Милер не размислува за пензија, ќе игра и следната сезона во МЛС лигата
Германската легенда Томас Милер откри дека ќе остане во Ванкувер и следната сезона. Напаѓачот се приклучи на тимот од МЛС лигата летото откако му истече договорот со Баерн.
„Ќе бидам тука и следната година. Со полна пареа напред! Се преселив во нова лига и нова земја, и ако можам да ја освојам титулата за толку кратко време, тоа би ме направило дел од извонредно достигнување на тимот“, изјави Милер за „Кикер“.
Томас Милер има одиграно 10 натпревари за својот нов тим, постигнувајќи 9 гола и 4 асистенции.
Ванкувер ќе се соочат со Лос Анџелес ФК во полуфиналето на Западната конференција на МЛС на 23 ноември.
Лина Ѓорческа поразена на вториот меч о Трнава
Најуспешната македонска тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на W50 ИТФ турнирот во Трнава. Таа денеска во меч од второто коло загуби со 2-0 во сетови (6-2, 6-1) од Британката Амарни Бенкс.
Противничката имаше комплетна контрола во мечот, а во двата сета имаше по два брејка што и донесоа сигурен триумф.
Ѓорческа ја очекува настап на уште еден турнир следната недела во Трнава. Тој турнир е од повисок ранг W75 и наградниот фонд изнесува 60.000 долари.
Ругани три недели надвор од терените заради повреда
Дефанзивецот на Јувентус, Даниеле Ругани, ќе биде отсутен од терените во период од три недели поради повреда на солеусот.
Дефанзивецот на Јуве има делумно кинење на мускулот на десната нога, потврдија синоќа од италијанскиот состав.
31-годишниот играч ја здобил повредата за време на тренинг во вторникот.
Во исто време, дефанзивците Хуан Кабал и Лојд Кели се вратија во првиот тим и денеска ќе тренираат со екипата подготвувајќи се за викенд натпреварот.
Гарабаја: Не игравме добра одбрана, не успеавме да го неутрализираме Кукиќ
Ruben Garabaya Arenas
Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај ПИК Сегед со 35-20 во натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите и останува на седмото место на табелата со 4 бодови.
Тренерот Рубен Гарабаја ги сподели импресиите по мечот во кој блескав настап имаше противничкиот голман Ролан Миклер со дури 19 одбрани.
„Во натпреварот минатата недела нашите голмани имаа дури 50% успешност во одбраните, а такво нешто не успеавме да повториме. Нашата одбрана беше послаба. Не браневме еден на еден ситуации, исто така бевме и слаби во два на два. Не успеавме да го неутрализираме и Лазар Кукиќ, па сметам дека овие беа клучните работи кои ни донесоа успех минатата недела“, рече Гарабаја.
Битолчани се враќаат во нашата земја и од утре почнуваат да го подготвуваат гостувањето кај Пролет.
Еурофарм Пелистер убедливо поразен во Сегед
Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија од ПИК Сегед со 35-20 во натпреварот од осмото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Минатата седмица битолскито тим го совлада истиот овој ривал на домашен терен во салата „Боро Чурлевски“, но вечерва двете екипи покажаа други лица, унгарскиот тим беше на далеку повисоко ниво, додека македонскиот шампион немаше решение за противникот.
Домаќините го имаа и неверојатниот Роланд Миклер кој имаше 19 интервенции или 52,78% на одбранети удари. Фримел и Кукиќ беа лидери на листата на стрелци со по седум погодоци, додека кај „зелено-белите“ по три гола имаа Манасков, Хаџиќ и Петар Атанасијевиќ.
Во следното деветто коло Еурофарм Пелистер го пречекува Магдебург, следната среда во 20:45 часот.
МЗТ Скопје Аеродром ја совлада Јахорина за трета победа во АБА 2
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром триумфираа вечерва на домашен терен над Јахорина Пале со 96-77 во рамки на четвртото коло во регионалната АБА 2 лига.
Македонскиот шампион сосема заслужено дојде до третата победа во АБА 2 лигата, контролирајќи го резултатот во текот на целиот натпревар во салата „Јане Сандански“.
Илајџа Мекејден со 28 и Чарлс Гил со 19 поени беа најефикасни во редовите на МЗТ Скопје Аеродром, кој со вечерашниот триумф се искачи на второто место на табелата со седум босови, колку што имаат и лидерот Широки Брег и третопласираниот Хелиос Домжале.
Во следното петто коло, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе му гостуваат на Златибор, на 1 декември.
Димитриевски парично казнет заради непромислените изјави
Столе Димитриевски вчера се врати во Валенсија на клупски обврски по тешкиот пораз кој го претрпе Македонија во Кардиф, но пречекот во шпанскиот град не беше воопшто добар, пред се поради фактот што новинар на „Ел Чирингито“ го следеше македонскиот голман од аеродромот, па се до влегувањето во автомобилот.
Причина за тоа беа експлозивните изјави кои ги даде Димитриевски при гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, па иако Столе вчера не сакаше ништо јавно да каже пред камерите, ова утро имал разговор со тренерот Карлос Корберан, по кој заклучил дека направил голема грешка.
Македонскиот чувар на мрежата лично му се извинил на Корберан и на целиот стручен штаб, а потоа и на сите соиграчи во соблекувалната на Валенсија.
Ова денеска го откри тренерот Корберан на прес-конференцијата во пресрет на утрешното дерби со Леванте, но исто така обелодени дека Димитриевски ќе добие и парична казна поради прекршување на дисциплинскиот кодекс во тимот.
„За нас целиот фокус во изминативе две недели е утрешниот натпревар со Леванте. Столе се врати вчера и денеска можевме да разговараме со него. Прво тоа го направив поединечно, а потоа и во соблекувалната пред соиграчите. Играчот се извини за своите изјави кои беа погрешни и неточни, бидејќи во Валенсија никој не игра поради одредени точки во договорот. Тој е свесен за ова и им се извини на соиграчите во соблекувалната, но исто така и на другиот персонал од стручниот штаб. Јас ги почитувам моите дисциплински прописи и тој ќе добие соодветна финансиска казна. Со тоа, случајот на Димитриевски го сметам за затворен“, – изјави Корберан, кој додаде дека ова нема негативно да влијеа врз спортските одлуки кои ќе ги носи за Столе.
Фоден добива нов договор на „Етихад“
Раководството на Манчестер Сити наскоро ќе започне разговори со Фил Фоден за нов договор.
Тековниот договор е до 2027 година, но клубот сака да ја обезбеди неговата иднина за уште подолг период.
25-годишниот Фоден повторно е во врвна форма. Оваа сезона одигра 18 натпревари, во кои постигна 7 гола и имаше 4 асистенции.
Менаџерот Пеп Гвардиола и раководството на клубот се исклучително задоволни од неговиот настап. Затоа, „граѓаните“ сакаат да ги обезбедат неговите услуги за подолг период.
Алисон заздрави, наскоро се враќа на голот на Ливерпул
Се очекува голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, да се врати на целосен тренинг со првиот тим во текот на денот или утре во обид да биде подготвен за гостувањето во сабота кај Нотингем Форест, објави „Стандард Спорт“.
Бразилскиот репрезентативец не играл од 30 септември, кога се повреди за време на поразот од Галатасарај во Лигата на шампионите со 1:0. Тој натпревар беше втор последователен пораз за тимот од „Енфилд“.
Ѓорѓи Мамардашвили беше стартер во негово отсуство. За разлика од Алисон, Џереми Фримпонг сè уште не може да се врати на тренинг. Тој се повреди за време на победата од 5:1 над Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите и нема понатамошни информации за неговата состојба.
Куртоа за ескалираната тензија пред Ел Класико и улогата на Ламин Јамал
Тибо Куртоа откри дека чувствува зголемена тензија во пресрет на Ел Класико и ја истакна улогата на младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал. Голманот на Реал Мадрид во интервју изјави дека Јамал е талент што ќе остави трага во клубот, но дека неговите последни коментари „малку ја подгреале ситуацијата“. Според Куртоа, адреналинот и притисокот на ваквите дерби-средби често ги носат играчите до изјави за кои подоцна се каат.
Тој додаде дека ваквите искри се составен дел од интензитетот на Ел Класико и дека по четирите порази минатата сезона, Реал Мадрид „повторно имал потреба од тој противнички оган“. Според него, Барселона „никогаш не покажала вистинска почит“ кон Мадрид по тие победи, што дополнително ја зголемило желбата на неговиот тим да одговори на теренот.
И покрај острите зборови, Куртоа подвлече дека меѓусебната почит меѓу играчите останува недопрена. Како пример ги спомена Карвахал и Дин Хујсен, посочувајќи дека доколку утре играле заедно за Шпанија, немало да има никаков проблем. „Ако утре го видам Ламин, ќе го поздравам,“ рече тој, нагласувајќи дека ваквите тензии се деловни и не навлегуваат во личните односи.