feature

Фиорентина нема лесно да го пушти Влаховиќ

Фиорентина ја одби понудата што Атлетико Мадрид ја испрати за српскиот фудбалер Душан Влаховиќ, пренесува добро информираниот новинар Фабрицио Романо.

Според странските медиуми, мадридскиот клуб понудил 50 милиони евра фиксни за 21-годишниот играч, со 10 милиони кои би биле реализирани преку бонуси.

Сепак, Фиорентина не ја прифати оваа понуда. Ваквиот развој на ситуацијата не е неочекуван, со оглед на тоа што претседателот на клубот, Роко Комисо, неодамна изјави дека нема да го ослободи српскиот напаѓач за помалку од 100 милиони евра.

Договорот на Влаховиќ е со важност до јуни 2023 година, а Фиорентина е подготвена да ја продолжи соработката до 2026 година.


ШК Алкалоид ја одбрани титулата првак на Македонија

Шаховскиот клуб Алкалоид е победник на 29. Екипно првенство на Македонија кое од 15 до 21 август се одржа во Струга.Со овој триумф, ШК Алкалоид во последниве 10 години бил девет пати шампион (во 2020 година првенството не се одржа), а вкупно ова е 18. титула за „фармацевтите“, кои се најуспешен македонски колектив во овој спорт.

Во седумте одиграни кола Алкалоид имаше само еден изедначен резултат, со Гостивар, а славеше во останатите шест средби, односно освоија 13 од можни 14 бода.

Второпласирани се шахистите на Гостивар кои имаат 11 поени колку и Гамбит, но имаат подобар скор на освоени поени во сите партии. Натаму следат ШК Прилеп со 8 бода, ГШК Куманово со 7 бода, Ан Пасан со 4 бода, додека Карпош и Центар освоија само еден поен во меѓусебниот изедначен дуел.

Како поединци, од македонските играчи се истакнаа ИМ Дејан Стојановски кој на четвртата табла за Гостивар имаше 5,5 бода од 7 партии, како и 17-годишниот ФМ Емил Ристески, кој имаше ист скор на четвртата табла за Гамбит, но за нијанса послаб параметар на „перформанс“.


Тренерот на Јувентус проговори за ситуацијата со Роналдо

Јувентус со кикс ја започна сезоната во која има намера да ја врати шампионската титула во Италија, откако Интер му ја прекина деветгодишната доминација. Водеше со 2:0, но Удинезе искористи две грешки на голманот Шчешни и израмни, а ВАР поради офсајд го поништи победничкиот погодок на Кристијано Роналдо, кој влезе во игра половина час пред крајот.

„Одигравме добар натпревар, но за жал, тоа е фудбалот. Требаше да бидеме подобри во второто полувреме, но не знаевме како да се носиме со неочекуваните случувања. Ова мора да ни биде лекција.“ – изјави Масимилијано Алегри, повратникот на клупата на Јувентус.

Сепак, приказна на денот беше Кристијано Роналдо кој натпреварот го започна на клупата. Италијанските медиуми веднаш заклучија дека Португалецот побарал трансфер, а Павел Недвед мораше тоа веднаш да го демантира.

„Роналдо се чувствува добро. Разговаравме пред натпреварот и му реков дека ќе започне на клупата. Тоа го прифати и играше добро откако влезе во игра, дури и постигна погодок, но му го поништија.“ – ја објасни Алегри ситуацијата со Роналдо.


Никој како Мурињо!

Жозе Мурињо успешно ја започна авантурата со Рома и во првиот официјален натпревар ја победи Фиорентина со 3:1.

Во својот прв мандат во Италија, на клупата на Интер од 2008. до 2010. година, Мурињо во Серија А оствари 49 победи во 76 натпревари. Првата во улогата тренер на Рома му беше јубилејна 50. во најсилната италијанска лига.

Мурињо на тој начин стана италијански рекордер, бидејќи никој побрзо не стигнал до 50 победи во Серија А, откако за победа се добиваат три бода (сезоната 1994/95).

Со тоа Мурињо ја продолжи импресивната низа, бидејќи истиот рекорд го држи и во Англија и Шпанија. Додека за 50 победи во Серија А му требаа 77 натпревари, во овие две земји до нив стигна уште побрзо – во Премиерлигата во 63, а во Ла Лига во 62 натпревари.


Елмас по првиот гол сезонава: Имам поголема самодоверба со Спалети

Елиф Елмас го запиша првиот гол сезонава за Наполи, во натпревар во кој клубот од Неапол победи со 2:0 против Венција и тоа со играч помалку.

Македонскиот репрезентативец беше задоволен од прикажаната игра, од постигнатиот погодок и од фактот дека му помогна на тимот да победи.

„Задоволство е да се постигне гол пред нашите навивачи на почетокот на новата сезона. Ваква победа докажува дека сме одличен тим кој и со 10 играчи на теренот, покажа дека може да ја контролира играта и да доминира. Сакам да му се заблагодарам на тренерот Спалети за огромната доверба која ми ја укажа од самото пристигнување во тимот. Верувам дека наша сила оваа сезона ќе биде и нашиот тренер.“ – изјавил Елмас.


Пропадна Влаховиќ, Атлетико го носи Матеус Куња

Атлетико Мадрид е се уште активен на трансфер пазарот и интензивно бара нов напаѓач.

Прва мета беше напаѓачот на Фиорентина, Душан Влаховиќ, но откако преговорите пропаднаа Атлетико се насочи кон бразилскиот напаѓач Матеус Куња.

Симеоне на крајот најде поефтина опција од Влаховиќ и трансферот на Куња е пред реализација за 30 милиони евра.

22-годишниот напаѓач покажа добри одлични партии во Херта, а одигра добро и на Олимписките игри.


Неверојатни сцени во Лига 1 – навивачите влетаа на теренот! (видео)

Неверојатни сцени на синоќешниот натпревар помеѓу Ница и Марсеј во француската Лига 1, хаос на трибините и на теренот, навивачите ги гаѓаа играчите, а тие тргнаа да се пресметуваат со нив.

Инцидентот се случи кога домашните навивачи го удрија Димитри Паје со тврд предмет, а тој не остана должен па им го врати „назад“.

Натпреварот меѓу Ница и Марсеј од 3. коло во Лига 1 заврши 15 минути порано поради овој голем инцидент.

https://twitter.com/Jamnic_/status/1429542382601752579

Томпсон-Хера истрча лудо време на стотка во Јуџин

Јамајканската атлетичарка Илејн Томпсон победи на трката на 100 метри на митингот во рамки на Дијамантската лига во Јуџин со второ најдобро време во историјата на оваа спринтерска дисциплина.

Томпсон патеката ја мина за 10,54 секунди. Актуелниот светски рекорд за жени изнесува 10,49 секунди, поставен во 1988 година од Американката Флоренс Грифит-Џојнер.

На неодамнешните Олимписки игри во Токио, Томпсон освои злато на 100 метри со олимписки рекорд од 10,61 секунди.


Хендерсон ќе добие нов договор на „Енфилд“

Ливерпул и Џордан Хендерсон се во завршна фаза од преговорите за обновување на договорот. Во моментов двете страни разговараат за последните точки од договорот.

Според изворот, новиот договор ќе важи до 2024 година. Актуелниот договор на Хендерсон со Ливерпул трае до 30 јуни 2023 година. Неговата трансферна вредност се проценува на 20 милиони евра. Минатата сезона тој одигра 28 средби на сите турнири, на кои постигна еден гол и една асистенција.


Повредата ќе го оддалечи Пике неколку недели од терените

Дефанзивецот на Барселона, Жерар Пике, се повреди на натпреварот од второто коло на шпанската Примера со Атлетик (1-1) и прашање е колку ќе отсуствува од фудбалските терени.

Според денешните информации, на Пике му беше дијагностицирано оштетување на мускул на левата нога, а засега лекарите не прогнозираат колкав ќе биде периодот на рехабилитација.