feature

Ерменија и Грузија ќе се кандидираат за организација на младински Мундијал

Ерменија и Грузија ќе поднесат заедничка кандидатура за домаќин на Светското младинско првенство на ФИФА во 2029 година, објави Грузиската фудбалска федерација.

Според изворот, претседателот на Грузиската фудбалска федерација Леван Кобијашвили истакнал дека земјата има огромно искуство да биде домаќин на вакви престижни настани. Последното Светско првенство за играчи до 20 години се одржа во 2023 година во Аргентина.

Светското првенство во 2025 година ќе се одржи во Чиле. Земјата по вторпат ќе биде домаќин на овој турнир, откако првпат тоа се случи во 1987 година каде некогашна Југославија стана светски првак.


„Кралевите“ очекуваат дебел приход од трансферот на Мбапе

Раководството на Реал Мадрид веќе планира приход од најмалку 10 милиони евра од привлекувањето на Килијан Мбапе, пренесува весникот „АС“.

Овие пресметки се должат на договорот меѓу двете страни, кој на Реал Мадрид  им дава околу 30% од приходите од рекламните права на Французинот. Досега сите 100% одеа кај играчот според договорот со ПСЖ, но ситуацијата на „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде поинаква.

Во моментов, според различни податоци, Мбапе заработува околу 30 милиони евра по сезона од рекламни договори, но Реал силно се надева дека спојувањето на двата бренда ќе може значително да ја зголеми оваа сума во наредните години. Приходите од рекламните права се надополнуваат на очекуваната плата на напаѓачот од околу 15 милиони евра по сезона, но тој ќе инкасира и бонус за потпишување од 100 милиони евра како слободен агент.


Модриќ уште една година останува во Мадрид

Легендата на Реал, Лука Модриќ го продолжил договорот со клубот, објави инсајдерот Фабрицио Романо.

Според информацијата објавена утринава, страните го потпишале договорот синоќа и истиот е во период од една година, заклучно со 30 јуни 2025 година.

Во последната сезона во Ла Лига, Хрватот одигра 32 натпревари на кои постигна 2 гола и имаше 6 асистенции.

38-годишниот Модриќ долго време беше во преговори да добие уште една година во тимот, што на крајот и успеа.


Нико Ковач презема клуб од ОАЕ

Хрватскиот фудбалски стратег Нико Ковач одржал првични преговори со клубот Шабаб Ал Ахли.

Клубот од ОАЕ е заинтересиран да го донесе на кормилото хрватскиот стручњак, откако на крајот на сезоната се раздели со досегашниот тренер Марко Николиќ. На крајот од минатата сезона тимот го освои второто место во националниот шампионат.

52-годишниот Ковач беше отпуштен од Волфсбург во средината на март, откако клубот не успеа да победи на ниту еден од своите 10 натпревари во 2024 година.


Дарвин Нуњез главна ѕвезда, Уругвај го декласира Мексико

Уругвај имаше одлична контрола против селекцијата на Мексико на која напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњез постигна хет-трик. На крајот Уругвајците славеа со 4-0 на мечот кој се одигра во Денвер, САД.

Нуњез го отвори резултатот во седмата минута, а крилниот напаѓач Факундо Пелистри во 26. Зголеми и на 2:0. Нуњес погоди по вторпат во 44. минута кога беше проигран од Максимилијано Араухо, а третиот гол го постигна на стартот на второто полувреме во 49. минута по додавање на Пелистри.

Уругвај како и Мексико се подготвува за Копа Америка. Првиот меч за Уругвај е на 24 јуни против Панама. Мексиканците стартваат ден претходно против Јамајка.


Паладино ја напушти Монца и седна на клупата на Фиорентина

Италијанскиот тренер Рафаеле Паладино ја презеде Фиорентина, соопшти клубот од „Артемио Франки“.

Паладино потпиша договор на две години, со опција за соработката да биде продолжена на уште една сезона. Паладино на функцијата го наследи Винченцо Италијано.

Во Фиорентина доаѓа од Монца, каде што беше тренер две години.


Jеро нов спортски директор на Ал-Анср

Поранешниот капитен на Реал Мадрид и шпански репрезентативец Фернандо Јеро ќе ја преземе функцијата спортски директор на Ал-Наср, објави саудискиот фудбалски клуб.

„Тој има огромно искуство во спортот“, се вели во соопштението на Ал-Наср во чиј редови настапува португалската ѕвезда Кристијано Роналдо.

Поранешниот шпански дефанзивец изјави дека е многу возбуден што ќе биде дел од проектот на Ал-Наср, кој заврши на второто место во пласманот на локалното првенство.

Јеро (56) го носеше дресот на Реал од 1989 до 2003 година и за мадридскиот клуб одигра вкупно 439 натпревари, додека за Шпанија забележа 89 настапи.


Летеје заминува, Сафонов нов голман на ПСЖ

Резервниот голман на францускиот фудбалски првак ПСЖ, Александр Летеје објави денеска дека заминува од клубот.

Летеје, чиј договор истекува на 30 јуни, пристигна во ПСЖ во 2020 година и запиша само два настапи за клубот од Париз.

„По четири години гордост што ги носев боите на мојот омилен клуб, време е да се збогуваме“, порача Летеј на Инстаграм доцна синоќа, само неколку денови откако беше објавено заминувањето на вториот резервен голман Кејлор Навас.

Русинот Матвеј Сафонов според пишувањата на повеќе медиуми ќе биде новата замена за Италијанецот Џанлуиџи Донарума, кој останува прв голман на ПСЖ, во чиј редови е и младиот Шпанец Амау Тенас.


Пасквал го води со себе Циндриќ во Веспрем

Некогашниот ас на Вардар и Металург, Лука Циндриќ, би можел во новата сезона да го облече дресот на унгарскиот гигант Веспрем.

Според информациите во повеќе романски и унгарски медиуми, хрватскиот репрезентативец ќе му се придружи на шпанскиот стратег во Унгарија.

Тој има клаузула во договорот што му овозможува да си замине и пред истекот, па тоа веројатно ќе биде искористено.


Гатузо фаворит за преземање на славниот Хајдук

Хрватскиот фудбалски клуб Хајдук веќе работи на промените за новата сезона и го ангажираше Никола Калиниќ на позицијата спортски директор.

Првата задача на Калиниќ ќе биде да пронајде нов тренер, а еден од кандидатите е италијанската фудбалска легенда Џенаро Гатузо.

Гатузо имаше успешна кариера како играч, но како тренер баш и не се прослави и не оствари посебен успех во Сион, Милан, Наполи, Палермо, Валенсија и Марсеј каде што го имаше последниот ангажман.