feature

Кубанецот Реиние Табоада од Данкерк е ново засилување за Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер го претстави третото засилување за сезоната 2021/22. Нов член на битолскиот суперлигаш е кубанскиот репрезентативец Реиние Табоада Дранкет, кој доаѓа од францускиот Данкерк. Табоада се обрвза на договор на една сезона со опција за уште една и по завршувањето на сезоната во Франција се очекува негово доаѓање во Битола и официјална презентација. 23-годишниот Табоада роден е на втори јуни 1997 година, висок е 192 сантиметри и тежок 89 килограми и може подеднакво добро да игра како среден и како лев бек. Неговите настапи не останаа незабележани од пошироката јавност, бидејќи беше прогласен за најдобар млад ракометар во Португалија, а во последните две сезони е номиниран за најдобар млад ракометар во францускиот шампионат. Сезонава во француското првенство Табоада одигра 24 натпревари и постигна 68 гола (2,83 гола по натпревар), а во целата своја кариера во Франција бележи 66 натпревари и 164 гола (2,48 гола по натпревар). Пред да дојде во Франција, Табоада настапуваше во португалската екипа Аванка, каде постигна 239 гола на 69 натпревари. Табоада важи за еден од најдобрите кубански ракометари, има голем простор за напредок и во Битола доаѓа како важен елемент во тимот на Жељко Бабиќ за наредната сезона. Пред овој потпис, на Еурофарм Пелистер за следната сезона му пристапија Марко Кизиќ и Немања Обрадовиќ.


Виеира најсериозен кандидат за тренер на Лион

Патрик Виеира е главниот кандидат за нов тренер на фудбалскиот состав Лион, пренесуваат дел од медиумите во Франција. Други кандидати за таа позиција се: Кристоф Галтиер од Лил, Роберто Де Зерби од Сасуоло и Марсело Гаљардо од Ривер Плата. Договорот на сегашниот тренер на „лавовите“, Руди Гарсија, ќе истече во текот на летото и нема да му биде обновен. Лион е трет на табелата во Лига 1 и на две кола пред крајот заостанува 6 бодови во однос на лидерот Лил. Виеира кој е светскиот шампион со Франција од 1998 година, последен пат седеше на кормилото на Ница во Лига 1, но, беше ослободен од обврските во декември во изминатата година.


Фабиан Руиз меѓу Атлетико и Јувентус

Атлетико Мадрид и Јувентус се силно заинтересиран за играчот за врска на Наполи, Фабиан Руиз. 25-годишниот Шпанец пристигна во Наполи од Бетис и веднаш се промовираше во клучен играч во тимот, па заработи и место во шпанската репрезентација. Поради финансиски проблеми Наполи на лето е спремен да ги разгледа понудите за Фабиан Руиз, а најсилен интерес покажуваат Јувентус и Атлетико Мадрид. Симеоне смета дека Шпанецот ќе биде идеално засилување за средниот ред и е спремен за неговиот потпис да понуди 50 милиони евра.


Таеквондистот Георгиевски се избори за олимписка виза

Дејан Георгиевски ќе биде дел од претстојните Олимписки Игри во Токио во текот на летото откако успеа да се избори за норма на квалификацискиот турнирво таеквондо кој се реализираше во Софија во соседна Бугарија.
Тој во финалето во категоријата над 87 килограми успеа да слави над олимпискиот шампион Радик Исаев од Азербејџан и да си обезбеди место на финалниот собир. Место на Летните Олимписки Игри претходно обезбеди и борачот Могамедгаџи Нуров а реални шанси тоа да го направи има и каратистот Емил Павлов.
Георгиевски во двете денешни борби победи со апсолутна доминација против Динко Сегедин а потоа и против олимпискиот првак Исаев.


Санчо се враќа во Англија, два клуба како опции

Џејдон Санчо е се поблиску до враќање во Премиерлигата, а репрезентативецот на Англија не ја крие желбата дека е можно враќање „дома“.
Според информациите, два клуба се во игра за неговиот потпис, цената на која инсистира Борусија Дортмунд полека се намалува, од 105 милиони фунти, веќе на двоцифрена бројка од околу 80 милиони, а на ова реагираа два клуба, Ливерпул и Манчестер Јунајтед.
Досега евентуалниот трансфер на Санчо во Англија стана вистинска „сапуница“, но сега работите стануваат сериозни.


Кејн одлучи, летово ќе бара трансфер!

Хари Кејн побарал од сопственикот на Тотенхем Даниел Леви да ги разгледа понудите кои доаѓаат за негов трансфер ова лето.
Напаѓачот на Тотенхем не е задоволен од резултатите на екипата. По поразот од Лидс, Лигата на шампионите е речиси невозможна мисија, а тој сака следната сезона да игра во елитата на УЕФА.
Кејн бара трансфер под нормални околности, Јунајтед има понуда на 90 милиони фунти, тој веќе нема трпение.
Англиските медиуми пишуваат дека 27-годишниот напаѓач бара да бидат разгледани сите опции, а сугерираат дека Кејн е најблиску до трансфер во Јунајтед.


Мурињо го сака Белоти во нападот на Рома

Жозе Мурињо веќе го избра играчот што го посакува за нападот на тимот од новата сезона, кога и официјално ќе ја превземе работата на клупата на римската „волчица“. Според „Кориере дело Спорт“, Мурињо сака во својот состав да го има напаѓачот на Торино, Андреа Белоти. Во Белоти тој гледа совршен човек за нападот на Рома, а како менаџер на Тотенхем веќе се обиде да го привлече во Лондон. Договорот на Белоти со Торино истекува во јуни 2022 година и иако има клаузула за ослободување од 100 милиони евра, таа важи само за потенцијалните купувачи надвор од Италија, а неговата цена е далеку под таа вредност и трансфермаркт во моментов ја проценува на 40 милиони евра. Оваа сезона, 27-годишниот напаѓач има 12 голови и 7 асистенции на 31 натпревар во Серија А.


КК Ангели се нови суперлигаши

Екипата на Ангели ќе игра во финалето на плеј-офот за пополнување на двете места во Првата лига-мажи за наредната натпреварувачка сезона 2021/2022.
По триумфот од (65:62) на свој терен, против екипата на Чаир 2030, ја затворија полуфиналната серија со максимални 2-0, доволно да го обезбедат статусот на прволигаши.
Иако имаа постојана резултатска предност, кошаркарите на Ангели дозволија гостите од Чаир да стигнат до егал резултат, а последните мигови да го одлучат победникот на средбата.
Кој ќе им биде противник во финалето, кое ќе има ревијален карактер, ќе биде познато по одигрувањето на третиот дуел во серијата помеѓу екипите на Партизан Водно Санс и Феникс 2010.
Кошаркарите на Партизан Водно Санс се издигнаа по дебаклот во првиот меч од серијата, и на осум секунди пред крајот стигнаа до водството (73:72), кое го одбранија, и на тој начин изедначија во серијата на (1-1), која сега се сели одново на теренот на Феникс 2010, каде ќе се игра т.н. „мајсторка“.


Баскет КАМ го освои првиот трофеј во историјата

Екипата на Баскет КАМ 2011 е новиот освојувач на Купот кој од оваа година го носи името на нашата кошаркарска легенда „Благоја Георгиевски Буштур“.
Во финалниот натпревар одигра во СРЦ „Кале“, беа многу подобра екипа од Бадел 1862. Од првата до последната минута од финалните 40, екипата од Македонска Каменица потврди дека со право важеше за фаворит и на овој финален турнир во Скопје.
Една од предводничките на составот од Македонска Каменица на овој турнир беше Анџелика Митрашиновиќ. Капитенот на нашиот женски сениорски национален тим финалето го заврши со 22 реализирани поени, 12 скока и 8 асистенции. И недостасуваа само уште две додавања да дојде до троен ефект, што е ретко виден момент на финалните средби од ова натпреврување.
Искусната репрезентативка по освојувањето на првиот пехар во историјата на Баскет КАМ и најави голема борба за двојна круна.
„Презадоволна сум од исходот во завршницата од Купот, ја очекувавме оваа победа. Сакам да се заблагодарам на КФСМ што воопшто го организираше овој турнир, со оглед на пандемијата со корона вирусот, но и да им честитам на моите соиграчи за добрата игра. Се надевам на уште повозбудливо финале во плеј-офот и на уште еден триумф. Оваа сезона многу се засили македонската кошарка, пред се со странски играчи и тоа е добро за сите. Мене ми заврши со сезоната со Будуќност, па дојдов тука да му помогнам на Баскет Кам во остварувањето на своите амбиции. Се надевам на двојна титула“ – не го криеше Митрашиновиќ задоволството од прикажаното на паркетот.


ФФМ го промовираше официјалниот спот за „Одиме на Европско!“

Фудбалската федерација на Македонија го објави официјалниот спот на навивачката химна „Одиме на Европско“ која е во изведба на групата ВИС Рисови.
Официјално, промовиран е видео запис за навивачката химна посветена на македонската фудбалска репрезентација за претстојното Европско првенство во фудбал што ќе се одржи во текот на летото.
Македонската фудбалска репрезентација годинава за прв пат ќе настапи на едно големо натпреварување.