feature

Вида одби да биде „десна рака“ на Здравко Далиќ

Селекторот на Хрватска, Златко Далиќ за Светското првенство ќе остане без засилување во стручниот штаб. Тој планираше покрај него да биде и Домагој Вида, но фудбалерот го одбил повикот.

Како што пренесуваат хрватските медиуми 36-годишниот фудбалер има донесено одлука да ја продолжи кариерата. Тој по завршување на сезоната ќе остане без клуб и неизвесно е каде ќе ја продолжи кариерата. Вида сезонава го носи дресот на грчки АЕК од Атина.

Селекторот на Хрватска останува со актуелните асистенти: Ведран Ќорлука, Дражен Ладиќ, Марјан Мрмиќ и Данијел Субашиќ. Далиќ планира уште еден асистент и како можно има се споменува Милан Бадељ.

Хрватска на Мундијалот е во група со: Англија, Панама и Гана. На Светското првенство во Катар Хрватска го освои третото место, додека на Мундијалот во Русија беше финалист.


Нови проблеми за Ефес, Ларкин ќе го одложи враќањето на теренот

Паузата поради повредата на препеоните за играчот на Анадолу Ефес Шејн Ларкин ќе продолжи. Нему нема да му биде извршена операција, но ќе мора да мирува.

Тешка е ситуацијата за нашиот тим. Но, сакаме нашиот капитен (Шејн Ларкин) да биде потполно здрав и се надеваме дека набрзо ќе ни се приклучи, изјави тренерот на Ефес Пабло Ласо.

Имало обид тој да се врати за време на натпреварите од купот на Турција (средина на февруари), но сепак од страна на медицинскиот тим било решено да не се брза со враќањето на теренот.

Ларкин последниот настап го имаше кон средината на ноември минатата година. Во Евролигата има одиграно 11 натпревари со 15,8 поени во просек.


Познати учесниците на машкиот Ф4 од одбојкарскиот Куп на Македонија

Втора година по ред финалниот турнир од Купот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) 2026 во машка конкуренција ќе има исти учесници.

Бранителот на титулата Штип Угд обезбеди место на Ф4 со победа синоќа во четвртфиналето над одбојкарите на Лирија со 3-0 (25-13, 25-10, 25-9), додека Работнички71&22, пак, славеше над Универзитет Тетово, исто така, во три сета (25-21, 25-22, 25-23) во последниот натпревар од четвртфиналната фаза.

Штип УГД и Работнички 71&22 се приклучија на Струмица и велешки Борец кои ден претходно го потврдија својот пласман на финалниот турнир.

Полуфиналните двојки ќе бидат одредени со жрепка.


Агаси ќе биде тренер на Маркос Гирон

Тениската легенда Андре Агаси повторно се врати во тренерските води, најверојатно само на кратко, но изборот на неговиот нов пулен е прилично необичен од тениски аспект.

Станува збор за Маркос Гирон, кој не е ниту млад талент ниту врвен играч на листата. Тој има 32 години и моментално се наоѓа околу 69-тото место на светската ранг-листа.

Исто така, не спаѓа ниту меѓу тенисерите кои би можеле лесно да си дозволат совет од поранешниот светски број 1. Причината за соработката е многу поедноставна, тоа е личното пријателство.


Два италијански гиганти го сакаат Алисон Бекер

Два италијански клуба се заинтересирани да го купат голманот на Ливерпул, Алисон ова лето. Алисон се приклучи на Ливерпул во 2018 година и оттогаш е прв избор за голманот во клубот. Тој одигра голема улога во импресивната форма на Ливерпул во последните години.

Алисон сега има 33 години и прашање е дали ќе се обиде да прифати нов предизвик пред да заврши кариерата. Тој играше во Италија со Рома пред да се приклучи во Ливерпул и ако се пресели ова лето, Италија ќе биде веројатна дестинација за него,

„Ла Република“ пишува дека Јувентус и Интер се подготвени да достават понуди за него, особено што Бразилецот ова лето ќе влезе во последната година од договорот со Ливерпул.


Рекорд за историја: Младиот Поповски постигна 37 гола на еден натпревар!

Неверојатен натпревар денеска одиграа младинците на РК Мулти Есенс, кои со 86-17 (42-8) славеа во мечот со РК Вардар Неготино во рамки на шампионатот на Македонија.

Покрај неверојатно убедливата победа за домашните, мечот ќе остане во историјата како натпревар на кој еден ракометар постигна рекордни 37 гола.

Станува збор за кадетскиот репрезентативец на Македонија, Бобан Поповски, кој имаше рекордна вечер за паметење.


Тотален колапс на Тотенхем: Од водство до пораз за само шест минути

Играчот на Кристал Палас, Исмаила Сар, постигнува гол против немоќниот голман на тотенхем, Викарио

Стаклото и челикот на велелепниот стадион на Тотенхем никогаш не делувале толку студено како синоќа. Во наелектризирана и токсична атмосфера, сезоната на „Спарси“ допре ново дно по поразот од 1:3 против клинички прецизниот Кристал Палас. За клуб кој ја започна деценијата со амбиции за титули, реалноста на борбата за опстанок сега е немилосрдна. Ова е петти последователен пораз за Тотенхем и продолжување на агонијата од 11 меча без победаЧ најлоша низа на клубот уште од далечната 1975 година.

Вечерта започна со надеж за избраниците на Игор Тудор. Откако голот на Исмаила Сар беше поништен поради минимален офсајд потврден со ВАР, домаќините за момент го презедоа приматот. Во 34-тата минута, по одличниот продор на Арчи Греј, Доминик Соланке ја смести топката во мрежата за водство од 1:0, предизвикувајќи ерупција од воодушевување кај домашните навивачи.

Сепак, радоста траеше кратко. Натпреварот целосно се скрши кога капитенот Мики ван де Вен непромислено го собори Сар во шеснаесетникот. Судиската одлука беше брутална: директен црвен картон и пенал. Исмаила Сар беше сигурен од белата точка во 40-тата минута, што означи почеток на тотален колапс. Пред крајот на полувремето, Адам Вартон со хируршки прецизни додавања двапати ја разоружи десетчлената одбрана на домаќините, овозможувајќи им на Јорген Странд Ларсен (45+1′) и повторно на Сар (45+7′) да ги постават конечните 1:3.

Кога третиот гол ја затресе мрежата, звукот на илјадници седишта што се преклопуваат одекна посилно од кој било навивачки крик. Масовниот егзодус на навивачите на Тотенхем уште пред паузата беше најдобра илустрација за состојбата во која се наоѓа клубот. Оние кои останаа до крајот, ги испратија играчите со заглушувачки свирежи.

Игор Тудор, кој ги загуби сите три натпревари откако го презеде тимот, делуваше изолирано покрај аут-линијата. Неговиот тактички коцкарски потег, да ги остави на клупа скапите засилувања како Чави Симонс и Конор Галагер, не донесе стабилност. Иако Тотенхем покажа одредена борбеност во второто полувреме, тие ниту во еден момент не делуваа способни да го соборат водството на Палас.

За Кристал Палас ова беше ноќ на убедлив триумф. Тимот на Оливер Гласнер сега е на 13-то место со 38 бодови, со што практично го осигура опстанокот во Премиер лигата и може целосно да се фокусира на претстојните елиминациски натпревари во Конференциската лига.

На спротивната страна, иднината на Тотенхем е мрачна. Со само 29 бодови, тие се наоѓаат на 16-то место, само еден бод над зоната за испаѓање. Со оглед на тоа што Ван де Вен е суспендиран за гостувањето на Енфилд, а самодовербата на тимот е на нула, сценариото за испаѓање во втора лига за првпат по 1978 година повеќе не е само теоретска можност, туку реална закана.


Ѓоковиќ верува во ново враќање на Серена Вилијамс

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ верува дека Серена Вилијамс ќе се врати на турнејата.

  • Мислам дека ќе се врати. Не сум разговарал со неа, но мислам дека се очекува да се врати. Кога и каде, поединечно или двојки – не знаеме. Да бев на нејзино место, и јас би го чувал тоа во тајност. Сите се возбудени и дефинитивно е нешто што сите го очекуваат со нетрпение. Па ќе видиме. Вимблдон би бил добар избор. Би го избрал тоа како место за нејзино враќање, но не знам. Мислам дека таа би можела да игра еден или два турнира во пар со Венус. Љубителите на тенисот и јас би биле воодушевени да го видиме тоа. Таа навистина е една од најголемите спортистки. Би било одлично ако се врати, рече Ѓоковиќ на прес-конференцијата на Индијан Велс.

Американката има 44 години и се пензионираше по Отвореното првенство на САД во 2022 година.

Во текот на својата богата кариера Серена Вилијамс освои 73 трофеи, вклучувајќи ги 23 од Грен слем турнирите.


Реми на претпазливите Пелистер и Силекс на „Петар Милошевски“

Пелистер и Силекс одиграа без голови во дуелот од претпоследното 21. коло на ПМФЛ, но зад најнепопуларниот фудбалски резултат се крие сторија за два различни стратешки обиди и два различни начини да се оди кон победата.

Домашните оптоварени од психолошката важност на мечот кој има свое влијание во борбата за опстанок, фрлија сѐ на картата да направат почетен притисок и да постигнат брз гол со кој би го скршиле отпорот на гостите, за кои овој меч не носеше посебна резултатска мотивација. Сосема спротивно, тие покажаа сила да одолеат на првичниот притисок, а во вториот дел ја преземаа иницијативата и почнаа да создаваат шанси за гол.

Во првиот дел два сериозни обида за домашните имаше Булатовиќ, првиот пат со глава, а вториот по асистенцијата на Бошковски, но непрецизно. Ангелевски се обиде соло продор, но успеа да изнуди само корнер по шутот по средина на шеснаесетникот.

Васоски направи повеќе измени во вториот дел и Силекс „живна“ заканувајќи се сериозно во 62 минута, кога Мирчевски имаше ситуација да го отвори резултатот, но голманот Јовчевски покажа и храброст и зрелост, па со својата интервенција ја сочува мрежата. Теренската иницијатива донесе нова шанса во 82 минута, кога Мигуел Пиреш во опасен контра напад продолжи сам очекувајќи пенал поради парадата на Јовчевски, но факт е дека на спротивната страна имаше слободни соиграчи кои можеа да реализираат.

Битолчани успешно парираа на уште еден тим од „големата четворка“, за разлика од претходниот дуел со Шкендија во Тетово, изостанаа шансите во второто полувреме. По корнерот на Србијанац еден непрецизен удар на Керим само измами воздишки, а исто така и едно успешно проигрување од Гроздановски во 84 минута остана без соодветна реализација. На самиот крај, Силекс изнуди неколку корнери, но изостанаа шансите за гол.

Силекс со овој бод го зголемува своето салдо на 39 поени и останува на четвртата позиција, десет бода оддалечен од Башкими кој е предводник на групата тимови со приближен број бодови како нив. Пелистер со 21 поен останува на третата позиција од дното на табелата, со Македонија ЃП и Арсими како директни ривали во борбата за опстанокот.

Во 22 коло Пелистер ќе гостува кај Тиквеш, додека Силекс е домаќин на Вардар.


Триумф на Шкендија во дербито со Вардар за уште понеизвесна трка за титулата во ПМФЛ

Екипата на Шкендија со иста мера му врати на Вардар за поразот од есенскиот дел. Попладнево во дербито одиграно на тренинг центарот „Петар Милошевски“, тетовскиот тим триумфираше со 0:1, и му го нанесе првиот пораз сезонава на скопскиот тим. И, она што е најважно, уште повеќе му се доближи на табелата, односно разликата сега се „стопи“ на само еден бод. Шкендија, пак, продолжи со победничката серија во пролетниот дел од првенството, триумфирајќи на сите одиграни натпревари досега.

Стартот на мечот мина во почетно испитување на силите, со многу внимателност и повеќе како да не се прими, отколку да се постигне гол. Така играта главно се одвиваше на средината на теренот, со многу борба од двете страни и цврстите одбрани не дозволија да се развива некоја посериозна акција.

Првата посериозна шанса ја имаше Трумчи, откако во 32. минута шутираше од непосредна близина, но Талески успеа да одбрани.

Вториот дел почна со шанса за Вардар. По една нафрлена топка од Закариќ, во мешаницата на петерецот Матиќ се најде во добра позиција, но немаше реализација затоа што Гаје реагираше.

Во 66. минута Шкендија поведе. Одличен противнапад на гостите од Тетово од левата страна Ибраими додаде до Љатифи, кој од прва го совлада Талески и донесе водство за актуелниот првак.

Се играше 78. минута кога Љатифи можеше во голема мера да го реши прашањето околу победникот, излезе сам пред Талески, но голманот на Вардар одлично одбрани.

Четири минути подоцна уште една шанса за Вардар. Данев упати опасен удар, голманот на Шкендија Гаје успеа со крајни напори да одбрани.

Ибраими во судиското надополнување имаше прилика, наместо да проигра се реши на удар, и Талески одбрани.

Вардарци се обидоа во финишот од неколку прекини да дојдат барем до израмнување, но на крајот Шкендија успеа да ја сочува мрежата и да дојде до победата.