feature

Бенфика го претстави Колумбиецот Риос

Колумбискиот фудбалер, Ричард Риос, потпиша договор со Бенфика до 2030 година, потврди португалскиот состав на социјалните мрежи.

Неговиот досегашен клуб Палмерирас заработи 27 милиони евра. 25-годишниот играч кој во изминатата сезона имаше 4 голови и исто толку асистенции, треба да биде големо засилување во средниот ред на Бенфика.

„Огромна радост за мене и целото мое семејство. Доаѓањето во Бенфика е голем чекор напред во мојата кариера. „Сонував да дојдам во Европа“ – рече Риос.


Ендрик се повреди, го чека пауза од два месеци

Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик, се повреди и ќе отсуствува од два до два и пол месеци.

Реал Мадрид очекува играчот да закрепне од повредата дури на крајот на септември.

Да потсетиме дека Бразилецот имаше повреда на тетивата на десната нога заработена на 18 мај во 37-то коло од Ла Лига против Севиља (2:0), поради што не можеше да учествува на Светското клупско првенство.

Првиот натпревар на Реал Мадрид во новата сезона е закажан за 19 август. Во првото коло од Ла Лига 2025/26, мадридскиот тим ќе игра против Осасуна.

Ендрик игра за Реал Мадрид од 2024 година. Минатата сезона одигра 37 натпревари, постигнувајќи седум гола и една асистенција.


Кирил Лазаров: Сезонава да направиме чекор напред

Ракометарите фаќаат ритам на тренирање во „Автокоманда“, има осум нови играчи кои му се приклучија на тимот, а впечатоците од актуелниот состав и очекувањата за следната сезона ги сподели тренерот Кирил Лазаров.

„Целата стратегија, поставеноста на клубот е од година во година да се прави чекор напред. Не сакаме тие чекори да бидат крупни, туку да одиме постепено и да го развиваме клубот. Јас како тренер сум среќен и горд што и оваа сезона останавме во истиот македонски концепт, во ростерот ќе имаме 23 играчи, од кои 21 ќе бидат македонски. Одлучивме да продолжиме по истиот пат, да даваме шанса на македонските играчи и да се биде поконкурентен како во Македонија, така и во европски рамки. Задоволен сум од во преодниот рок успеавме да донесеме нови играчи, во ростерот имаме осум нови имиња, потребно ќе ни биде време да се воиграме, затоа и малку порано стартуваме од сите останати суперлигаши“, изјави Лазаров.

Алкалоид подготовките ги почна во Скопје, следната недела оди во Маврово, па следува турнеја во Србија, Хрватска и Словенија каде се предвидени осум пријателски натпревари.

Посакува неговиот тим да ја подобри реализацијата во македонското првенство.

Во едно европско полуфинале ние даваме над 40 гола, а во македонско првенство се игра многу поспоро и не можеме да ја минеме границата од 25 гола. Тука би требало да се поправиме, смета Лазаров.

За квалификациите во Европската лига на ЕХФ и средбити со Хановер, тренерот Лазаров фаворитската улога ја препушти на бундеслигашот.

„Како клуб одлучивме да излеземе од комфорната зона и да играме во Европската лига, по оној освоен ЕХФ Куп во кој има силни противници, тоа може да се види по листата и оваа година. Сакаме да одиме чекор понапред, прифативме ризик. Имавме малку незгодна ждрепка, добивме бундеслигаш. Успеав по ждрепката да изгледам неколку мечеви и увидов зошто во текот на Бундеслигата во поголемиот дел беа на првото место. Се работи за систем со екстра-квалитетен тренер, бивш селектор на репрезентацијата на Германија, на секое зошто има затоа. Ривалот е фаворит, но ние ќе се бориме и нема да се предадеме“, потенцира Лазаров.


Катар ги сака Олимписките игри во 2036 година

Според шефот на КОК, шеикот Јохан бин Хамад Ал-Тани, спортската инфраструктура на земјата е веќе 95 проценти подготвена за турнир од ваков обем. Како дел од националниот план базиран на долгорочна стратегија, Катар има за цел да обезбеди сите објекти да бидат целосно подготвени, како и да создаде наследство кое е одржливо од социјална, економска и еколошка перспектива.

„Нашата цел не е само успешно да ги организираме Игрите, туку да му понудиме на светот уникатно искуство кое ги комбинира инклузивноста, одржливоста и меѓународната соработка“, рече шеикот Ал-Тани.

Во изјавата се нагласува дека Олимписките игри во 2036 година би можеле да бидат првите што некогаш ќе се одржат на Блискиот Исток. Ова ќе му овозможи на Катар да го претстави „арапскиот олимписки модел“ базиран на разновидност, отвореност и моќта на спортот да ги обединува нациите.

Следните Летни олимписки игри ќе се одржат во 2028 година во Лос Анџелес (САД), а во 2032 година домаќин ќе биде Бризбејн (Австралија).


Седлоски: Вардар може да се носи со сите ривали!

Мал бран на еуфорија ги зафаќа вардаровите навивачи пред важниот европски дуел против Лозана во рамките на второто коло на Конференциската лига. Тренерот на победникот на Купот на Македонија, екипата на Вардар, Гоце Седлоски за јавниот национален сервис изјави дека очекува солиден пристап од играчите во двомечот со швајцарската Лозана, истакнувајќи дека тимот има доста нови поединци, но е доволно зрел за да покаже карактер.

Вардарци се аутсајдери во двомечот со Лозана, но Седлоски верува дека најтрофејниот клуб во Македонија има квалитет да направи уште еден сериозен исчекор во Конференциската лига.

„Лозана има неколку промени во екипата, а воедно доведе и нов тренер. Мислам дека имаат квалитет, но мене ми е најважно како ќе изгледа мојата екипа. Играчите знаат што бараме од нив и очекувам да покажеме карактер уште од првата минута.

Сакам да покажеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Имаме нови играчи кои лесно се адаптираа на нашата филозофија. Ќе се обидеме да оствариме добар резултат во Скопје, а потоа ќе мислиме на реваншот“, изјави Седлоски.

Вардар ја пречекува Лозана на 24 јули. Натпреварот ќе се одигра на арената „Тодор Проески“ и ќе започне во терминот од 20:30 часот.


Бошковска: Убаво е што сум повторно дел од екипата

Селекторот на женската одбојкарска репрезентација на Македонија Стефан Пауновиќ за претстојните евро квалификации ќе може да смета на Мери Бошковска. Таа поради повреда не беше дел од натпреварите кои се играа на почетокот од летото во рамки на Европската Сребрена лига.

„Се чувстувам подобро, а последните 15 дена сум со репрезентацијата. Повредата ја санирав, поминав и со физикални терапии и индивидуални вежби за зацврстување на зглобот. Се надевам дека комплетно ќе се вратам во ритам. Убаво е што сум пак дел од екипата. По оваа повреда почувствував колку е тешко кога сакаш, а не можеш да и помогнеш на екипата! Се надевам дека со моето враќање ќе придонесам во тимот, објаснува коректорката Мери Бошковска.

Натпреварите со Грција и Австрија не можат да сменат ништо за Македонија во циклусот за ЕуроВолеј 2026, но можат да бидат нова потврда за тоа дека екипата расте од акција во акција.

-Вистина е дека немаме резултатски притисок во дуелите со Грција и Австрија, но остануваме мотивирани да дадеме максимум и да понудиме добра игра особено пред домашната публика, додаде Бошковска.

Македонија на 3.август на домашен терен во Скопје (СЦ Борис Трајковски) игра против Грција, а на 9.август и гостува на Австрија.


Стеауа падна во Скопје, Шкендија сонува историја

Фудбалерите на Шкендија со минимална предност ќе патуваат на реваншот со ФЦСБ во рамките на второто коло во квалификациите за Лигата на шампиони.

Тетовци на Арената во Скопје одиграа борбен меч и успеаја да дојдат до каква-таква предност за возвратниот меч во Романија. Стрелец на единствениот гол беше Адаму Алхасан во 65 минута откако одлично нафрлената топка од десната страна успеа со глава да ја испрати во горниот дел од голот.

Судијата во еден период имаше повеќе работа и покажа по еден црвен картон на двете страни. Џака во нашиот тим и Танасе кај гостите, пред време да заминаа во соблекувалната. Вториот дуел меѓу ФЦСБ и Шкендија ќе биде одигран на 30 јули на теренот на Романците.


Димитријевиќ пред враќање во руската кошарка

Репрезентативецот на Македонија, Ненад Димитријевиќ, ќе ги напушти редовите на Олимпија Милано и ќе се врати во руската лига, тврдат италијански инсајдери.

Новинарот Андреа Калцони објави дека Димитријевиќ ќе потпише двегодишен договор за вкупно три милиони евра со Зенит. Пред да дојде во Италија, 27-годишникот играше за Уникс, со кого ја освои ВТБ лигата во 2023 година.

Според Калцони, Олимпија ќе му плати на Димитријевиќ 500.000 евра, што треба да претставува разлика во договорот и на тој начин Димитријевиќ ќе стане слободен агент.

Димитријевиќ беше MВП на Суперкупот на Италија, кој Армани го освои во 2024 година, а во последната сезона во Евролигата имаше просек од 7,6 поени, 1,6 скока и 2,9 асистенции по натпревар.


Саул на чекор до потпис со Фламенго

Саул Нигез по 17 години го напушти Атлетико Мадрид. Играчот, кој претходната сезона ја мина на позајмица во Севилја, спогодбено се раздели со клубот од „Метрополитано“.

Саул како слободен играч се очекуваше да се пресели во Трабзон. Во неделата, турскиот клуб испрати авион по него во Мадрид, но тој одби да отпатува во Турција. Медиумите објавија дека во договор со семејството решил да го одбие Трабзон.

Сепак причината била поинаква. Саул кариерата ќе ја продолжи во најбогатиот бразилски клуб Фламенго.

Там тренер ќе му биде поранешниот соиграч од Атлетико, Фелипе Луис.


Шпанија по пенали до финале на Светското првенство во ватерполо

Шпанија, потешко од очекуваното, стана првиот финалист на Светското првенство во Сингапур. Во полуфиналето, актуелниот европски шампион ја победи Грција со 11-9 (3-2, 3-1, 0-1, 1-3, 4-2).

„Црвената Фурија“, обезбеди пласман во финалето на Светското првенство за прв пат од 2022 година, кога ја освои титулата. Исто така со оваа победа Шпанија обезбеди медал, петти пат по ред на светските првенства, што никој досега не успеал да го направи.

Во изведувањето на пенали, Шпанците беа непогрешливи. Унаи Рубио ги одбрани ударите на Скумпакис и Какарис.

Вториот финаист ќе биде познат по дуелот меѓу Србија и Унгарија.