feature

Хајдари позитивен на ковид-19, Канатларовски без битен фудбалер во квалификациите

Селекторот до 21 година Драган Канатларовски нема да смета на еден од планираните младински репрезентативци на стартот од септемвриските квалификации.

Адриан Хајдари, дефанзивецот на Рапид Виена добил позитивен тест на Ковид-19 и ќе мора да оди во изолација.

Во овие моменти не е познато дали тој ќе може да и помогне на Македонија во претсојните два натпревари. Македонија прво игра со Франција на 2 септември, па со Србија на 7 септември.

Ќе потсетиме, во А селекцијата поради позитивен на коронавирус под знак прашалник е Бобан Николов.


Суперкомпјутер одреди кој ќе ја освои Премиер лигата

Првите две кола во Премиер лигата се веќе зад нас, а англиските медиуми повторно го активираа суперкомпјутерот, чија задача е да го прогнозира расплетот на целата сезона и местата кои ќе ги освојат екипите.

Според суперкомпјутерот, Манчестер Сити ќе ја одбрани титулата, а донекаде очекувано, во Топ 4 ќе се најдат и Челси, Ливерпул и Манчестер Јунајтед.

Тотенхем ќе мора да се задоволи со петтата позиција, додека алгоритамот на суперкомпјутерот пресмета дека Аренал ќе заврши на осмото место и ќе остане без европски пласман.

Најавената табела го промовира Брајтон како најпозитивно изненадување и екипа која ќе ја заврши сезоната на седмото место.

Трите екипи кои нема да обезбедат опстанок се Кристал Палас, Норич и Вотфорд.


Интер се договори со Лацио, трансферот на Кореа пред реализација

Италијанските медиуми потврдија дека Интер и Лацио постигнале договор за трансфер на Хоаким Кореа. Интер беше во потрага по напаѓач после заминувањето на Лукаку, а изборот падна на Кореа, кој беше голема желба на тренерот Инзаги.

Двата клуба постигнале договор за трансфер тежок 31 милион евра и се очекува Аргентинецот вечерва да пристигне во Милано.

Кореа утре треба да ги мине лекарските прегледи и да стави потпис на договор со Интер до 2026 година.


Митрашиновиќ на прв тренинг со Тарбс

Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија се појави на првиот собир на францускиот прволигаш.

Беше во Будуќност, сезоната, онаа ланската ја доигра како кошаркарка на Баскет Кам, ја круниса со освојување на двојната круна, изборот за најкорисен играч во плеј-офот на македонската Прва лига.

А од пред два дена, Анџелика Митрашиновиќ со нови работни обврски.

Во фрацускиот прволигаш Тарбс, екипа која и посака добредојде на нашата, во овој момент и најдобра кошаркарка.

„Анџелика е играч со кој и претходно имавме контакти. Конечно го добивме нејзиниот потпис, и сме среќни поради тоа. Таа е играч кој дефинитивно ќе биде откритие во францускиот шампионат, и убеден сум дека ќе биде способна да ги покаже сите свои напаѓачки квалитети. Очекувам тоа да се даде ефект во играта на тимот во наредниот шампионат. Добредојде Анџелика“ – изјави Франсоа Гомез, тренерот на овој француски женски прволигаш непосредно пред одработувањето на првиот тренинг, нешто како вовед во новата сезона.

Претстојната сезона во која капитенот на нашата женска сениорска репрезентација ќе биде голем предизвик. Посебно ако се земе предвид дека за прв пат во својата кариера ќе игра во една таква, уште посилна конкуренција во однос на некои претходни сезони.


Серена Вилијамс се откажа од настап на овогодинешниот УС Опен

Американската тенисерка Серена Вилијамс објави дека се откажува од настап на гренд слем турнирот УС Опен, кој ќе започне идната недела, поради повреда на препоните која не е целосно санирана.

„По внимателно размислување и слушајќи ги советите на лекарите и лекарската екипа, одлучив да се повлечам од УС Опен како би дозволила на своето тело целосно да се опорави од повредата на препоните.“ – објави 39-годишната Вилијамс.

Американскатаа тенисерка, која е освојувач на 23 гренд слем титули во својата кариера, мораше да го предаде првиот меч на овогодинешниот Вимблдон.


Јани Атанасов дополнително повикан во македонската репрезентација

Фудбалерот од средниот ред на сплитски Хајдук, Јани Атанасов доби повик од селекторот Благоја Милевски да биде дел од А репрезентацијата на Македонија за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство. Поранешниот капитен на Македонија до 21 година добива шанса да биде дел од најдобриот национален состав откако стана извесно дека Аријан Адеми од Динамо Загреб нема да може да се стави на располагање на тимот за натпреварите  против Ерменија (2. септември), Исланд (5. септември) и Романија (8. септември). Неизвесно е доаѓањето и на Бобан Николов од молдавски Шериф. 

Соочени со неможноста на Адеми поради здравствени причини да му се приклучи на тимот и неизвесноста со евентуалното доаѓање на Николов, стручниот штаб во А репрезентацијата прати дополнителен повик до Јани Атанасов, фудбалер кој игра на позицијата на Адеми и со своите играчки карактеристики е најблиску до тоа што евентуално би ни било потребно.


Запакоста го напушти Челзи и потпиша со Аталанта

Повремениот италијански фудбалски репрезентативец, Давиде Запакоста, кариерата ќе ја продолжи во редовите на Аталанта.

Тој по четири сезони си замина од Челзи бидејќи не ја доби вистинската шанса и постојано беше испраќан на позајмица. 29-годишниот играч  потпиша за „сините“ во 2017-та, но, во последните две сезони играше како позајмен во „Серија „А“ за екипите на Рома и на Џенова.

Десниот бек и претходно го носеше дресот на екипата од Бергамо и тоа во сезоната 2014/15.


Фиорентина го доби Тореира на позајмица од Арсенал

Фудбалскиот состав на Арсенал времено се ослободи од Лукас Тореира кој го напушти Лондон и замина во Фиорентина.

Тој деновиве треба да биде промовиран како засилување за екипата од Фиренца. Уругваецот кој има играно за Пескара и Сампдорија, сега се враќа како позајмен играч во Серија А со опција „виолетовите“ да го откупат неговиот договор за 16 милиони евра.

Тореира со неговото искуство, треба биде одлично засилување во средниот ред за италијанскиот тим.


Клубовите не ги пуштаат репрезентативците во загрозените земји од ковид, ФИФА мора да реагира

Премиерлигашите нема да им дозволат на околу 60 фудбалери да настапат во септемврските квалификации за СП.

Тоа се репрезентативци на земјите кои се ставени на црвената листа на Велика Британија поради состојбата со коронавирусот. Тие пак, што ќе се вратат на островот, ќе мора да поминат десет дена во карантин.

Според проценката станува збор за играчи од 19 клубови што ќе биде голем удар за многу репрезентации кои се во трката за место на Мундијалот во Катар.


ТФТ патува во Краснојарск, Куманово во Гронинген

Објавени се домаќините на четирите квалификациски турнири што ќе ја кренат завесата во сезоната 2021/22 од натпреварите во ФИБА Евро Купот.

ФИБА одлучи во улога на организатори да бидат: Гронинген, Софија, Краснојарск и Парну.

Холандскиот клуб Донар Гронинген ќе биде домаќин на турнирот „А“ во својата домашна арена. А победникот од четвртфиналето помеѓу нашиот Куманово 2009 и Свонс Гмунден од Австрија ќе ги пречекаат домаќините во едно полуфинале.

Бенфика од Португалија и романскиот Волунтари ќе се соочат во другото полуфинале. Победникот на турнирот „А“ ќе биде сместен во групата „Ц“ од редовната сезона.

Бугарската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Б“ во Софија. Полскиот Трефл Сопот во првото полуфинале ќе го пречека Дњипро од Украина, додека грчкиот Ираклис ќе се соочи со бугарскиот Академик Пловдив во второто. Тимот што ќе победи на турнирот „Б“ ќе обезбеди место во групата „Е“ за редовниот дел од сезоната.

Турнирот „Ц“ ќе се игра во Русија, а во улога на домаќин ќе биде Енисеј во Краснојарск. Домаќините ќе се борат против израелската Хапоел Хаифа во првото полуфинале. Германскиот Меди Бајројт во второто полуфинале го чека победникот од четвртфиналната пресметка меѓу унгарските Натуртекс-СЗТЕ-Сегед и ТФТ од Скопје. Победникот од турнирот „Ц“ ќе го заземе преостанатото место во групата А за редовна сезона.

Естонскиот клуб Парну Садам ќе биде домаќин на турнирот „Д“. Домаќините ќе се соочат со австриската ГГМТ Виена, а победникот ќе го добие за противник актуелниот шампион на ФИБА Купот на Европа, Ирони Нес Зиона во едно полуфинале. Кипарскиот тим Керавнос ќе се судри со Порто во другото полуфинале.

Победникот на овој турнир ќе се пласира во групата „Р“ од редовниот дел од сезоната.

Инаку, сите турнири ќе се играат помеѓу 28. септември и 1. октомври, со исклучок на Турнирот „Б“ во Софија, кој ќе започне на 29. септември бидејќи нема четвртфинале.