелецот на еден од головите Чиро Имобиле.



Ангеловски и Пандев убедени во добра презентација: Ни одговара улогата на аутсајдер

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев на официланата прес конференција говореа за дебито на Македонија на Европското првенство и натпреварот против Австрија.

Игор Ангеловски – селектор на македонската репрезентација

Обземени сме со силни емоции. Треба да се гордееме, но веруваме дека можеме уште повеќе. Кога пред шест години отидов кај Горан Пандев во Џенова започна оваа приказна. 

Можеби сме аутсајдери на првенството, но не ни пречи таа улога. Напротив, дополнително носи мотив кај сите нас. Одработивме добри подготовки и сите фудбалери со нетрпение ја очекуваат средбата со Австријците.

Горан Пандев – капитен на Македонија

Точно е дека работат емоциите, точно е дека сите во Македонија, фудбалерите, навивачи, медиуми, јавност го очекувавме овој момент. И, верувајте сега сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека сите погледи во Македонија се насочени кон нас.  Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим затоа што не чекаат успешни денови. И ми се чини дека тоа беше главно на патот до остварувањето на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме и овој предизвик. Желбата е секако да го демонстрираме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме со само три меча на шампионатот.

Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чекат тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството.

Македонија дебитира на Европските првенства, дуелот со Австрија денес од 18 часот, ќе покаже колку и како може нашата репрезентација, веруваме во успех.



Тајсон се враќа во рингот во септември

Тренерот на Мајк Тајсон, Рафаел Кордеиро зборуваше за времето на можно враќање на боксерот во рингот.

„Продолжуваме со тренинзи. Тој е спортист и секогаш вежба, работи на нозе во фитнес центар. Мислам дека ќе имаме нешто во септември. Не знам кои ќе бидат ривали, бидејќи неговата компанија „Legends Only League“ работи на тоа. Таа преговара за договор со ТВ – само тие можат да го објават распоредот, а ние тренираме. Ќе се бориме во септември“, рече Кордеиро.

Во ноември 2020 година, Тајсон имаше дуел со Рој Џонс јуниор.