feature

Американецот Ноел пред потпис со Партизан

Кошаркарскиот клуб Партизан е блиску до наоѓање решение за позицијата центар, каде што имаше сериозен проблем на почетокот од Евролигата, поради повреди и скратена ротација.

„Црно-белите“ се насочени кон американскиот центар и поранешен шести пик на драфтот, Нерленс Ноел.

Во моментов, Жељко Обрадовиќ го има на располагање само Тајрик Џонс, кој не закрепнал сосема, додека неколкумина играчи може привремено да ја пополнат улогата на позицијата „пет“. Сепак, раководството го имаше доведувањето нов центар како приоритет.

Виртус, Жалгирис и Макаби, исто така, покажаа интерес за Ноел, поранешниот шести пик на драфтот на НБА во 2013 година.

Тој помина една деценија во најсилната лига во светот (2013–2023), каде што играше за Филаделфија, Далас, Оклахома, Њујорк, Детроит и за Бруклин. На 467 натпревари, тој имаше просек од седум поени и шест скока, а ја имаше својата најдобра сезона во дресот на Филаделфија со просек од 11 поени и осум скока.

Она што загрижува е тоа што Ноел е без клуб од летото 2023 година, па не се знае како ќе се покаже со толкаво отсуство од кошаркарските терени.


Сериозна повреда за Смарасон од ПИК Сегед

Исландскиот ракометен велемајстор, Јанус Смарасон, доживеа посериозна повреда и ќе мора да биде надвор од терените, а засега уште не е познато колку долго ќе трае процесот на рехабилитација.

Во поразот на унгарскиот вицешампион против Татабања од 30-34, средниот бек на ПИК Сегед заработи повреда на коленото, за која првичните проценки велат дека е од сериозна природа. Доколку се потврди дека сезоната е завршена за Исланѓанецот, тренерот Апелгрин ќе мора сериозно да ја скрати ротацијата и да се потпре на дуото Готфридсон-Кукиќ.

Но, тука има уште еден проблем, затоа што Србинот Лазар Кукиќ сè уште не ја залечил целосно повредата и уште не е во добар натпреварувачки ритам.

ПИК Сегед во моментов е третопласиран тим во групата Б од Лигата на шампионите, каде се натпреварува и македонскиот шампион,Е.Пелистер.


Ролан Гарос им верува на судиите и не ги прифаќа електронските методи

Единствениот тениски турнир Грен Слем на земјена подлога, кој се одржува секоја година на Ролан Гарос во Париз, ќе користи линиски судии следната година, соопшти Француската тениска федерација, која го управува турнирот. Другите три Грен Слем турнири – Австралија Опен, Вимблдон и САД Опен – се префрлија на електронски методи за утврдување дали топката слетала во или надвор од теренот.

Системот за прв пат беше експериментално користен во 2017 година на финалето на Next Gen ATP во Милано, каде што се натпреваруваа осумте најдобри играчи под 21 година, и се користи на сите настани на ATP Tour од оваа сезона.

Француската тениска федерација (FFT) изјави дека ќе се држи до употребата на линиски судии бидејќи тие покажаа висок стандард за време на овогодинешниот турнир.

„На следниот Ролан Гарос, FFT ќе продолжи да ја истакнува извонредноста на француските судии, признати низ целиот свет, од чии услуги организаторите на турнирот се целосно задоволни“, беше објавено во понеделник.

На овогодинешното издание на турнирот учествуваа 404 судии, од кои 284 беа од Франција. Специфичноста на Ролан Гарос е што судиите можат да ја видат трагата оставена од топката на црвената глинена површина, што придонесува за подобро донесување одлуки, но сепак има простор за таканаречена „човечка грешка“.

Електронскиот систем, кој е развиен за да ги препознава разликите во зависност од тоа дали станува збор за тревна, бетонска или глинена површина, веќе се користи на турнири од пониско ниво. Неговата точност не е 100%, но е многу висока.

Сепак, оваа година имаше ситуации во кои играчите беа зашеметени кога системот откажа, како што можеше да се види за време на Вимблдон или на турнирите во Мадрид и Штутгарт, каде што тенисот се играше на глина.

Она што најмногу ги збуни беше фактот дека во случаи на очигледни грешки, кои беа потврдени и со снимки во забавена снимка за време на телевизиските преноси, судиите на столот немаа можност да ја променат одлуката на електронскиот систем.


Интер Мајами загуби од Чикаго во меч со осум гола

Чикаго ја прекина серијата од пет победи на Интер Мајами. Меси и неговите соиграчи загубија со 3-5 од Чикаго во натпревар од регуларната сезона на МЛС лигата.

Аргентинската мегаѕвезда имаше лоша вечер откако не успеа да постигне гол, постигнувајќи барем по еден гол во секој од претходните четири натпревари.

Џеј Д’Авила (11) и Џонатан Дин (39) му донесоа на Чикаго убедливо водство пред Томас Авилес (39) да ја врати неизвесноста во натпреварот. Кратко пред крајот на првото полувреме, сепак, Роминиг Н’Гесан ја врати предноста на Чикаго од два гола. Во второто полувреме, на сцената излезе Луис Суарез (57, 74), кој постигна два гола за израмнување на резултатот.

На крајот, сепак, Чикаго ги освои сите три бода со двата гола на Џастин Рејнолдс (80) и Брајан Гутиерез (83).

Мајами е на четвртото место на табелата во Источната конференција со 56 бода од 31 натпревар, додека Чикаго има 51 бод и е на 8-то место. Лидер е Филаделфија со 63 бода.


Ангел Петрушев на 57. место на СП во кајак во Сиднеј

Во Сиднеј се одржува Светското првенство во кајак слалом, најголемиот и најпрестижен настан за оваа година во овој воден спорт.

На првенството учествуваат најдобрите кајакари од целиот свет, а Македонија на ова СП го имаше како свој преставник велешанецот Ангел Петрушев. Тој настапи во дисциплината K1 (кајак едносед) и со својот настап го освои 57-то место од вкупно 75 натпреварувачи кои се појавија наљ стартот, а 74 ја завршија трката.

Ангел Петрушев во квалификациите имаше време од 99.59 секунди или +12.65 од најдоброто време во овие квалификации. Самото учеството на Петрушев е значаен чекор за развојот и промоцијата на кајак слаломот во Македонија.


Дубаи демонстрираше сила на дебито во Евролигата

Со убедливи победи на дебитантите Дубаи и Хапоел започна новата сезона во Евролигата. Дубаи го победи Партизан со 89-76, а Хапоел славеше во дуелот со Барселона 103-87.

Поранешниот кошаркар на Партизан, Дејвис Бертанс, го предводеше Дубаи до историската прва победа во Евролигата. Летонецот го заврши натпреварот со 20 поени (11 во првата четвртина) , 3 скока и 4 асистенции.

Џанан Муса заврши со 19 поени, 4 скока и 5 асистенции, Мфионду Кабенгеле имаше 15 поени и 5 скока, Филип Петрушев имаше 14 поени и 8 скока.

Во тимот на Партизан, Тајрик Џонс беше најистакнат стрелец со 13 поени и 6 скока, а имаше и по 2 асистенции, блокади и украдени топки, како и 3 изгубени топки и 4 лични грешки.

Хапоел домашните натпревари ги игра во Софија. Актуелниот шампион во Еврокупот ја победи Барселона со 16 поени разлика. Василије Мициќ постигна 18 поени со три скока и две асистенции во својот прв натпревар во Евролигата во дресот на Хапоел.


Мбапе се распука, Реал лесно го освои Казахстан

Реал Мадрид убедливо славеше во Алмати (0-5), а Аталанта по пресврт го победи Бриж (2-1), во воведните натпревари од второто коло во Лигата на шампионите.

Килијан Мбапе во 6.000 километри оддалечениот Алмати на Каират му испорача хет-трик и дојде до бројката од пет гола во првите два натпревари. Во последните 10 минути по гол постигнаа Камавинга и Бахим Дијаз.

За разлика од дуелот во Казахстан. во Бергамо Аталанта и Бриж одиграа неизвесен дуел. Аталанта победи и му се одмазди на Бриж за елиминацијата во осминафиналето минатата сеозна.

Пресвртот на Аталната дојде во последните 15 минути, откако Бриж поведе во 38-та минута со голот на Циолис.

Пресвртот го режираа Самарџиќ од пенал во 74. и Пашалиќ во 87. минута.


Осимен го сруши бледиот Ливерпул во Истанбул

Ливерпул го доживеа првиот пораз во Лигата на шампионите. „Црвените“ паднаа во Истанбул против Галатасарај. Тотенхем со авто-гол се спаси од пораз кај Бодо/Глимт. Останатите фаворити беа и повеќе од сигурни во првите мечеви од втората рунда.

Ливерпул е во мини криза ова е нивен втор пораз по ред во сите натпреварувања.

Во пеколната атмосфера во Истанбул, Ливерпул преживеа вистински ролеркостер.

За 23 секунди, натпреварот практично беше решен. Гакпо имаше одлична шанса, сите ја видоа топката во голот, но еден играч на Галата беше на гол линијата и го спаси својот тим.

Ова доведе до контранапад и пенал за домашниот тим, поради невнимателниот старт на Собослај над Јилмаз. Осимен пеналот го претвори во гол.


Кварацхелија не отпатува со ПСЖ во Барселона

Фудбалерот од средниот ред на ПСЖ, Квича Кварацхелија нема да игра на натпреварот против Барселона во второто коло од Лигата на шампионите, објави прес-службата на клубот од Париз.

Дваесет и четиригодишниот Грузиец се повреди во победата од 2:0 над Оксер во 6. коло од француската Лига 1.

ПСЖ ќе игра против Барселона на гостински терен утре, 1 октомври со почеток во 21 часот.

И ПСЖ и Барселона со победа ја почна новата сезона во елитното фудбалско натпреварување.


Семењо блеска, а гигантите од Премиер Лигата внимателно следат

Антоан Семењо импресионира од самиот почеток на сезоната и тоа не остана незабележано. Иако неодамна потпиша нов договор со Борнмут, 25-годишниот напаѓач е под радарот на неколку премиерлигашки гиганти, меѓу кои се Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Астон Вила. 

Семењо веќе има постигнато четири голови и запишано две асистенции во само седум настапи, поставувајќи се како еден од клучните играчи на Борнмут. Неговата брзина, физичка моќ и ефикасност пред голот го прават привлечна опција за тимови што сакаат да ја засилат офанзивната линија. 

Борнмут го обнови договорот со Семењо токму за да го задржи во услови на зголемен интерес. Но со неговиот растечки статус и постојаните погледи од другите клубови, притисокот може значително да се зголеми во претстојниот трансфер период. 

За сега, Борнмут се надева дека Семењо ќе продолжи со добрата форма и ќе им помогне во текот на сезоната, иако интересот од врвните клубови може наскоро да ја стави нивната одлучност на тест.