feature

Дарио го собори националниот рекорд на 10.000 метри

Нашиот најдобар атлетичар, Дарио Ивановски, повторно испиша историја! Денеска во рамките на атлетските натпревари од Купот на Македонија на Националната арена во скопје, Ивановски испиша нова златна страница во македонската атлетика – поставувајќи нов национален рекорд на 10.000 метри со феноменално време од 29:07.94 минути.

Со неверојатна леснотија, сигурен чекор и шампионски дух, Дарио буквално леташе по патеката – пишувајќи нови стандарди за македонската атлетика.

Втрото место му припадна на Димитар Илиев, додека трет на подиумот се најде уште еден наш успешен натпреварувач на долги патеки, Жан Тосев.


Дејан Гоергиевски златен на турнирот во Скопје

Нашиот таеквондист, Дејан Георгиевски, успеа да дојде до златниот медал на силниот меѓународен Г1 турнир кој се реализира во Скопје.

Тој до највисокото место на пиедесталот дојде со четири победи и тоа против Абдула Ал Магди од Австрија, Иван Шапина и Пашко Вожиќ од од Хрватска и Илиа Рудерман од Израел.

Георгиевски со постигнатиот триумф дојде до нови бодови за олимписка виза.


Меси стрелец во првиот меч на новиот стадион и пред сопствената трибина

Фудбалерите на Интер Мајами и Остин одиграа возбудлив натпревар кој заврши без победник 2-2 во шестото коло од МЛС лигата

Овој дуел ќе остане запаметен и по тоа што беше прв одигран на новиот стадион „Ну стадион“, но домашниот тим не успеа да ја одбележи премиерата со триумф.

Првиот гол за Интер Мајами на новиот стадион беше дело на Лионел Меси, кој израмни со погодок со глава за 1-1. На крајот домашните и вторпат бркаа негатива, а Луис Суарез донесе бод.


Манчини ќе ја замени Рома со Интер

Интер покрај борбата за титулата во Серија А веќе ги крои плановите за летниот преоден рок, а во фокусот е засилување во одбраната.

Според информациите од „Calciomercato“, „нероазурите“ сериозно ја разгледуваат можноста за ангажман на Џанлука Манчини од Рома. Новиот тренер Кристијан Киву е голем фан на дефанзивецот и побарал од раководството да го донесе италијанскиот репрезентативец во Милано.

Договорот на Манчини со римскиот клуб истекува на крајот од следната сезона, а Интер сака да го искористи како поволна околност за трансфер.

Иако Рома работи на продолжување на соработката, понуда од Интер би можела да ја промени ситуацијата. Како дел од евентуалниот договор се споменува и Давиде Фратези, кој не добива доволна минутажа на „Џузепе Меаца“ и е отворен за нов предизвик.


Горецка: Останав затоа што можеме да ги освоиме сите трофеи

Фудбалерот на Баерн Минхен, Леон Горецка, објасни зошто одлучил да остане до крајот на сезоната иако беше поврзуван со клубови од Премиер лигата, Ла Лига и Серија А.

„Во јануари донесов свесна одлука да останам тука до летото. Чувствувам дека сè е навистина можно оваа сезона. Вистинските играчи се на вистинската позиција, со вистинскиот тренер, во вистинскиот клуб.

Верувам дека можеме да освоиме сè оваа сезона – иако знам колку е тешко. Но, ќе се обидеме“, рече Горецка.


Малдини: Поразот во Зеница е дебакл за италијанскиот фудбал

Легендата на италијанскиот фудбал, Паоло Малдини, се осврна на елиминацијата на „аѕурите“ во баражот за пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.

„Пропуштањето на едно Светско првенство е предупредување, пропуштањето на две е криза, но три по ред… тоа е целосен неуспех.

Во мое време, духот беше сè. Дисциплина, жртва и почит кон дресот, сега не го гледам тоа во Италија“, беа зборовите на Малдини.


Ѓоковиќ најави настап на Мастерсот во Мадрид

По настапот во Австралија Опен, српскиот тенисер продолжи со турнирот во Индијан Велс, каде беше елиминиран во осминафиналето.

Поради повреда на рамото, Ѓоковиќ беше принуден да го пропушти турнирот во Мајами, а според последните информации, нема да настапи ниту на мастерсот во Монте Карло, кој традиционално го означува почетокот на сезоната на земјена подлога.

Сепак, позитивни вести пристигнуваат од Мадрид, каде директорот на турнирот Фелисијано Лопез најави можна појава на српскиот ас.

Според неговите зборови, постојат реални шанси Ѓоковиќ да настапи на мастерсот кој ќе се одржи од 20 април до 3 мај, доколку неговата здравствена состојба дозволи.


Порзингис останува во Голден Стејт

Летонскиот кошарлар во моментов настапува за Голден Стејт каде следната сезона сè уште не е целосно дефиниран.

Поради ситуацијата со договорот, постои можност Порзингис да ја промени средината, особено ако не дојде до договор за продолжување на соработката.

Од друга страна, Вориорс се задоволни од неговите настапи и не ја исклучуваат опцијата да го задржат како важен дел од тимот.

Покрај тоа, интересот од други НБА франшизи дополнително ја комплицира ситуацијата, па летниот период би можел да донесе повеќе понуди и нови сценарија за неговата кариера.

Во овој момент, најреалното сценарио е Порзингис да остане во Голден Стејт, но за него постои голем интерес од повеќе клубови, како Орландо, Чикаго, Портланд и Сакраменто.


Миовски стрелец во победата на Ренџерс против Данди Јунајтед

Македонскиот интернационалец Бојан Миовски на одличен начин се врати во клупските обврски, откако се запиша во листата на стрелци во дресот на Глазгов Ренџерс.

Напаѓачот доби шанса во финишот од натпреварот против Данди Јунајтед и не ја пропушти. Во 85. минута со сигурна реализација стави печат на победата од 4-2, практично решавајќи го прашањето околу победникот.

Ова за Миовски е петти гол во актуелната сезона во шкотското првенство, со што македонскиот репрезентативец продолжува да има важна улога и забележителен придонес во составот на „полицајците“.


Нејмар ризикува да го скокне Мундијалот заради суспензија

Најмар стана повторно центар на контроверзии кои би можеле да влијаат на неговата кариера како репрезентативец.

Познатиот играч се соочува со можноста за подолготрајна суспензија поради критики насочени кон судијата Савио Переира Сампајо, изразени по натпреварот во бразилската лига меѓу клубовите Сантос и Ремо. Иако Сантос извојува победа со 2-0, за Најмар немаше атмосфера за радување.

Со трет жолт картон во само четири меча, ќе мора принудно да го пропушти следниот дуел со Фламенго. По финалниот свиреж на судијата, Најмар јавно ги изрази своите критики пред камери.

„Секогаш е истата приказна… Има неправда. Ме соборија од грб и ништо не беше досудено. Му пријдов само да му пренесам забелешка и реков: ‘Дали си полуден?’ Но тој ме игнорираше. Мислам дека станал на погрешната нога и така излегол на теренот“, изјави Најмар.

Коментарите предизвикаа негативни реакции во спортските кругови, а од Дисциплинската комисија на Бразилската фудбалска конфедерација се размислува за 12-натпреварска суспензија. Она што го изложува Најмар на уште поголем ризик е што и во минатото бил вклучен во слични инциденти.

Федерацијата ја базира својата одлука на преседанот кога дефанзивецот на Ред Бул Брагантино, Густаво Маркес, доби суспензија од 12 натпревари поради изјави што биле оценети како дискриминаторски кон судиите. Набљудувачите сметаат дека Најмар може да се соочи со иста судбина, особено со оглед на тоа што неговите изрази кон судијата Сампајо биле квалификувани како „навредливи и несоодветни“.

Инцидентот доаѓа во чувствителен период за 34-годишниот Најмар, кој се обидува да се врати во форма по три години исполнети со чести повреди и пад во играта.