feature

Тите е нов тренер на бразилски Крузеиро

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Бразил, 64-годишниот Тите најде нов тренерски ангажман по малку повеќе од една година отсуство, седнувајќи на клупата на Крузеиро, кој оваа сезона ја заврши на третото место во бразилското првенство. Тите беше без ангажман од септември 2024 година, кога Фламенго му врачи отказ.

На клупата на Крузеиро доаѓа на местото на Португалецот Леонардо Жардим. Тите беше на чело на бразилската репрезентација од 2016 до 2022 година, а ја предводеше до титулата јужноамерикански шампион во 2019 година.

Сепак, на мундијалските турнири во 2018 и 2022 година, тој не ги оправда очекувањата, откако два пати Бразил беше запрен во четвртфиналето.


Убедлив пораз на МЗТ Скопје во Златибор

Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа вториот пораз во петтиот натпревар од новата сезона во АБА 2 лига. Македонскиот шампион доживеа убедлив пораз на гостувањето кај Златибор Чајетина, кој славеше со 102-74, откако целосно ја презеде контролата во второто полувреме.

МЗТ одигра одлично прво полувреме и беше рамноправен ривал на фаворизираниот домаќин. „Металците“ минимално ја загубија првата четвртина со 29-28, а во вториот период прикажаа уште подобра игра и во најголем дел имаа резултатска предност.

Сепак, во завршницата од првото полувреме Златибор успеа да направи пресврт и на пауза замина со водство од 54-49.

Во вториот дел од натпреварот домашниот тим целосно го смени текот на играта.


Обрадовиќ: Нема да работам во ниту еден клуб до јуни 2026 година

Првпат откако ја напушти клупата на Партизан, Жељко Обрадовиќ проговори за својата иднина. Во емисијата „Game Changers“ на националната грчка телевизија ЕРТ, Жељко Обрадовиќ откри дека не ја завршил тренерската кариера, но дека нема да разгледува никакви понуди до крајот на јуни.

„Во моментов не размислувам за ништо друго, освен за моето семејство. Нема да работам за ниту еден клуб до крајот на јуни. Во овој период немам намера да разгледувам никаков предлог за соработка, без разлика од каде доаѓа“; рече Обрадовиќ.

Да потсетиме дека кон крајот на ноември, популарниот Жоц поднесе оставка од функцијата главен тренер на Партизан, а на почетокот од овој месец, во опширно јавно обраќање, ја образложи својата одлука.


Шпанецот Пастор од следната сезона доаѓа во Бундеслигата

Шпанскиот ракометен тренер Хуан Карлос Пастор ќе седне на клупата на германскиот прволигаш Хановер.

Бундеслигашот ќе се збогува со Кристијан Прокоп, поранешниот селектор на германската репрезентација, на крајот од сезоната, и ќе го пречекува искусниот Шпанец, освојувач на златен медал со репрезентацијата на својата земја на Светското првенство во Тунис во 2005 година и поранешен тренер на Ваљадолид и ПИК Сегед (2013-2023).

Неговиот последен ангажман беше како селектор на египетската репрезентација. Договорот на Хановер и Пастор е потпишан за две сезони, до јуни 2028 година.


Бастони најави верност, останува во Интер уште долги години

ROME, ITALY – AUGUST 26: Alessandro Bastoni of FC Internazionale look on during the Serie A match between SS Lazio and FC Internazionale at Stadio Olimpico on August 26, 2022 in Rome, Italy. (Photo by Danilo Di Giovanni/Getty Images)

Дефанзивецот на Интер, Алесандро Бастони, инсистираше дека неговиот тим сè уште има победнички дух иако во претходната сезона не успеа да освои ниту еден трофеј.

„Многу сум самокритичен, но оваа сезона досега беше добра и резултатите го покажуваат тоа. Не обрнуваме многу внимание на критиките за нашите перформанси во големите натпревари“, рече играчот на „нероаѕурите“.

„Не беше лесно да се рестартираме по изминатата сезона, но тренерот многу ни помогна да ја вратиме самодовербата и желбата за борба. Среќен сум тука и веројатно ќе останам во Интер“ – потенцираше Бастони.


Коби Мејно сигурно заминува од Манчестер Јунајтед зимава

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Коби Мајно, е трансферна желба на Вест Хем и на Евертон кои сакаат да го ангажираат на позајмица до крајот на сезоната.

20-годишникот во сезонава одигра само 11 натпревари во Премиер лигата и тоа на сите влезе од клупата.

„Карамелите“ и „Чеканите“ се подготвени да го привлечат Мајно кој исто така сака да си замине бидејќи ја нема посакуваната минутажа.


„Финалисима“ има термин и домаќин: Аргентина – Шпанија на 27 март во Доха

Шпанија и Аргентина, како актуелни шампиони на Европа и Јужна Америка, ќе се соочат на 27 март идната година во Катар во второто издание на „Финалисима“, објави денеска Европската фудбалска федерација (УЕФА).

Во 2021 година, УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) одлучија да го обноват соочувањето меѓу шампионите на двата континента, а една година подоцна се одржа првата „Финалисима“ на Вембли во Лондон, во која Аргентина ја победи Италија со 3-0.

Второто издание ќе се игра на стадионот Лусаил, на 20 километри од Доха, кој беше домаќин на финалето на Светското првенство во 2022 година во кое Аргентина ја освои својата трета светска титула, совладувајќи ја Франција со 4-2 на пенали (по продолженијата беше 3-3).

Дуелот во Доха ќе биде 15 меѓусебен дуел на Аргентина и Шпанија, а двете репрезентации досега имаат по шест победи. Последен пат се соочија во март 2018 година во пријателски натпревар во Мадрид, кога Шпанија победи со 6-1.


Шкендија и со пораз се пласира во плеј-офот на Конференциската лига

Шампионот на Македонија, Шкендија, избори пласман во плејофот, во Конференциската лига. Вечерва Шкендија, доживеа минимален пораз во Ларнака, од АЕК (1-0), но некои од резултатите на останатите дуели беа во полза на екипата од Тетово, па на табелата го освои 22-то место.

Шкендија одигра добро прво полувреме во Ларнака, во кое во финишот, по интервенцијата од ВАР собата, му беше поништен гол на АЕК. Проблемите за Шкендија започнаа во 50-та минута кога Латифи доби директен црвен картон.

Со играч помалку, одбраната на Шкендија капитулираше во 82-та минута, кога единствениот гол го постигна Ангиелски.

Шкендија првата фаза ја заврпи со две победи, три порази и еден нерешен дуел и гол разлика 4-5.

Токму поради гол разликата зад Шкендија, со ист број на бодови Зрињски, Сигма Оломуц, Универзитатеа Крајова и Линколн.


Педесетта победа на Одермат во Светскиот Куп

Швајцарецот Марко Одермат ја забележа својата 50.победа во кариерата во Светскиот куп во алпско скијање, триумфирајќи денеска во првата од двете спуст трки во италијанскиот зимски центар Вал Гардена.

Одермат, кој победи во првиот спуст во новата сезона во Бивер Крик претходно овој месец, ја мина скратената патека Саслонг за една минута и 24,48 секунди, што беше за 15. стотинки побрзо од сонародникот Фрањо фон Алмен (1:24,63). Третото место го освои италијанскиот скијач Доминик Парис, заостанувајќи 19. стотинки зад Одермат.

Стартот на трката беше одложен за повеќе од еден час поради слаба видливост во горниот дел од патеката.

Одермат е само петтиот скијач во историјата на Светскиот куп во машка конкуренција кој дојде до бројката од 50. победи, придружувајќи им се на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (86), австриските легенди Марсел Хиршер (67) и Херман Мајер (54) и Италијанецот Алберто Томба (50).

Одермат сега води во генералниот пласман на Светскиот куп со 605 бодови, пред Норвежанецот Хенрик Кристоферсен (302) и неговиот сонародник Тимон Хауген (281). Одермат е лидер и во поредокот во спуст со 200 бодови, пред Фон Алмен (130) и Парис (100)


Удока парично казнет за јавно критикување на судиите

Тренерот на Хјустон рокетс, Имеи Удока, е казнет со 25.000 долари за јавно критикување на судењето во нивниот натпревар со Денвер (125:128 по продолжение), објави НБА-лигата.

На прес-конференцијата по натпреварот одигран во вторникот, 48-годишниот тренер изјави дека квалитетот на судењето на натпреварот бил многу лош.

-Двајца (судии) не требаше ни да бидат на теренот, а главниот судија се однесуваше како да има треска од славни личности, па видовме сосема неконзистентни одлуки. Сигурен сум дека требаше да имаме уште неколку технички фаули, рече Удока по натпреварот.

Според „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на извештај од НБА, во продолжението биле направени три грешки, сите во корист на Денвер.

Хјустон е петти на табелата во Западната конференција со резултат од 16 победи и седум порази.